Интервју со Александар Поповски
Александар Поповски е роден во 1969 година во Битола. Дипломирал на ФЛУ во Скопје, 1996 година, на отсек графика со графички дизајн. Деведесеттите години се занимавал со графика, кога има една самостојна и учество на повеќе групни изложби. Оттогаш, исто така, се занимавал и со стрип, музика и илустрирање книги и списанија, главно за деца, кои се објавени во земјава и во странство. Има изработено и неколку театарски плакати и омоти за носачи на звук (Фолтин, Љубојна, Пијан Славеј…). Последниве години се занимава со сликарство, најчесто акварел. И на тоа поле има една самостојна и повеќе групни изложби во Македонија и надвор од неа. Добитник на Ноемвриска награда на ДЛУБ. Од 1996 година е редовен наставник по ликовна уметност во гимназијата „Јосип Броз -Тито“ во Битола.
Никола Шиндре: „Александар Поповски е наставник по ликовна уметност во Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во Битола. Низ своето искуство како ликовен педагог им се нашол на повеќе ученици од Битола кои сакале да конкурираат на ликовните академии за да можат и во иднина подобро да се занимаваат со уметност. Често можете да го видите на изложбите во битолските галерии заедно со своите ученици – идните уметници.
Наставничката професија е благородна дејност којашто има за главна задача и цел да поттикне некоја личност да прерасне во вистински човек. Покрај таа, особено важна цел е ученикот да се стекне со знаење, некаква практика на учење и некаква вештина за творење. Каква е улогата на тој, кој треба да ја пренесе вештината на творењето – наставникот по уметност?“
Александар Поповски: „На почетокот, треба да ја забележи желбата кај ученикот за уметност, за креирање, а потоа и да ја поттикнува истата. Работам во гимназија, а не стручно уметничко училиште, што значи дека доаѓаат ученици со различни интереси. Така, со текот на времето, некако испаѓа дека добивам две групи – креатори и љубители на уметноста. Освен што е важно да се оформи уметник, исто така е важно да се има и публика за уметничките дела. Сакам да им ги доближам убавините на визуелниот израз.“
Н. Ш. Ентузијазмот за уметноста, некои го барале во божествената природа на самото уметничко дело, а други во продуховноста на уметникот. Денес и самото творење се смета за дел од делото. Каков треба да биде педагошкиот пристап со учениците коишто во иднина треба да ги учат овие разграничувања за да можат полесно да ги распознаваат своите способности и можности?
А. П. Не мислам дека има разграничувања – без уметник нема ни дело. Ако се гледа тоа во друг контекст, или на друго ниво, тогаш творецот (и процесот на творење) би биле медиум преку кој се материјализира одредена мисла, дух, креација. Оној кој твори треба добро да ги познава материјалите и алатките со кои работи и да е „во форма“, спортски да се изразам, во духовна форма. Креативниот момент, кога ќе дојде, не треба да се пропушти. Е, сега, како доаѓаат идеите, за тоа нема формула, тоа е веќе друга приказна…
Н. Ш. Сликањето, цртањето, училишните практики за линорез, графика… за некои претставуваат тешкотија, за некои момент што возбудува, но скоро за сите една рефлексија на другарувањето. Тие активности и покрај однапред зададениот критериум, дозволуваат да се ужива во нив. Како и колку наставните програми го овозможуваат ова другарување?
А. П. Убаво кажано и точно важи за гимназијалците. По својата природа, ликовно-творечкиот процес најчесто е осаменичка работа, но во случај на групно работење, станува интересен момент на другарување и заедничко решавање на проблематиката, било визуелна, или материјална. Наставните програми го овозможуваат тоа, онолку колку што има часови и воннаставни активности.
Н. Ш. Во науките се цени егзактноста, посветеноста и особено дисциплината, во уметноста пак се бара и инспирацијата. Некогаш трагајќи по инспирација се заборава на учењето и вежбањето на техниката. Како ликовен педагог, како им ја посочувате важноста за самодисциплина на идните уметници?
А. П. Ооо, тоа е од огромно значење. Знаете, идеите доаѓаат ненајавено, но исто така и си одат. Ова го зборувам од лично искуство. Ние малку се занесуваме со приказните, особено со оние за уметниците од 19, 20 век, во кои тие се опишани како спонатни, диви, енергични… Па, нивниот бурен живот и слично. Да, приказната продава, но, да не се залажуваме – самодисциплината е исклучително важна. Кога ќе слушнам или прочитам дека некој уметник „енергично и бурно живеел“, а направил дела за кои се потребни три животи, тука нешто не ми „штима“. Делото бара посветеност и фокус. За жал, мислам дека современите млади, а и не само младите, полека го губат фокусот, attention span им е се’ пократок.
Н. Ш. Творештвото и практиката даваат добра основа за да се биде добар занаетчија, но уметноста е повеќе од тоа, особено во ерата на концептуалната и апстрактната уметност. Денес никој не го бие глас дека сака многу да чита книги. Како ликовната педагогија може да придонесе и за овој проблем?
А. П. Гледано од денешен аспект, уметноста може да биде се’, а од друга страна, пак, и не може. Многу работи се „провнуваат“ како уметност. Прочитав некаде дека современиот уметник веќе не е толку занаетчија, туку промотер, во што има и вистина. Лично, владеењето со занаетот не го сметам ниту за минус, ниту за навреда. Оттаму и треба да се почне, не може да си уметник, а да немаш барем некое основно познавање од работата со материјалите и алатките кои ги користиш. Во тоа се состои и едукацијата која ја дава наставникот, тој дел од наставата е доста јасен, тука нема многу филозофирање, материјалите се конкретни, не е тоа како кога дискутираме за вкус, естетика, комуникација на делото и слично… Во современиот свет, маркетингот стана составен дел од професијата, се’ оди дури и до невкусна нападност, само за да се добие посакуваното внимание.
Н. Ш. Просветата секоја година е поосиромашена, како со финансиски средства, така со кадар и најважно – така и со ученици. Сепак, процентот на заинтересираност веројатно не се менува драстично. Како да се мотивираат учениците во една опаѓачка атмосфера?
А. П. Точно е дека процентот на заинтересираност не варира многу. Минимумот кој еден наставник треба да го даде е, барем, да не го демотивира ученикот. Мотивираноста зависи од двете страни – и од наставникот и од ученикот. Секако дека фактор се и условите кои ги овозможува државата, но денес има доста уметници кои работат за странска публика, некои и живеат од тоа. Знаете, кој почнал да се интересира за ликовната уметност, го прави тоа од љубов и тука веќе е олеснета проблематиката околу мотивацијата.
Н. Ш. Конечно, теоријата за играта како уметност можеби не е возможна, но е најубава за да се прифати. Како да се игра за да може и нешто да се научи?
А. П. Играта има голем удел во креирањето. За да се игра, мора во себе да се задржи дел од детскиот дух, свежината на мислите, чистотата, па и наивноста. Тоа не е едноставно, денес сите некако сакаме да бидеме сериозни (веројатно, за сериозно да бидеме сфатени) и брзо забораваме да се опуштиме и препуштиме на играта. Па, само погледнете ги уметничките дела – во голем дел од нив се чувствува дека авторите „се заиграле“, им било дури и забавно додека ги изработувале, тоа не може да се скрие, тоа се гледа во делото… За да се заигра човек, има различни начини – понекогаш тоа е темата (содржината) на делото, понекогаш атмосферата во која се работи, или пак, некоја нова алатка со која се работи, нов материјал којшто треба да се проба. Убаво е кога човек може одвреме-навреме да си наоѓа некакво „џиџе“, што би рекле ние, кое ќе го „заигра“ и со што процесот на творење станува поинтересен и поинтензивен.
Подолу може да погледнете фотографии од некои дела на Александар Поповски.