Фотографија од прославата во Кичево по повод ослободувањето во Втора светска војна
По два осврти на национализмот, текстот кој следува третира некои елементи од поднебјето на кое живееме, околу државата и нацијата. Последниве 4-5 години, особено темите кои се третираат во јавноста, главно носат етнонационален карактер, оттука, политиката, без разлика дали сакаме ние или не, е во директна релација со овие прашања, а јавноста и општеството обземени и навлечени на овие теми. Тоа што можеме со сигурност да го кажеме, без воопшто теориски и аргументациски да набљудуваме со целосна интелектуална претенциозност, е тоа дека сите делови се контаминирани од општеството со ентузијазмот на доживувањата и категориите кои ги наметнува подиумот изграден од нацијата и за нацијата, освен еден, најважниот. Економијата. Економската нужност за т.н. соработка, пренос на капитал од една во друга држава, покрај омразата на нациите, се случува доста мазно и нежно, неосетно.
Во претходните текстови, беа површно „чепнати“ елементите на составот на нацијата, како модернистичка творба, секако сè тоа изведено во теориска смисла. Беше истакнато дека честа, суверенитетот, националниот мит, националниот херој и мартир често манифестиран во ликот на таткото (на нацијата) итн., претставуваат неделиви честички од националната манифестација. Во една хронолошка, а пред сè онтолошка смисла, некои теоретичари дури национализмот го поставуваат како иницијатива која му претходи на нацијата. Нацијата не претставува некоја метафизичка претпоставка за нешто коешто е дадено надвор од рамките на историјата и нејзиниот развој, особено во обусловеностите и тангентите со економските прилики, поттикнувани од индустрискиот развој и потребата за единство, особено во културна смисла, додека пак економската компонента бивајќи развивана и под надзор на централизираната државна координација. Не само што се зборува за нација, од оваа дистанца, без да се анализираат економските и политички услови, е сиромашно, недомислено и празно од супстанцата на една марксистичка (с)мисла, туку претставува и една репетитивност во веќе кумулираните анализи чие разбирање на историјата, политиката, секојдневието, па и економијата, се поимаат низ перспективата на класичниот економски модел на мислење и живеење.
Интелектуалците на нашата држава, без разлика колку тие се себепромовираат како политички и идеолошки (особено) леви или десни интелектуалци и политичари, разбирањето за нацијата е речиси секогаш плитко, митолошки поврзано со прасоздавачката историска рамка (смешно и досадно, во оваа насока дури и десничарите се надоврзуваат на АСНОМ, а левичарите се пенават со доста побивлива и неистражена патетика околу вистината за зачетокот на т.н. македонска нација). Од друга страна, економските анализи, не само квалитативните, тука влегуваат и квантитативните (кои во т.н. левичарски кругови речиси и ги нема, на прсти можат да се избројат анализите кои се направени во духот на економските авторитети на кои реферираат овие протагонисти), често имаат карактер на памфлетска и догматска форма.
Како што претходно беше нафрлено, обземеноста со националните теми, последниве години е присутна, не само во десничарските кругови, за кои етнонационалниот елемент претставува прва супстанција, а оттука и сиромашна политичка артикулација на стварноста во која живееме. Поради фактот што со т.н. антиколонијални сегменти се занимава секој втор во државава, најчесто со мотивот за националната еманципација, мојата амбиција во овој текст нема таква интонација, немам намера да зборувам за „лошите глобалисти“, земајќи предвид дека тоа е терен во кој и параноидната десница, но и килавата левица, го користат за групирање и оргијашење, како терен кој им овозможува наводна морална супериорност, „као да не беа глобалистите, ние „џам ќе свиткавме“ (автореференца)“.
Во еден од порталите на т.н. килава левица, неколкупати се превртуваат текстови, во форма на колумни, преземени од книгата „Национализмот во(н) контекст“, истражувања кои ги правевме јас и Здравко Савески. Поради разбирливи причини, нашите имиња не се проследени во тие текстови, не постои јасна референца околу авторството, а и нивната селекција е во функција на митовите кои ги следи порталчето, па и партиичката. Мотиви, кои не кореспондираат со срцевината на мотивот да се направи такво истражување и да се промовираат, особено, историските соработки на два народи, кои во истите тие историски епизоди следеле ентузијазам кој немал обележја кои произлегуваат од националните расказни формули, од кои не може ниту оваа пара-партиичка да се ослободи.
Една таква епизода претставува и Втората светска војна која, меѓу другото, е лајтмотивот за поновите политички премрежја со Бугарија и борбата на „нашите“ претставници на нацијата, од т.н. лев блок, да заштитат тоа што е „наше“ и да се справат со „непријателите“. Тука нема да влезам во таа кал, немам таква амбиција, туку да го допрам другиот дел од антагонизирачката опсесија, не онаа националистичката, туку онаа антагонизирачката чии позиции се националистички, а не се класни, иако протежеата на оваа група луѓе „се искилавија“ да постават знак на еквиваленција на националната и класната борба.
Односите на Македонците и Албанците се комплицирани, исто како односите на сите Балкански народи и нивните соседи. Комплексот го создаваат и интранационалните односи, нужноста да ја „делат“ државата едни со други, на моменти ги фрустрира едните, а на моменти другите. Накратко и надолго:
- Националната митологија, освен што укажува на чинот на создавањето на македонската нација со АСНОМ, елементот на самоопределувањето е присутен во јавниот проток на пропаганда и јазична артикулација.[1] Таа митологија, освен што се контаминира со политичката нужност на определените структури во поранешна Југославија, го одржува националниот мит (кој во определени периоди бил и опониран од страна на некои структури во одредени периоди: ВМРО – ДПМНЕ 2006-2016) и го репродуцира во насоки на други политички нужности во современиот свет. Така, протекуваат и стотици текстови и извештаи за „балистичко-големоалбанските апетити“, повикувајќи се на реториката која произлегува токму од овие митови, а улогата на албанските партизани минимизирана, маргинализирана и секогаш во функција на хибридот „кајгана патриотизам“, класното и националното. Случајот со Долно Јаболчиште, кога Албанци и по цена на животите, застанале во одбрана на Македонци партизани. Накратко, Албанците се балисти кога не се во функција на националната митологија на етнонационалниот трепет и амбис, на ваквите „кајгана патриотски“ испостави. Кога, функцијата на оние кои во сите други улоги би биле Балисти, во однос на митот, е инструмент за справување, особено во овој случај на „бугарските ѕверства“, тогаш се појавува улогата на „пријател“.
За време на Втората светска војна се случиле многу масакри, надвор од митологизираните истории за дневно-политички употреби, масакрите се една од најлошите епизоди од сите војни. Меѓутоа, митолошкиот пристап на историјата и на политиката, превреднувањата ги прави согласно постојните структурни расположенија. Најголемиот масакр кој се случил на денешна територија на Македонија, не е тоа масакрот на Ваташа, Беличица па дури и оној во Долно Јаболчиште, туку е масакрот на Радолишта (Ladorishtë alb.), кој се случил на 28 октомври 1944 година. Овој масакр за разлика од останатите претходно споменати масакри е извршен главно врз население кои себеси се идентификуваат како Албанци (само еден од убиените е етнички Македонец), но извршителите не се ниту Албанци, ниту Бугари, туку нацисти, токму тоа е и причината зашто овој масакр не фигурира и не се воспева од политиката. (1) Неговата функција е послаба во однос на придонесот за аргументите против „непријателите“, (2) во најдобар начин спроведен е врз „наши“ потенцијални непријатели. На овој масакр, биле убиени 100 лица, повеќе од вкупно сите останати масакри извршени врз недолжното население на територија на Македонија.
- Укажувањето на балистичкото минато, постојано дефинирајќи ја нивната улога како „непријатели“, исто така има своевидно влијание врз дневната политика. Инсистирањето на демаркација на „ние-вие“, се вжлебува во историската митолошка сцена, а истовремено се повикува на слабостите што на историографско ниво, толку и на политолошко ниво. Албанците = Балисти е репетитивна формула која се вергла каде и да чепнете, особено кај расположените домородни кругови. Албанците = Партизани = Слободни територии (единствени во рамките на географска Македонија), ќе треба да се убиете од истражување, за да дојдете до тој момент на сознание, иако сето тоа се случило, рака на срце, не само на териториите во кои живееле Албанци и Македонци, туку и на тие кои биле под надлежна контрола на италијанските сојузници на нацистите. По нивната капитулација во 1943 година, овие места се преземени од страна на народноослободителното движење.
Градот Кичево е еден пример за тоа како биле сензибилизирани овие динамики. Прогласот оди вака:
„По повод ослободувањето на Кичево, Штабот на Првата оперативна зона на 11 септември 1943 година издава Проглас за воспоставување органи на народна власт. Овој проглас, напишан од командантот на Штабот на Првата оперативна зона Хамди Дема, има рефлексии коишто според контекстот, но и времето во коешто се пишувани се подлабоки дури и од Рамковниот договор. Во него, меѓу другото, стои дека (1) Кичево е преземен во рацете на македонско-албанските народноослободителни војски. (6) На секој локал ќе се стават македонски и албански знамиња. (10) Највисоката власт ќе биде македонско-албанскиот народноослободителен комитет, која ќе биде привремена додека не се избере нов комитет на демократски начин и слободни избори. (13) Привремената власт ќе биде составена од Македонци и Албанци. Известувањето од Главниот штаб зборува со голем восхит и пофалба за соработката помеѓу Албанците и Македонците, но и пофалба на слободата секој да може да ужива во слободата на истакнување на своите културни обележја. Така, во известувањето стои: „Одново во нашето Кичево се веат славните знамиња на Крушевската република и Скендер бег““. (цитат од „Национализмот во(н) контекст“)
Во продолжение, од истата книга, од која порталчето позајмува материјали, оди и следниот дел:
„Инаку, случајот со Мефаил не е прва и единствена соработка на народноослободителната војска и балистичките групи. Слична соработка имало помеѓу Џемо Хаса и партизанските одреди во Западна Македонија, особено во Мавровско-гостиварскиот крај во јуни 1943 година…
Договорот предвидувал ненапаѓање на балистичките групи и партизаните. Имало идеја и за заедничко влегување во Гостивар на Џемо и неговите чети заедно со партизанските единици, меѓутоа не дошло до усогласување поради националистичкиот пристап на едната страна и интернационалистичкиот на другата. Тоа генерално е период кога и балистичките групи се вртат против италијанскиот окупатор и се борат против него. Овие сојузи со балистите колку и да се краткотрајни имаат своја инструментална цел.
На денот кога балистичките трупи заедно со германските окупациони сили го напаѓаат Кичево, истакнати поединци од Кичевско како Хаџи Садику, Хаџи Ибиши, Реџеп Сопи, Ахмед Садику, Исмаил Максути и Мустафа Ејупи (сите со потекло од Кичевскиот крај) му испраќаат протесно писмо на Мефаил Шеху, нарекувајќи го човек којшто ја гази дадената беса на целиот кичевски народ и човек којшто сака да пролее невина братска крв. Имено, Мефаил, кога започнале нападите на балистичките сили, предводени од Џемо Хаса, на слободната територија во Кичево, без да знаат партизаните, преминал на страната на балистите“. (цитати од „Национализмот во(н) контекст“)
Мариглен Демири
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
[1] Повеќе прочитај на „CULTURES AND POLITICS OF REMEMBRANCE: Southeast European and Balkan Perspectives“
Мариглен Демири е роден во Битола и работи како наставник по филозофија во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во Скопје. Бил основач и членувал во неколку организации („Ленка“ и „Солидарност“) и протестни иницијативи („АМАН“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“) во минатото, а од 2018 година е еден од уредниците на порталот „Гласник“. Посебно е заинтересиран за филозофијата, историјата и естетиката како подрачја во кои се одвиваат значајни политички односи.