домаКолумниРуфат Јашари: „Токсичната врска помеѓу капитализмот и моногамијата“

Руфат Јашари: „Токсичната врска помеѓу капитализмот и моногамијата“

"Polyamory" by patrickdevries2003 is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.
“Polyamory” by patrickdevries2003 is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.

По долгогодишно практикување врски од моногамна природа (кои за жал ги карактеризираа низа несогласувања, тешки форми на љубомора, лаги, притиснат дух, стресови и трауми) и по кратко искуство со поли личност некако почнав да го доведувам во прашање концептот и широкото општествено прифаќање на моногамијата, што претходно никако не било прифатливо за мене земајќи ја предвид личната сензитивност, емоционалност па дури и блага посесивност, добронамерна опсесивност, безбедна,  но и понатаму токсична. Сепак, потсвесно знаев дека правам нешто погрешно, чувствував дека ограничувањето на моите чувства само на една личност ме потиснува, самата помисла и порив, привлечност кон друга жена ме правеше да се чувствувам виновен, што секако, несомнено било погрешно. Сепак, дури и најбезначајната интеракција на моите партнери со други будеше сомнеж, страв дека ќе бидам „изигран“ итн. што исто предизвикуваше да се чувствувам нефер, себичен и лицемерен. Така што, конечно решив да се соочам со моите „стравови“ и да ги канализирам своите „трауматични искуства“ навигирајќи се кон соло полиаморијата затоа што сфатив дека како концепт ми ја дава слободата да поставам и комуницирам динамики кои посеопфатно и отворено ми ги исполнуваат и задоволуваат емоционалните, сексуалните како и било кои други потреби , што секако придонесуваат да се чувствувам како поискрен.

Најпросто дефинирано, полиаморијата претставува практика или порив за љубовни/интимни/емоционални/сексуални односи со повеќе од еден/на партнер/ка, со информирана согласност на сите инволвирани страни. Етимолошки гледано, терминот „полиаморија“ е релативно нов, за прв пат употребен пред само триесетина години, се практикуваат многубројни форми и притоа е многу значајно да не се поистоветува со полигамијата.

Намерата не е да наметнувам поинакви форми на љубов од веќе доминирачките, но дури и моите идеолошки сфаќања ме поттикнуваат дисфункционалноста на „ортодоксно и општествено прифатливите“ нешта да ја доведам во корелација со капитализмот, а воедно и да ја искористам приликата да опфатам тема која сè уште е некако табу и речиси за истата воопшто и не се говори.

Мојата социјалистичка интуиција дури ми вели дека моделот на денешната форма на моногамната, романтична љубов со голема веројатност е алатка на капиталистичката опресија. Впрочем, нели ние социјалистите сме и предиспозиционално водени од сочувството и љубовта кон сите битија? Глобалната левица континуирано дебатира и визионира еден иден концепт на социјализам, но загрижувачки е што недостасува дискурс посветен на љубовните односи.

"Marriage scene ****" by Maria Rosaria Sannino/images and words is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.
“Marriage scene ****” by Maria Rosaria Sannino/images and words is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.

Науката не може прецизно да дефинира или да разграничи дали луѓето се природно моногамни или полиаморни. Некои ја пласираат тезата дека всушност моногамијата е продукт на западниот колонијализам . При експанзијата на капитализмот евидентно се форсира и рафинираниот систем на социјална репродукција – модел за „идеална“ моногамна заедница , исклучиво дводетно семејство итн.
При капитализмот, нормализирано е љубовта да е посесивна, љубоморна и ексклузивна.
Животите на луѓето се автоматизирани и индивидуализирани на речиси секој можен начин. Нерешени прашања, поврзување со домувањето, транспортацијата подразбира преферирање личен автомобил многу повеќе од користење јавен превоз, поинтересни се добро средени приватни зеленила отколку јавни паркови… Како резултат на наметнатите капиталистички начела за општествена хегемонија, љубовниците почнуваат да гледаат и на љубовните врски преку истите леќи.

Конфузно е тоа што тие кои се најсензитивни по ова прашање упорно продолжуваат да го избираат моногамниот модел и покрај обемот на болка/траума што им е предизвикан, изневерени/изневеруваат, се разведуваат или живеат во несреќни бракови „само заради децата или во смисла што ли ќе кажат луѓето“. Наместо да си го задушуваат духот и да се ограничуваат на еден љубовник, би можеле да се обидат со концептот на прифаќање на „човековата природа која копнее за поврзување“.

Имено, Фридрих Енгелс ги забележува проблематиките кои произлегуваат од моногамната романтична парадигма па во „Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата, ќе нотира: Моногамијата била првиот облик на семејството незаснован на природни туку на економски услови, на пример: триумфот на приватната сопственост над природниот примитивен колективизам“. Исто, Енгелс го ословува крајот на матријархалните релации и наметнатиот капиталистички тип на семејна заедница како „историски пораз на женскиот род“.

Социјалистичкото општество би требало да биде поинакво. Тие кои практикуваат врски со повеќе партнери мора да бидат прифатени наместо да се етикетираат како срамни.
Без оглед на нечии преференци за моногамија или полиаморија, барем би постоела култура на подготвеност и отвореност за повеќе луѓе да ја споделат својата љубов на начин кој моментално е „срамен“ и скриен.

Капитализмот низ историјата има предизвикано масовни страдања, вознемирувачки видлива класна разлика, климатска криза… на оваа листа би можеле да се нотираат и скршеното срце, нарушеното ментално здравје, недовербата…
Нема потреба да се чека социјалистичка револуција за да се постават овие прашања и да се создаде простор за вакви дискусии и социјални експерименти.
Ние социјалистите би требало подлабоко да размислуваме за емпатијата, љубовта како основна и интегрална компонента на нашите животи, а истовремено и да се залагаме за социјализам. Како би можеле да очекуваме широка поддршка која е неопходна за триумф на социјализмот доколку не успееме да проговориме за еден од најважните аспекти во човековиот живот?

Како што наведов претходно, поентата воопшто не е наметнување на полиаморијата врз луѓето кои живеат среќно во моногамија и уживаат во истата, за волја на вистината и во полиаморијата партнерите се соочуваат со проблеми кои се „типични“ за моногамијата .
Но сепак мораме да се охрабриме и да анализираме, уште поубаво доколку би можеле да продискутираме со нашите партнери дали истите автентично нè сакаат и избираат да нè задоволуваат само нас поради вистинската, органска склоност кон моногамијата или е интернализација на општествените норми на капитализмот? Затоа што, најверојатно, голем дел од луѓето се принудени на моногамен начин на живот, без разлика дали го детектираат тоа или не.

Најлошото е тоа дека капитализмот не само што ги има колонизирано нашата култура, нашите умови, туку и нашите емоции. Мораме храбро да адресираме што всушност не е во ред со љубовните односи во можеби најкритичната/најлошата фаза на капиталистичково време во кое живееме и како всушност социјалистичката иднина би можела да ги револуционизира истите.

"Mich. Marriage Equality" by Kelly Kline is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.
“Mich. Marriage Equality” by Kelly Kline is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.

На пример, Болшевиците, слободната љубов и еманципацијата на жената ги перцепирале како едни од централните компоненти на социјалистичката револуција.
Тогашните револуционери пишувале и дебатирале интензивно на овие теми како и на испорачување на можеби најпрогресивната легистлатива за правата на жените на сите времиња. Болшевиците го легализирале абортусот и разводот, ја декриминализирале хомосексуалноста, а ги направиле можеби и најсериозните чекори кон тотална аболиција на семејството како патријархален и капиталистички рецидив. Болшевиците сметале дека одумирањето на семејството како социјален и економски конструкт би ја поставил платформата за слободна љубов, при која луѓето би можеле да пристапуваат и отстапуваат од љубовните врски по сопствена волја без стравување за економските консеквенци, нешто што би оформило автентична еднаквост помеѓу мажите и жените, односно, би го отстранил структуралниот полов императив, би го отворил општеството кон љубовта како експанзивно другарство многу повеќе отколку како перцепирање на партнерот како приватна сопственост или пак кофинансиер при повеќедецениско отплаќање на виртуелни долгови кон капиталистичкиот систем.

Руфат Јашари

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Руфат Јашари / Rufat Jashari

Руфат Јашари, роден во 1994, во Куманово, гласноговорник на обезгласените млади Роми, социјалист со југословенско-кубански карактеристики, дипломира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како наставник по историја. Тој е историчар со особен интерес за анализирање на воените судири при дезинтеграцијата на СФРЈ, Кубанската револуција, како и впрочем сите претежно левичарски борби за народно ослободување низ минатото. Поддржувач е на движењата за еманципација на обесправените по разни основи. Тој е личност која претставува фузија на многубројни култури, вкусови на музика и левичарски идеологии, со минимални познавања на многубројни јазици. Се ангажирал да истражува во однос на геноцидот спроведен врз Ромите за време на Втората светска војна и учествувал при спроведување на проекти. Одржал низа меѓународни предавања на истата тема со намера да го надогради своето образование и  со своите идеи да привлече што повеќе млади Роми кон левичарскиот политички спектар.

RELATED ARTICLES