„Индексот на трошоците на животот во јануари 2023 година, во однос на јануари 2022 година, бележи зголемување од 17.1 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 13.3 %.“ (https://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?rbrtxt=39) е последната реченица од првото соопштение за цените во 2023 година од Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија. Тоа е ептен интересна информација за завршување на овој февруарски вторник, инаку пазарен ден во Битола и веројатно во некои други градови низ Македонија.
На сајтот на Агенцијата за храна и ветерина на Организацијата на Обединетите Нации (ФАО – ООН) (https://www.fao.org/worldfoodsituation/foodpricesindex/en/#:~:text=Release%20date%3A%2003%2F02%2F,it%20reached%20in%20March%202022.) може да се забележи дека цената на храната на светско ниво постојано опаѓа по низата на поскапувања предизвикани поради империјалните војни во Украина, Блиски Исток и насекаде низ Светот каде што се јавува потреба за војна заради профитните интереси на големите капиталистички центри на моќ.
Во оваа држава Владата веќе неколку пати донесе низа на одлуки за да ги потпомогне капиталистите да ја намалат или барем да ја задржат цената на храната (https://vlada.mk/node/30451) преку финансиска помош за енергенсите, но до сега ниту еден здраворазумен човек не можеше да запримети дека цените останаа номинално еднакви на претходните или пак дека некои од цените и се намалија.
Сумирано со други зборови цената на храната на светско ниво опаѓа можеби полека, но сигурно, додека цената на храната во Македонија расте и брзо и несигурно. Да, можеби претходната констатација е прејака затоа што за разлика од пост-пандемиската поскапувачка цената на храната не расте толку брзоплето, но со сигурност може да се заклучи дека сите можат да си дозволат и квантитативно и квалитативно помалку и полошо отколку пред пандемијата.
Во сите овие споредби треба да се напуштат еднаш и засекогаш либералните идеали од 80-тите години на минатиот век кога претераниот консумеризам започна да владее насекаде низ Светот и да се обрни внимание кон здравите и разумните навики на консумирање на сите продукти, особено на храната затоа што на многу места низ Светот има недостаток на питка вода и храна, но постојаниот раст на профитот на неколку капиталисти нема доволни шанси да ја зајакне идејата за рамномерна распределба на ресурси.
Голем дел од постојаното поскапување на основните прехрамбени производи кај нас се должи на недоволниот јавен притисок до власта (политичката и економската) да се направи каква-таква минимално одржлива стратегија за решавање на горливите проблеми поврзани со храната кај нас. Тоа укажува дека поскапувањето не погоди некоја критичка маса на незадоволни работници кои не сакаат повеќе од половина плата да ја трошат исклучиво на храна и дека можеби апатијата и летаргијата, безнадежноста дека нешто ќе се промени моментално владеат во нашето општество.
Инфлацијата ја изеде платата како што некој го крка профитот.
Никола Шиндре
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.