домаСтавТеодор Петковски: „Со што се соочува младиот работник во денешницата?“

Теодор Петковски: „Со што се соочува младиот работник во денешницата?“

Јас лично мислам дека многу од корпорациите го перцепираат младиот работник како лимонче. Како лимонче на кое тие ќе му понудат цедалка. Корпорациите бараат и им требаат сѐ помизерни млади работници за остварување на своите тесни бизнис профити. Корпорациите се тие на кои треба да им се стапне на опашката. За да излеземе од мизеријата треба да се осврнеме кон себеси и да излеземе од улогата на жртва која е типична појава во македонското општество, дека на сите им е лошо т.е. најлошо, додека оние на кои навистина им е лошо не можат да дојдат на ред од оние што постојано се жалат за сѐ.

Мора да престанеме да глумиме жртви лично за себе, а потоа и за да не можат да нудат минимални плати за максимален труд. Корпорациите се виновни, но јас би додал дека се виновни тие во власта што се протнати кај нас под името „странски инвеститори“  да стопанисуваат со пазарот на трудот во Македонија. Младите работници се ранливи од гледна точка на нивните работнички права. Работат без договорот за работен однос да им е потпишан, работат без никакви елементарни услови и без задоволени работнички права.

Младиот работник мисли на бегање од државата. Како да избега оттука. Како да се спаси оттука. Можеби ќе оди на подобро, можеби на уште полошо. Младиот работник се коцка со сопствената судбина. Младиот работник мисли на утре. Како ќе го помине денот утре. Младиот работник мисли на своето психичко здравје и на своите предизвици. Младиот работник мисли на Господ и како тој ќе му помогне за да прекрпи ден. Младиот работник мисли на тоа што ќе јаде утре и каков ќе му биде животот ако се опушти малце. Социјалните и работничките  права не се задоволени кај младиот работник. Младиот работник се чувствува изолирано и осамено. Често со психолошки предизвици и проблеми.

Хаотично е да се биде млад работник, имаш борба пред себе со која треба да се избориш за да ја одбраниш. Од младиот работник се бара премногу, а го ценат премалку. Денешното болно општество го оболува младиот работник и системски му наметнува како да се однесува и да го индоктринира. Да се биде млад работник значи да се помириш со фактот дека нема да имаш секогаш пари да си дозволиш патики, фармерки и ќе штедиш. Штедењето ќе ти стане животен стил.

"Women in the Changing World of Work: Planet 50-50 by 2030- FYR Macedonia" by UN Women Europe and Central Asia is licensed under CC BY-NC 2.0.
“Women in the Changing World of Work: Planet 50-50 by 2030- FYR Macedonia” by UN Women Europe and Central Asia is licensed under CC BY-NC 2.0.

Културно младиот работник е осакатен поради немањето простор каде да се изрази неговата креативност, изумрените друштвени игри како билјард, пикадо, шах, табла, куглање кои се исто така резултат на асоцијалните медиуми. Му недостигаат на младиот работник друштвени кафулиња или познати како играчници, како на времето рингишпил, билјард, електрични автомобилчиња што се удираат. Ете баш тоа му недостига, социјализација. Треба да научиме како е да се живее со доволно средства.

Општеството е болно и ние треба да размислуваме многу на микро ниво за да разбереме каде точно згрешивме. Капитализмот е основната причина младиот работник да се чувствува изнемоштено и тажно. Одземањето на слободното време преку додатна работа на празник е најподлото нешто што може системот да го направи и секогаш има внатрешен глас којшто вели „ќути, може и полошо“ наспроти оној глас што треба да вели „бори се, може и подобро“. Може секогаш да биде полошо во Македонија, но ајде да се избориме да ни биде на сите подбро. Да бидеме критички настроени и да мислиме на утрешнината и на нашите идни поколенија. Во каков свет сакаме тие да живеат? Свет на мачење и страдање, или во еден добар и исправен свет. За сѐ ова потребна е инвестиција и притисок до власта со секојдневни протести и граѓанска непослушност. Немањето слободно време е резултат на асоцијалните медиуми кои го држат младиот работник анксиозен и под стрес.

Само со притисок се доаѓа до промени. Оној којшто не учествува во настаните на сопствениот град не е добар, туку е лош граѓанин. За да се биде добар граѓанин треба да се тргне на индивидуално ниво од нас самите, да почнеме да се запрашуваме за нашите постапки кон себе и кон природата, како го трошиме слободното време и сл. Најлошата мантра е онаа „гледај си за себе“ во која од младиот работник прават егоист. На капитализмот му се потребни што е можно повеќе егоистични работници за да може да успее. Да не дозволиме да влијаат врз нас и врз нашето здравје. Да бидеме здружени и единствени. Сѐ ова звучи добро на хартија, но во пракса е тешко и бара работа и труд. Трудот што ќе го вложиме еден ден ќе се исплати затоа што нема веќе да бидеме експлоатирани работници.

Младите работници на минимална плата се трудат да опстанат и работат премногу за таа плата да ја остварат и си го губат здравјето. Но заработката е во тоа да се троши онолку колку што ни е доволно за живот, а не да ги фрламе парите како да растат на дрво.  Ако сакаме да останат младите во Македонија потребно е стратегија како да се стимулираат со подобар живот отколку во странство. Стратегијата е едноставна, во суштина сите знаеме што ни е потребно за подобар живот во Македонија, патишта, болници, институции, образовни установи, реновирани од внатре и без партиски кадар, сѐ ова е тешко да се постигне во општество на ситна корупција. Останува дека подобро утре без да жртвуваме од комодитетот не е можно. Треба повисока минимална плата, здравствена сигурност, социјална заштита, програми за најранливите. Треба да има вакви програми што навистина ќе се реализираат што поскоро. Би додал дека тие програми треба да бидат достапни и за најранливите.

"grocery aisle" by Consumerist Dot Com is licensed under CC BY 2.0.
“grocery aisle” by Consumerist Dot Com is licensed under CC BY 2.0.

Нам ни е потребна зголемена употреба на велосипеди за да се намали сообраќајниот хаос настанат во градот на семафорите и сообраќајот дизајниран за повеќе возила отколку велосипеди. Можеби најмногу можеме да се спротивставиме на капитализмот ако почнеме да користиме велосипед. Таа навидум мала промена може да направи големи пореметувања во автобизнисот. Да гледаме на велосипедот како единствено транспортно средство. Само тогаш ќе видиме вистински промени, кога ќе го зголемиме нивото на велосипедисти на улиците бидејќи со тоа ќе ги паднеме профитите на бензинските пумпи и со тоа автоматски ќе им се зададе удар и на нивниот капитал. Затоа тие се плашат од вакви прогресивни идеи кај младите работници и се трудат да ги задушат сите медиуми што независно известуваат. И најмалите прогресивни идеи се проблем за крупниот капитал.

Младите работници се соочуваат со низа предизвици и таквиот живот може да ги направи само посилни и поуспешни. Мирно море никого не го направило капетан. Капетан се создава во диви води. Нека тече водата низ нашите штици од палубата на нашиот брод на младоста. Младиот работник успева да се носи покрај сите борби на психолошки и социјален план со ограничени ресурси и можности во услови во кои секој друг би се запрашал дали е ова вистинскиот пат за него. Предизвик е да се биде млад работник во ова општество и тоа искуство би му помогнало на секој да стане појак и поцврст во своите верувања и ставови. Од калта настанува дијамантот. Во оваа прилика сакам да испратам еден огромен поздрав за поддршка до секој оној здравствен работник кој со години волонтирал за да дојде до сегашната работа бидејќи здравствениот систем ни е на колена, систематски ни е уништен со недостаток на млад и квалификуван кадар. Насекаде се случува ова бидејќи навистина младите не можат да дојдат до платена работна позиција и бидејќи многу од нив се во незавидна ситуација.

Испраќам поздрав и апел за поддршка за сите оние кои работат за минималец и кои го живеат животот покрај сѐ, од пот и од труд. Да упатиме и морална поддршка за сите оние кои покрај личните, работат и со туѓи проблеми и таква им е природата на нивната работа. Младите работници се обединети во својата судбина која не е едноставна за живеење. Во услови на одливање на кадар и недостаток на млади кои ќе ја вршат работата можам да потврдам дека лесно се наоѓа и лесно се губи работа во вакви услови. Младите работници треба да сфатат дека сепак ова се убави времиња кога може да се бира што ќе се работи. Во секое лошо има и по нешто добро. Посакувано е подобро општество за сите нас зашто ние го заслужуваме сѐ тоа. Секој мал чекор е чекор, но може и да направиме чекор назад во личниот напредок.

Сакам да додадам дека сакам да ја искористам колумнава за сите знајни и незнајни херои на денешницава кои се борат со сите предизвици на патот да станат чесни граѓани и да живеат од сопствен труд и пот. На крај, сакам да понудам решенија како да се заштедат пари при купување. Младиот човек, треба да почне да штеди. Ако сака да преживее со минималец ќе треба да внимава на што ги троши парите. Дали ги троши на трајни добра или на производи за еднократна употреба. Тегла ајвар или слатко чини околу 150, 200 денари, но од нејзе може да јаде два до три денови, цедевитата чини околу 200 денари, но со едно пакетче цедевита се заштедува на 4 шишиња кока кола, кикирики и салеп може да се купуваат почесто зашто се поевтини, а имаат хранлива вредност. Здравата храна е поефтина. Нездравата е поскапа, чипсовите и грицките се поскапи.

Младиот човек исто така често скрола па затоа нема слободно време, треба да престанеме да скроламе и да ги уклучиме мозоците и да почнеме оттука, од самите себеси. Нам ни треба ова да се случи веднаш и сега, во спротивно исто однесувње ќе ни донесе исти резултати. Ако сакаме да ја погодиме целта мораме да го насочиме топот подесно и да се обидеме да пукаме повторно. Нема откажување. Животот е подарок, животот е како торта, не можеш да ја имаш и да ја јадеш во исто време – ти одлучуваш што ќе правиш со овој подарок. 

Теодор Петкоски

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.

Теодор Петковски
Теодор Петковски

Теодор Петковски е долгогодишен активист и вљубеник во странските јазици. Зборува неколку странски јазици меѓу кои најистакнати се албанскиот, грчкиот и португалскиот покрај англискиот и балканските јазици на различни нивоа на течност. Албанскиот нему му е најголема сатисфакција што го научил и по тоа е познат. Од мали години бил активист во движењата против полициска бруталност, Анима мунди, Студентски пленум, Солидарност и други лево ориентирани организации и голема поддршка дава за социјалниот центар „Дуња“. Негова најголема животна желба е да стане преведувач кога ќе ги заврши студиите. Тој е работник, чесен, ведар, искрен и со борбен дух. Се бори со околностите и за себе вели „јас не се откажувам, немој ни ти!“.

RELATED ARTICLES