домаИнтервјуАмра Исмани за младиот креативен работник

Амра Исмани за младиот креативен работник

Портрет на Амра Исмани од Лирим Хоџа
Портрет на Амра Исмани од Лирим Хоџа

Албанска верзија / Versioni shqip

Приказната започнува со четиринаесетгодишната Амра која избира да учи моден дизајн за да може да се образува за својата идна кариера. Фокусирањето на хронолошките и стилските случувања во модата ѝ помага да ги пронајде сопствените концепти во дизајнирањето облека, но недостатокот на практичното знаење значи дека таа никогаш не може да ги преведе дизајните во реалноста. Така таа го избира своето следно училиште, Меѓународниот институт „Изет Цури“, институт главно фокусиран на традиционалните техники на шиење, каде што ги развива своите вештини за правење шаблони и шиење. Таа дипломирала на Институтот за историја на уметност на Филозофскиот факултет при УКИМ и го користи ова поле како постојан извор на инспирација. Водена од премисата дека облеката е подложна на телото, таа започнува да создава модерна, мултифункционална облека претставена под етикетата „ARMA“, основана во 2016 година.

Интервју со Амра Исмани

Никола Шиндре: „Амра Исмани е дипломиран историчар на уметност и работи како кустос во Националната галерија. Македонската јавност пак, ја знае како дизајнер позади брендот „ARMA“, препознатлив по свилените материјали што ги користи за изработка, удобните парчиња облека и интелектуалниот пристап кон модата.

Изучувањето на уметноста подразбира теориско знаење, историско помнење во однос на развојот на уметноста и познавање од праксата – односно од тоа како може да се примени уметноста. Вие имате некакво искуство од сите овие аспекти. Што е тоа што најмногу Ве предизвикува да се занимавате со уметност на каков било начин?“

Амра Исмани: „Во светот на уметноста ме доведе модата. Некогаш во улогата на Беатриче, а некогаш во улогата на Виргилиј, таа ме водеше низ „рајот“ и „пеколот“ на уметноста. Изучувањето на историјата на уметноста на почетокот беше само еден многу богат инспиративен извор кој ми служеше во концептуалниот дел на креирање облека, но таа набргу стана еден од моите главни интереси покрај модата.

За разлика од модата, каде што најзначаен елемент е крајниот резултат, т.е. парчето облека кое се создава, теоријата на уметноста ме предизвикува поради фактот што таа ги открива „тајните“ кои се кријат под површината на уметничкото дело, од симболичкото значење на претставените форми, фигури и елементи, политичките и социјалните услови во кои тоа дело е создадено се’ до психолошката и емотивната состојба на уметникот кој го создал истото. Од друга страна пак, во практичниот дел на историјата на уметноста, слично како и во модата, кустосот претставува медијатор чија работа е мост кој ги поврзува публиката и уметникот. 

Точно е дека модата не е уметност, таа претставува еден комплексен мозаик составен од многу коцки во чие централно место се наоѓа уметноста, без која таа не може да постои.  Тоа мало парче уметност во центарот на модниот мозаик беше сосема доволен да ме поттикне да ја истражувам таа врска која ги поврзува овие два света, активниот свет на создавање мода и контемплативниот свет кој ги открива тајните кои се кријат под површината“.

Н. Ш. Облеката е важен дел од секојдневниот живот на човекот. Без разлика кој колку може и сака, сите на некој начин се изразуваат преку облеката. Дизајнерите се изразуваат преку изработката. Што според Вас е важно за да може едно парче облека да се нарече убаво?

А. И. It is only shallow people who do not judge by appearances, вели Оскар Вајлд. Не се согласувам потполно, но факт е дека облеката е еден вид невербален јазик преку кој свесно или несвесно, се изразуваме и комуницираме со другите околу нас. Дизајнерите пак, слично како и уметниците, личните ставови ги изразуваат креирајќи дело преку кое пренесуваат одредена порака до публиката кое е резултат на нивното бескрајно трагање по убавото.

Сметам дека убавото е субјективен вкус, но истовремено мислам дека постојат некои објективни елементи кои се одлика на едно „убаво“ парче облека, кои се однесуваат пред се’, на нејзината техничка изведба. Знаејќи дека вкусот е субјективен, естетскиот елемент на облеката ќе го оставам настрана (засега), и велам дека убавото парче облека треба да биде совршено конструирано, изработено од квалитетен материјал, прецизно сошиено и секако, (иако оваа точка не се поврзува директно со визуелниот, видлив дел на облеката) таа треба да е создадена во фер и етички услови.

Н. Ш. Друг аспект на облеката денес е консумеризмот. Постојаното купување нова, а неквалитетна облека создава претерано големи депонии насекаде низ светот. Како да се избере најубавото парче облека за да може еден човек да го носи подолго и да изгледа поубаво?

А. И. Прекумерното купување облека, е резултат на „брзите“ сезонски трендови кои потрошувачите ги „принидуваат“ да купат нови парчиња облека секој месец, која по еден краток период или ќе се уништи (поради лошиот квалитет) или ќе треба да се замени со ново парче од новиот тренд. Всушност овие привремени модни треднови се најопасниот дел на брзата мода, која негативно влијае не само врз нашата животна средина туку и кај луѓето, особено тие што се вклучени во процесот на изработка на овие парчиња облека.

Токму поради овие причини се јавува slow-fashion, или одржливата мода чија цел е да создаде безвременска облека која постои надвор од тековните трендови и е создадена од природни материјали кои не се штетни за животната средина. За да се редуцира деструктивното дејствие на модата, дизајнерите се обврзани да создаваат одржлива мода додека од друга страна консументите би требало да го послушат советот на Вествуд: Buy less, choose well, make it last.

Покрај елементите кои ги наведов во претходниот одговор, како одлики на едно убаво парче облека, (третирајќи ја изолирано само облеката) сметам дека убавината на облеката во реалниот живот лежи и во нејзината релација со носителот, т.е. личноста која ја носи истата. Оттука може да се извлече и одговорот на прашањето, како да се избере најубавото парче облека. Мислам дека облеката не е само декоративен елемент па затоа, според мене, најубавото парче облека е тоа што претставува материјализација на мислите и ставовите на личноста што ја носи истата, значи облеката која му одговара на неговиот карактер и неговиот животен стил.

Н. Ш. Народните носии од Балканот по Втората светска војна брзо биле исфрлени од секојдневна употреба и денес можат да се видат како експонати, а многу ретко како облека што некој ја носи. Како тој прекин влијаел врз начинот на облекување?

А. И.: Како што знаеме, политичките и социјалните промени јасно се отсликуваат и влијаат во уметноста и модата на одреден период. Оттука и промените во светот на модата се честопати реакција на одредени општествени промени на едно одредено место и време. Периодот на Првата светска војна ги промени улогите на жените во општеството што доведе до потреба за поинаков вид мода. Кога мажите заминаа да се борат на фронтот, жените ги презедоа нивните работни места во фабриките, канцелариите и фармите. Затоа женската облека во тој период се симплифицира и станува попрактична.

Од друга страна пак, како реакција на ужасите на Втората светска војна во уметничката сцена се јавува апстрактниот експресионизам кој се темели на создавање уметност инспирирана од архаичните универзални симболи кои резонираат со целото општество (humanity).

Оваа потреба за откривање универзални елементи кои го обединуваат целото општество заедно со општествените промени ќе доведат до исфрлување на традиционалната облека од секојдневниот живот, и прифаќањето на „западната мода“ не само на Балканот, туку и во источните земји како што е Јапонија.

Меѓутоа, традиционалната облека е богат извор на инспирација која може да се користи за создавање современа облека. Особено е значаен еколошкиот елемент присутен во процесот на изработката на традиционалната облека, природните материјали, природните пигменти кои се користат во процесот на фарбање на истите и секако нивната рачна изработка, кои се потребни за создавање на едно современо парче облека по принципите на одржливата мода.

Н. Ш. Кај помладата популација се забележува едно напуштање на тоа што се нарекува конвенционално облекување, па често се гледаат различни видови фризура, облека, обувки… Како ќе се развива облекувањето од аспект на практичноста и убавината во иднина кај нас?

А. И.: Насоката на која ќе се развива практичноста и убавината на облекувањето зависи од многу надворешни фактори кои најчесто се непредвидливи. Иако во светот на трендовите „иднината“ е секогаш предвидена, за реалниот свет не вреди истото правило. Но може да кажеме дека подемот на „неконвенционалниот“ стил, како резултат на субјективниот вкус на помладата популација која само делумно ги прифаќа тековните трендови не’ насочува кон иднина во која преовладува индивидуалниот стилски израз. Се чини дека за помладите облеката нема само утилитарна функција туку таа е изразно средство преку кое тие ги изразуваат личните ставови и својата/нивната дефиниција за убавото.

Н. Ш. Занимавањето со уметноста, културата и дизајнот е тешко во земјите каде што луѓето немаат доволно можности за да можат да издвојат време, финансиски средства и енергија за тие намени. Но, Амра како е да се работи во овие дејности и покрај сите препреки?

А. И.: Калил Џибран вели дека убавината не е потреба, туку екстаза, а јас мислам дека покрај сите тешки услови и препреки луѓето секогаш ќе најдат време за да ја доживуваат таа екстаза и да побегнат од реалноста. 

За мене, како креатор, убавината е во процесот на создавањето на едно парче облека, и тоа е мојата екстаза од која не би сакала да се откажам, и покрај сите препреки. Но надвор од мојот „романтизирачки“ став кон креативниот процес, особено задоволство е чувството кога една идеја се преведува во реалност, во парче облека која станува дел од животот на една личност и ѝ служи на истата.

Н. Ш. За крај што би им препорачале на младите дизајнери кои сакаат да се изразуваат и да придонесат кон убавината на тој кој ќе сака да купи некое парче облека од нивната модна линија?

А. И.: Ако облеката која ја креираат, ја третираат како изразно средство, тогаш е неопходно да создадат нивен визуелен јазик со кој ќе ја постигнат таа цел. Единствениот начин за создавање на тој личен пристап е преку изучувањето на другите, постоечки стилови, значи, преку изучувањето на историјата на модата и карактеристичните пристапи на значајните модни креатори. Покрај експресивната природа, облеката сепак е утилитарен предмет, кој треба да биде функционален и практичен па затоа изучувањето на моделарството и кроењето се исто така неопходни. Моделарството ќе им помогне да ги постават границите помеѓу возможното и невозможното, граници кои го насочуваат и самиот креативен процес.  

Како што веќе споменавме, убавината на облеката зависи од неколку фактори: нејзиниот крој, користениот материјал и колку прецизно е сошиена истата. Но убавината на тој/таа што ја носи, не зависи од таа облека туку од тоа колку истата му прилега на неговиот карактер. Ако веќе некој решил да купи некое парче облека од нечија колекција, тоа значи дека тоа парче облека се совпаѓа со нивната дефиниција за убавото и веќе постои хармонија помеѓу таа облека и тој што сака да ја носи истата. Единствениот чекор кој дизајнерот треба да го преземе во тој случај за да се постигне апсолутна хармонија е да го модифицира парчето облека според конструкцијата на телото на тој што сака да го носи истото.

Подолу можете да погледнете дел од делата од колекциите на брендот „ARMA“ на Амра Исмани.

RELATED ARTICLES