домаКолумниВаско Гичевски: „Бугарското негирање на македонството, во светлото на европските вредности“

Васко Гичевски: „Бугарското негирање на македонството, во светлото на европските вредности“

Знамиња на Република Северна Македонија и Република Бугарија - колаж

Оние кои се родени во независна Македонија, најголемиот дел од својот живот го поминаа во услови на негирање на нивниот национален идентитет. Секојдневие им беа лошите економски политики, аспирациите кон евроатланските интеграции, и сите жртви коишто требаше и се’ уште треба да се направат во име на светлата иднина. Но, колку тоа редефинирање е во суштина европски чин или барем чин на европски вредности во XXI век?

Веројатно зачудувачки е што дури и кога длабоко загазивме во XXI век, некој се’ уште да се бори и да се докажува дали воопшто постои како народ. Нашата македонска држава во последните три децении е постојано изложена на редефинирање и вообличување согласно туѓите мерки и пропорции. Споровите со кои се соочивме и со кои се’ уште се соочуваме се потполно илузорни и рационални. Од друга страна, ние усрдно се трудиме да им најдеме рационално и реално решение. Поинаку кажано, во една дискусија, едниот го негира постоењето на другиот, притоа и двајцата разговараат. Првиот иако дискутира воопшто не го признава постоењето на вториот, а вториот пак, усрдно се вообличува кон пропорциите на првиот со цел да го верифицира како реално битие. Вака разложена, ќе признаете навистина е сосема нереална ситуација! Првиот спор за името на државата заврши како правно и меѓународно верифицирана ирационална ситуација. Македонија го промени своето име, притоа го промени и називот на нацијата. За возврат доби челнство во НАТО и навестување дека вратата за ЕУ ќе се отвори. Но сепак пред портите на ЕУ има уште еден предизвик.

Знаејќи дека некако и ќе ја приврши отворената работа со Грција, Македонија во екот на своите фаталистички сни, реши пред време да ја осигура и обезбеди иднината на ЕУ интеграциите. Потпиша договор со Бугарија, кој релевантно беше потребен. Познавајќи ја историјата на нашите односи, беше лесно да се претпостави дека следна пречка која би ја добиле на патот кон ЕУ е Бугарија. Договорот, меѓу другото, беше и за нормализирање на односите. Односите меѓу Бугарија и Македонија секогаш се проблематизираат од политичките елити, единствено во контекстот на историските прашања. Никогаш меѓу Македонија и Бугарија не избил економски проблем. Во тој документ се изнесе модел дека ваквите измислени „проблеми“ ќе се решат доколку се согласиме дека имаме споделена историја, култура, јазик итн. Нешто што во научна смисла е нормално ако се земе предвид дека неколку векови сме биле во Османлиската империја, во два наврати Бугарија ја окупирала Македонија. Од друга страна, сепак сме и соседи, Балканци и Словени па така споделуваме многу.  По оваа логика, ние секако имаме споделена историја и култура со сите народи од трите континенти со кои владееше Османлиската империја. Тоа може лесно да се види, во исхраната, музиката, менталитетот, начинот на облекување, јазикот  и ред други нешта кои со текот на времето станале наши. Се’ ќе беше добро доколку се’ ова останеше на една здрава научна база. Набргу избија на површина опсенарските политики на десните национал шовинистички политички елити во Бугарија. Така, споделеното стана заедничко, а тоа пак, ултимативно се префрли во категорија „бугарско“. Бугарија користејќи ја и онаа минорна политичка моќ која и’ ја дава ЕУ, како награда за тоа да не се пресели во руската сфера, реши да и наметне на Македонија и нејзиниот народ еден смешен наратив. Македонија и нејзиниот народ биле вештачка нација, која волшебно настанала под магичните и семоќни зборови на Тито и Сталин. Заборавајќи дека сите нации настануваат, не паѓаат од небо. Заборавањето на фактот дека нациите настануваат, а не се вродени, е всушност најтемелна карактеристика на бугарката наука и нејзиниот суптилен став за примордијален национален идентитет.

Колку овој наратив е смешен може да се согледа ако се заврти приказната. Бугарија своевремено во почетокот на нејзиното национално будење имаше тесни односи со Србија, ја користеше и како база за наобразба на кадри и чети. Дури едно време во 60 години на XIX век ќе излезат и со желба да создадат една заедничка српско бугарска држава под власт на Обреновиќ. Замислете ситуација каде Србија е во ЕУ, а Бугарија чека пред авлијата. Србија гордо и силно им наредува „Вие не сте Бугари, вие сте дел од српскиот народ“. Како ви изгледа ова? Веројатно нереално, смешно и апсурдно. Тоа и е реалниот заклучок за целокупниот историски спор на Македонија со Бугарија. Сепак, вселената има крај, но глупоста на национал шовинизмот нема. Па така Бугарија изнесе и ултимативен став дека таа никогаш не била фашистичка земја, дека таа не депортирала евреи и дека таа не ја окупирала Македонија, туку ја администрирала. Првиот дел е релевантен, Бугарија немала официјална фашистичка партија на власт, но таа ги прима сите закони и принципи на управување на државата, карактеристични за Хитлеровата оска. Во тој контекст, со Законот за заштита на нацијата, ги депортира и македонските евреи. Окупацијата пак, сама по себе, е протиправен чин и тука нема што да се дискутира. Бугарија не ја освои Македонија, тоа го направија германските сили, но потоа бугарските војски и власти беа оние кои де факто ја окупираа (држеа под свое) и управуваа Македонија во период од четири години. Да напоменеме дека од бугарската фашистичка окупациона власт се иззема западниот дел на Македонија кој е управуван од албанската фашистичка управа. Македонскиот антифашизам денес се ословува како антибугарска идеја. Зарем фашизмот е бугарски бренд па така македонскиот антифашизам е антибугарска идеја?

Бугарија не остана мирна. Го оспори и темелот на македонската држава која се формираше во времето на социјализмот. Ја оспори, бидејќи тоа според мнозина прогресивни либерални ветрометини од интелектуалци, бил еден диктаторски режим, кој нужно создал недемократска држава. Тој конструкт и 30 години по смената на политичкиот систем е недемократска и нецивилизирана држава. Денес во современа Македонија се дава простор и на  полуписмени автори и со неизграден израз и однос кон пишувањето како дејност да шират омраза За жал декларираните бугари во Македонија најчесто своето демократско право на јавно мислење го користат да се стават во услуга на национал шовинистичките политики од Софија. Ги дополнуваат во омразата кон македонскиот народ. Се’ ова се случува во рамките на македонската држава! За жал, овие Бугари во Македонија, никогаш не напишале ништо за бугарскиот филм, книжевност, спорт, музика. Веројатно омразата и десните идеи им одземаат голем простор од интелектуалното битисување. Поинаку кажано, македонскиот народ гледа во Бугарија само еден нецивилизиран крволочен човек. Таа заслуга единствено може да им се препише на заблудените национал шовинисти и нивните лакеи. Од друга страна пак, во Бугарија, македонското население и покрај десетина пресуди од Стразбург нема право на свое организирање ниту право на свое гласило. Изгледа во Бугарија повеќе вирее живковата диктатура обландирана со методите на сталинизмот.  Кај нас пак,  вирее онаа интернационална култура којашто се создаде во Југославија. Со оваа политика можеби софискиот естаблишмент мисли дека работи на присилување кон прифаќање на нечии позиции. Реалноста е дека ова отвора поле само за дополнителен отпор. Дури од моја страна има благодарност, што ставовите на бугарскиот фашизам се толку јавни што не е потребно да се вложува додатен напор за на јавноста да и’ се огадат.

Каде е Европа во целата оваа приказна? Европа во суштина е во позиција на еден просветен апсолутистички монарх. Тој монарх знае дека Балканот има фатални аспирации за членство во ЕУ. Од друга страна, да се запрашаме, зошто му е потребно членството во ЕУ на Балканските земји, во најтесна смисла на Македонија? ЕУ значи фондови и пари, ние треба да ги земеме тие пари. За да ги земеме тие пари, треба да не’ примат во ЕУ, затоа нашата иднина е во ЕУ. Секому е јасно дека Македонија е периферијата на капитализмот, место каде што нема ни правда ни економија, ни образование ни здравство. Одлуката за членство во ЕУ, сигурно нема да е поради извонредниот економски, културен, образовен, општествен подем. Таа одлука ќе е политичка, како што беа одлуките за Романија и Бугарија. Само заради простата геополитичка потреба да не се стават во друг табор. Овие преговори, датуми и вета, во суштина се политика на индиректна контрола и наведување да се игра по нечија желба. Таа желба, сега е во суштина желба за да се остварат големите национал шовинистички и фашистички сни на бугарската политика. Неа пак ја користи ЕУ како јатаган, зад кој секако, стои француско германската политика, каде Балканот не треба наеднаш да стане дел од Европа (сепак тоа е Балкан, а ние „европјаните“ сме нешто друго).

Сумарно согледано односот на Бугарија кон Македонија е однос на една култура кон друга култура којашто според мислењето на првата не постои. Ваквите идеи и широко прифатени научни тези во бугарската држава се одличие на длабок антихуманизам. Воедно претставуваат и обид за оживување на историското право за формирање и постоење на државата. Накратко срочено, историското право е деветнаесетовековен модел на политичка експанзија.  Ако во една земја „научно“ се докаже постоење на култура, јазик и историја на трета земја, тогаш таа земја каде што се докажало тоа, нужно е да се смета како дел од онаа земја која ја има таа култура.  Сфаќања кои се далеку зад современите научни, дијалектички и хуманистички принципи на науката. Користејќи ги европските вредности како параван, Бугарија упорно се труди да протурка и реализира една мегали национална идеја. Оттука, спротивставувањето на софиските диктати е всушност најевропската работа којашто нашиот народ и политика може и треба да ја направи!

Васко Гичевски

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

RELATED ARTICLES