домаКолумниМариглен Демири: „Може ли повторно да се зборува за револуција?“

Мариглен Демири: „Може ли повторно да се зборува за револуција?“

Фотографија од Советската Работничка Револуција од 1917 година
Фотографија од Советската Работничка Револуција од 1917 година

Се чини дека доста досадни станале текстовите поврзани со Револуцијата (со големо или со мало Р), земајќи предвид дека во нашата култура на отпор, особено во поновата генерација на создавање структури и организации кои ќе се обидуваат да го попречат протокот на приказните на надргадбата и структурно ќе се организираат и ќе се вмрежат со базата. Историјата на т.н. македонска левица, необврзувајќи ја строго со етнонационалниот елемент, имаше обиди да ги зачини погореизнесените амбиции за една различна комуникација од партиите и организациите на граѓанската филозофија и буржоаско општество пред се’. Тие обиди на некој начин зацапаа во дневно-политичкиот ориентир токму на општеството и државата, која според првичните амбиции на овие движења и организации требаше да се надмине.

Делови од организациите кои се повикуваа на т.н. леви (социјалистички и комунистички) погледи и амбции, стимулирани од т.н. „реален“ политички сектор, од базата чија главна политичка содржина е лумпена, а политичките теми, но и политичките иницијативи чии крајни исходишта се економските капиталистички интереси, дисеминирани од „горе“, завршуваа во логичкиот трансфер на опортунизмот и пасивноста. Секој од овие елементи прифатен во својата номинална вредност. Сите ние накрај, кои ја стишивме борбата до ниво на пишување колумни, го прифативме граѓанскиот процес на кротење не само на себеси, туку и на организациите. Тоа според Киркегор е стадиум на етиката, на пресметливоста, а според Маркс е малограѓански живот,

Други делови, повикани од духот на vox populi, со доста месијански карактеристики, дневната политичка шема стана компасот кој ќе ги води политичките битки. Македонскиот контекст е доста сложен кога се анализира низ економско-политичките и историски собитија, особено во последниве 30 години, меѓутоа кога се анализираат доминантните референци во дневно-информативната и политичка комуникација, стануваат доста површни и пред се’, провидни. На крај, наједноставната архимедова точка за политичка комуникација и борба станува, онаа која „не’ учеа на школо“, патриотизмот и националниот агенс.

Појавата на структура која ги преживеа бродоломите на граѓанското-буржоаско општество со сите правно-политички нанеси на континуирани проектирани парадокси, во форма на организација и социјален центар (Дуња), задава една иницијативност на елан за борба и за нужност на враќање на идеите на Револуцијата со големо Р. Овој пат, сите ние, особено другарите и другарките кои се директно ангажирани во овие обиди за структурни поместувања, нема да паднеме во патетиката на памфлетите и паролите, ниту пак во свирепоста на политиката, отуѓувањето и потребата за популарност.

Во минатото, кога самиот бев еден од директните протагонисти на протестни движења, секако без етнонационална инспирација, затоа што верувам дека сите националистички задоени пропоненти, кога и да зборувате со нив, ќе изразат длабоко незадоволство и антагонизам кон другата национална/етничка заедница, токму затоа тој бинарен антагонистички елемент не сум го преферирал и на сметка на тоа сум претпочитал друг однос. Некогаш многу понаивен и помлак, реалитет мислен во рамките на т.н. граѓанско општество, некогаш поконфронтирачки и класен. Овој последниов е задачата на левицата, која не перформира левичарски активизам низ академски флоскули и досадни предавања чија перспектива, било со пролетеријатот, било со лумпените не е ни малку заедничка. Од друга страна, т.н. партија со лев предзнак, во безидејност за приближување на перспективите на работниците, особено лумпените, затоа што бројката на пролетери во државава е доста мала, ја одбира стратегијата на веќе создадената традиција на национален агенс, кој се повикува и на наследство на пост-АСНОМ митологија и на различни десничарски убедувања особено во однос на замислата на Македонската нација и нејзините непријатели.

Пишувајќи текстови, мои осврти за поимот на Револуцијата, со цел ентузијазам за истите да се оригинални и да не се совпаѓаат со веќе референтните автори на социјалистичката, комунистичката и генерално левичарската теорија, наидов на некои осврти кои мислам дека делимично треба да стојат и да се прегледаат од оваа историска гледна точка. Тие текстови беа полни и со доста заблуди, поради компромисноста на моментот во однос на активизмот, меѓутоа, сега се обидов да го исчистам тој компромис и да го пренесам во една различна форма.

За револуцијата

Покрај дегенрацијата на поимот на Револуцијата, од марксистичка во либерал-граѓанска форма, марксистите веруваат кога станува збор за радикалниот рез кон историјата како субјект во политичка и економска смисла, и сите односи градени и следствени од таа генеричка историска ситуација, претставува револуција. Историјата со воспоставените општествени и политички, а пред се’ економски дисеминации претставува своевиден субјект, а во тој субјект врутокот на неговото создавање е економското создавање како такво. Всушност, марксистите, ја следат филозофијата на Хегел од Наука на логиката, дека светот настанува, а со тоа и се менува, всушност тој се развива. Капитализмот тука ја има категоријата на воспоставен историски субјект, а оваа категорија во номиналната своја дефиниција значи „начин на производство“, каде т.н. слободен пазар (според која било прифатена дефиниција на слободата – политичка или економска), е само дел од тој начин на производство и дел од дефиницијата на капитализмот, но не и самата дефиниција на капитализмот. Оттука, смешни, залудни, на моменти и недомислени, (моралните „лидери“ во нашето општество ќе  речат дека дури станува збор за неписменост – писменоста е извор на еманципацијата, класично граѓанско-либерална дефиниција) се обидите на ваквата дефиниција на т.н. либерартаријанци и нивните ментори.

Коперник прв го употребува овој поим (Револуција) во својот хелиоцентричен труд De revolutionibus orbium coelestium, а суштинското значење му е враќање на почеток (Re-Volvo). За Кант таа претставува соединување на слободата и природата. Може да се додаде и соединување на теориското и практичното. Со тоа, Револуцијата значи нов почеток на светот, па дури и на една партиција на светот што ќе блесне и ќе ја прекрши химерата на ропството и јаремот.

Уметнички приказ на револуцијата на Земјата околу Сонцето
Уметнички приказ на револуцијата на Земјата околу Сонцето

Марксистите веруваат дека кога историјата е во рацете на капиталистичкиот начин на производство, субјектот во својата срцевина претставува субјект дефиниран во сите структурни расположби според оптималната производствена организација, но не само во однос на т.н. база, туку и во однос на т.н. надградба, односно културата, дневната политика, секојдневниот живот, националните прашања и сите „супстанцијални“ и идентитетски политички раскази кои ни се на располагање секојдневно. Затоа се и смешни сите т.н. активистички парцијализирани борби кои дури и своите идентитетски филозофии ги темелат на капиталистичкиот начин на производство и организација на општеството, комуникацијата, медиумите, образованието и едукацијата, накрај најсмешно и најбеззабо: еманципацијата.

Во таа насока, за да се направи револуција, треба да се пресече историскиот субјект, всушност начин на производство (од економскиот начин, па се’ до сите други начини на производство) и дотогашниот субјект (капиталистички со сите опашки – националистички и идентитетски импотенции) да биде победен од страна на дотогашниот објект, кој следува како пасивен одраз на реалитетот, а тоа е пролетеријатот, кој претходно би бил во форма на лумпен, задоен со сите прикаски на т.н. национална митологија, човекови права, односно сите можни идентитетски политики кои се во оптег во последниве 30 години. Значи објектот кој претходно бил објект, да го прекине преносот на содржина кој го пополнува и да се напои со нова содржина која ќе биде пред се’ борбена, агонистичка и хуманизирана во некои генерички категории, односно во економско-политички (марксистички), антикапиталистички.

Опишано со хегелијански поими (да ја задржам мојата филозофска доследност и занает), повесното (збид), а не историското, е примордијалната онтолошка категорија што од себе амплифицира вредносно, наративно и семантичко разногласие. Повесното воспоставува нови односи, додека историското само прилепува на себеси вредности и категоријални шеми со кои се вкалапува реалитетот во еден дискурзивен систем на постојното. Постојното ја гради политичката релација и политичкиот спектар, особено во односите со социо-економските и политичките партикуларитети. Постојното е одраз на занимавање со историјата, а не со повесноста, како превртување песочен часовник. Историјата е постојното, тек што е воспоставен и чии хипотези се претпоставуваат и се антиципираат; повесното го овозможува историското. Примерот со Никола Тесла и овозможувањето на новата историја да ги бележи и да впишува во неа, претставува достоен пример за да се заокружи поимната граница на повесното како фундаментално различно од историското.

На граѓаните им недостига Народ

Протестите кои ги организиравме како организации во минатото, пред да настапи „ерата“ на националните предавства и „промени“, често се однесуваа на оној дел од граѓанството кое влечело некакви класни привилегии од минатото, кое припаѓало на работничката класа, меѓутоа низ годините била асимилирана особено во политичкиот домен и „навлечена“ на либерал-демократските фетиши. Тоа граѓанство, полесно ги разбирало категориите на политичкиот модернистички и либерал-демократски конструкт, оттука и барањата често биле како апстрактни (слобода, човекови права) и политичко-правни (правна држава и владеење на правото, демократија, одзаробување на државата итн.). Главно, ова граѓанство гравитирало околу главниот град, Скопје, оттука и нивните фрустрации со прашања кои главно немале социо-економска карактеристика. Освен протестите по повод поскапувањето на електричната енергија во 2012 година (АМАН), останатите протести главно се однесуваа на т.н. среден слој, или средна класа и нејзините загубени привилегии и истите ги користеа логистичките привилегии, остварени, а подоцна изгубени, главно низ институциите на постоечкиот систем. Надвор од логиката на производството како што беше претходно нагласено. Паралелно на тие протести, (контра) протестираа други граѓани во поддршка на тогашната политичка партија на власт, кои имаа лумпен изглед, со национални фетиши. Всушност протестите беа надвор од ударната тупаница на поимот на „револуцијата“, иако во 2016 година, т.н. шарена револуција, алудираше на револуција, ама шарена.

Фотографија од протестите наречени Шарена револуција во Скопје во 2016 на Васко Џамбаски
Фотографија од протестите наречени Шарена револуција во Скопје во 2016 на Васко Џамбаски

Често се зборуваше за демосот, како оној слој кој одлучува, без притоа да се направи разлика со тоа што античките полиси го препознавале како лаос. Демосот, оној кој има статус да одлучува и кој волево одлучува, има значајна разлика од лаосот, оној кој најчесто е сфатен како џганот, како оној кој ниту има статус да одлучува, ниту пак има волја да го прави истото. Во денешен либерал-демократски контекст, тоа низ популистичкиот јазик може да се интерпретира и како елитите и народот. До 2016 година, голем дел од протестните активисти, оваа поделба ја префериравме и се обидувавме тој популизам да го всидриме во левиот политички блок. Испадна дека тоа е невозможно, затоа што сепак колку и да нуди либералната-демократија простор за промени, капиталистичкиот периферен производен однос нема никаква антитеза, а политичките промени се однесуваат само на дневниот-политички однос. 

Мариглен Демири

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.
Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.

Мариглен Демири е роден во Битола и работи како наставник по филозофија во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во Скопје. Бил основач и членувал во неколку организации („Ленка“ и „Солидарност“) и протестни иницијативи („АМАН“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“) во минатото, а од 2018 година е еден од уредниците на порталот „Гласник“. Посебно е заинтересиран за филозофијата, историјата и естетиката како подрачја во кои се одвиваат значајни политички односи.

RELATED ARTICLES