Изминативе години сведоци сме на бавното деградирање на историјата како наука и како наставен предмет. Тоа главно се случува под превезот за нашиот прогрес и светлата иднина. Треба да се запрашаме каква е таа иднина, во која ние нема да знаеме за тоа што било пред нас. Каков би бил тој свет во кој би ни била одземена основната алатка за критичко мислење – споредбата помеѓу различни искуства од минатото и сегашноста?
Своевремено, опоен од наездата на неолиберализмот, Фукујама ја кажа прочуената теза, дека со крајот на блоковската поделба во светот и победата на американскиот неолиберализам, ќе дојде крајот на историја. Крајот на историјата, поинаку кажано, значи дека целиот човеков напредок запрел, нема повеќе дијалектика, нема повеќе спротивставености, само еден перфектен континуум. Секој оној кој малку повеќе се задлабочил во материјалистичкиот аспект на животот знае дека таква состојба е апсолутно невозможна. Веројатно на Балканот особено е лесно да се забележи дека историјата е пожива од било кога.
Што се подразбира под историја? За жал, многумина под историја подразбираат проста декламација на развојот на националниот идентитет и припадноста кон државата. Тоа е само една од многуте општествени функции на историјата, која е најмногу експлоатирана, пред се’ поради практичната политичка корист. Меѓу другото, историјата како наука особено влијае и врз развојот на критичкото мислење, поучува на светли примери од минатото, поучува и како не треба да постапуваме во сегашноста и во иднината. Екстремното политизирање на историјата ги исцрпува сите останати функции, додека останува да постои само националниот наратив. Таа станува една сувопарна приказна. На овој начин историјата всушност полека се става на маргините, бидејќи таа ја губи својата цел – да поучува.
Протоколот потпишан на 17.06.2022 година помеѓу Македонија и Бугарија, претставува еден сериозен исчекор кон она што се нарекува предоминација на политичката волја. XXI век кој се темели на укинувањето на политизацијата и идеологизцијата на општествените сфери, се покажа уште еднаш во вистинското светло, односно во светлото во кое, во суштина, денес како никогаш порано, се’ зависи од политичката волја. Меѓу другото, протоколот засега во нешто што таму се ословува како „Темата за историја“. Во овој дел од протоколот, во суштина се зборува дека Комисијата за историски прашања ќе го има главниот збор во музејската, воспитно-образовната и споменичната дејност. Според нивните дискусии од кои ќе произлезат заклучоци, треба да се изготвуваат наставни планови и програми, учебници, да се менуваат описи на музејски збирки, да се менуваат натписи на споменици. Безмалку, комисијата станува едно лебдечко сеприсутно тело, кое ќе утврдува и ќе дава насоки како и што да се пишува, а истото да е прифатливо за Бугарија. Јавноста веќе доволно е запознаена со ставовите на бугарската наука и политика, кои не можат да се оценат со епитетот хуманистички, демократски и прогресивни. Поинаку кажано, Бугарија преку овој протокол ќе има директен инструмент за наметнување на своите националистички идеи, кои кај нас ќе се отсликаат во низа општествени сектори. Најдиректно засегната од овој протокол е наставата по историја. Како што се вели во протоколот, наставните програми и учебниците треба да се хармонизираат, согласно ставовите на комисијата. Доколку било што од овој аспект не прилега на желбите и сфаќањата на Софија, истото веднаш ќе се третира како пречка на патот кон ЕУ. Знаејќи дека ЕУ за нас е еден фаталистички сон, македонските власти веројатно ќе се погрижат на патот воопшто да нема никави пречки. Последното рационално гледиште не’ носи кон заклучок дека пред нас претстои еден период на политичка цензура. „Двете држави, не покасно од учебната 2024-2025 г., да ги усогласат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот“, се вели во Протоколот. Особено спорно е што за изготвување на наставни планови и програми е задолжено Бирото за развој на образованието, додека учебниците се дело на индивидуални автори, а се одобруваат преку внатрешно тело во МОН.
Кон ова треба да ја додадеме и Новата концепција за основно образование. Местото на историјата во неа е непостоечко. Историјата, како наставен предмет е сведена на една тема од новиот наставен предмет Историја и општество, во кој се изучуваат теми од граѓанско образование, географија и историја. Поинаку кажано, новата концепција за основно обраозвание, изучувањето на историјата, географијата и граѓанското општество ги сведе на изучување поими и нивна проста вербална или писмена декламација. Како што веќе стана традиција изминативе години во наставните програми, отсуствува основниот дидактички принцип на систематичност и постапност. Учениците буквално се принудени да учат несистематизирани податоци, кои не ја доловуваат суштината на нештата. Поинаку кажано, преку овие реформи, очигледна е волјата на владејачките елити да креираат функционално неписмено население. Историјата како наука и како наставен предмет има силна општествена и образовна функција. Според сите истражувања, наставата по историја е предмет преку кој најдобро се развиваат способностите за компарација, анализа и синтеза на податоците. Накратко кажано, преку историјата како наставен предмет најдобро се развива критичкото мислење кај учениците.
Плодовите од Новата Концепција за основно образование, ги согледавме пред скоро. Се’ уште се одлучува за судбината на спорниот учебник по „Историја и општество“ за V одделение од авторите Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, којшто изобилуваше со грешки. Во оваа пригода ќе ве потсетам и на учебникот по предметот „Историја и општество“ за IV одделение, издаден минатата година. Во него можеби највпечатливо се воочува сервилноста на македонските власти кон националистичките барања на Бугарија. Во делот посветен на антифашистичката борба на македонскиот народ, стои:
„…НОБ е кратенка која значи народно ослободителна борба. Борбата се случувала за време на Втората светска војна, а ја започнало македонското население за да се ослободи од туѓата власт….“- ….“Историја и општество за 4 одд, стр:134-137
Веројатно ќе се сложите дека наративот е крајно аметодичен и претставува типично политички скована приказна, која треба да е безболна и која не треба да ги буди духовите од минатото. Ваквите формулации, впрочем се директен одговор на бугарските барања за ретуширање, на и онака светски потврдените историски факти. Ние, жртвите на фашизмот, се најдовме во улога да ги еуфемизираме или потполно да ги бришеме делата на оние кои врз нас вршеле злодела. Вака согледувајќи ги крунските дела на Новата концепција за основно образование и учебниците кои произлегуват од неа се забележува ситната политизација, но и дехуманизација на историјата. Од историјата се отсекуваа хуманистичките елементи, се отсекува дури и дијалектичкиот материјализам кој преку лошо срочените текстови, воопшто не може ни да се согледа. Историјата станува една приказна која ништо особено не кажува, освен она што политичката елита мислела дека треба да се каже.
Кои се стремежите на современите политички елити? Македонското општество кое е во вечна состојба на криминогена транзиција и претставува прериферија на капитализмот е пример за типична некритичност. Колективниот менталитет е заробен во идеологиите на капитализмот, кои не’ поучуваат само на идејна безперспективност и апатија. Самиот процес на образование е отуѓен од децата, тие не добиваат основа врз којашто ќе можат да изразат критичко мислење. За жал, особено во општествено хуманистичките предмети, обилно се сервира веќе готово мислење кое треба да се прифати како „критичко“. Што е објект на таа критика? Во таа „критика“ најчесто е поразен здравиот разум, таа „критика“ е само една обична политичка пропаганда. Воглавно современата елитистичка критичка мисла во Македонија ни кажува како ова е единствениот пат кој мораме да го минуваме и ова се нужните промени кои мора да ги направиме. Причината зошто баш мораме да одиме токму по тој пат, лежи во фактот дека тоа е поради нашата европска иднина. Самиот чин на изразување на поинакво мислење, односно критика на „критиката“, од вас чини неподобен елемент, ретроградна појава, која се испречува на патот кон иднината. Сосема јасна е потребата од личности кои во потполност ќе ја почитуваат политичката волја на елитите, притоа без воопшто да ја обмислуваат.
Како да се создаде таа „критична маса“? Тука одговорот е покомплексен и се состои од повеќе фактори. Пред се’, нашето население со години опстојува во позиција која можеме да ја наречеме економија на гласови. Во Македонија, полни три децении постои модел на општествено функционирање кој можеме да го наречеме економија на гласови. Во суштина, овие партии, и покрај бројното членство, се мртви партии. Тука нема ниту идеолошки, ниту било каков друг мотив за членување, освен обезбедување на материјална егзистенција, која очигледно е дека за населението е проблем да ја обезбеди на друг начин. Да не го заборавиме фактот дека овие членови имаат семејства, пријатели, роднини кои ги влечат до работни позиции користејќи го својот углед во политичката дејност. Секако, доколку под политичка дејност се подразбира да сте безгласна буква, вешто следејќи ги лидерските позиции бидејќи тоа ви носи придобивка. Гласноста, напротив, ви ја одзема таа придобивка! Преку економската уцена, народот се приморува да биде безгласен, да не размислува. Во однос на младите генерации со години се преземаат поразителни образовни реформи, каде со секоја наредна генерација квантумот на вистински и функционално образовани личности се намалува. Општествено-хуманистичките науки кои се, реално гледано, најголемата пречка за предоминација на било која политичка идеја, сигурно и полека се тргаат настрана. Историјата како една од носечките науки која го проследува минатото на човекот и неговиот развој и извор на знаење за многу, што било пред сегашниот момент и што би ни помогнало да ја согледаме подобро реалноста и да ја планираме иднината е тргната на маргините. Таа станува небулозна приказна од факти, кои видовме од скандалите со учебниците дека можат да бидат и целосно погрешни, но и целосно политизирани. Младиот човек едноставно нема да поседува никакво занење, но што е поважно ниту ќе има интелектуален интерес кон знаењето како вредност. Воспитен идеал на нашето општество е да се биде безгласен, а доколку некој сака да биде гласен, тоа мора да биде во склоп со декларираните политики на капиталистичката елита. Политичка волја е современиот човек да биде само прост декламатор на зборовите искажани од неговите експлоататори!
Васко Гичевски
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Васко Гичевски е роден во 1997 година во Битола. Дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 2020 година. Прогласен е за најдобро дипломиран студент на генерацијата и добитник е на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за покажан особен успех во студирањето. Активно се занимава со проучување на социјалната историја на Османлиската империја (Османлиска Македонија). Автор е на повеќе научни трудови објавени во релевантни научни списанија и четири дигитални – интерактивни мапи на недвижното културно наследство од Османлискиот период во Скопје и Битола. Член е на претседателството на Здружението на историчарите на Република Македонија од 2021 година. Се истакнува во својата дејност во насока на истражување, публикување и популаризирање на марксизмот како политичка филозофија и пракса.