домаКолумниРуфат Јашари: „За академскиот вангард радикализам“

Руфат Јашари: „За академскиот вангард радикализам“

„Болшевик“, 1920, масло на платно, Борис Михајлович Кустодиев
„Болшевик“, 1920, масло на платно, Борис Михајлович Кустодиев


„Исмејување“ можеби не е најсоодветниот опис за пристапот кон поединците кои ги застапуваат вангардистичките идеи во левичарските кругови, но со текот на времето, и тоа како почна да ме иритира тоа што дури и левичарите „со другарски манири“ ги проследуваат своите потценувачки коментари со свирепа смеа или видлива недоверба и преиспитување, првенствено во однос на презентирањето на фокалистичките стратегии, историјата, успесите или грешките од примената на истите.

Идеолошките мислители и аналитичари денес тврдат дека ерата на вангардизмот е веќе завршена уште од пред стотина години и дека во светот во кој живееме не постои потреба од „смешни, незрели милитантни идеи“ кои би резултирале со ништо друго, освен со општа деструкција, така што, навистина се реткост социјалистичките интелектуалци кои чувствуваат и навистина веруваат дека нивната улога е да ја детерминираат историската анализа, односно да ја констатираат реалната светска ситуација со цел да го водат народот во една автентична револуционерна насока, но за жал, полесно е да се дезертираат принципите отколку лимитираноста на мислата.

Одредени левичари, до висок степен се убедени дека „ќе го надгласаат“ системот (кој патем најмногу нив ги угнетува) што нас студентите на фокализмот нè ословуваат како „радикални академици“. Но, зар не е попаметно да се собуе и уништи чизмата на системот, отколку во нашите резимеа погубно да нотираме колку пати светната нè газела?

Доброволното здружување, спонтаноста, автентичноста, самоорганизацијата, директната демократија, акцијата и диверзијата се некои од принципите и карактеристиките кои го дефинираат вангардизмот.

Во 19-от век вангардизмот како политичка идеја широко се аплицирал како дефиниција врз секоја група која се перцепирала како движење кое тежнее кон создавање или бара патека која води кон едно ново, идно, слободно општество. Интересно е што дури и некои од весниците од тој период кои важеле за „порадикални“ го носеле називот „авангарда“.

Маркс значително ја менува конотацијата претставувајќи ја идејата дека пролетаријатот е вистинската револуционерна класа, иако терминот „вангард“ не е нотиран во неговите пишувања, но сепак наведува дека работниците се негирани и најопресираните од капитализмот, така што во однос на тоа би немале и немаат што да изгубат при аболиција на истиот.  Идејата за „вангард партија“ која била актуализирана при пишувањата на Ленин во 1902 подразбирала одговор на насилство со насилство при иницирањето и реализирањето на револуција.

Терминот „авангарда“ всушност е резултат на пишувањата на францускиот политичко-економски и општествен теоретичар, Сен-Симон, кој воедно се нотира и како основач на модерниот социјализам. Како и неговиот некогашен ученик и секретар (подоцна и ривал) – Огист Конт, пишувал во пресрет на Француската револуција и во суштина го поставува прашањето „што впрочем тргнало наопаку?“. Зошто транзицијата од средновековно, феудално, католичко општество во модерно, индустриско, демократско продуцирала  такво огромно насилство и социјална дислокација? Преку своите размислувања тој доаѓа до заклучок дека на современото општество му недостасува било каква сила на идеолошка кохезија која би ја имала истата улога како средновековната црква која на „секому му давала чувство дека има значајно место во целокупниот општествен поредок“.
Сен–Симон, исто така се прифаќа како првиот кој го замислил поимот за одумирање на државата.

Ленинистички концепт на вангардизмот

Во контекст на теоријата на ленинистичката револуционерна борба, вангардизмот практикува стратегија при која најпрогресивните, најкласно свесните и политички прогресивните кадри на пролетаријатот/работничката класа, именувани како револуционерна авангарда, формираат организации за да ги привлечат пошироките делови на работничката класа кон револуционерната политика и притоа манифестираат пролетерска политичка моќ при судирот со буржоазијата. Политичкиот вангардизам го популаризирал Ленин според концептот на Карл Кауцки акцентирајќи ја потребата од тесно поврзана револуционерна група која ќе ја протежира идеологијата во посебни околности, членството би било потполно отворено, транспарентно.

Портрет на Владимир Ленин
Портрет на Владимир Ленин

Во првата фаза, вангард партија би постоела од две причини: да го протежира марксизмот и да се оттргне „лажната свест“ која му е наметната на пролетаријатот, движење кое ќе тежнее кон подигнување на „аматерите“ на ниво на револуционери, а не револуционерите да се сведат на аматерско ниво.

Фокализам

Според фокалистите воопшто не е неопходно да се чека додека не се создадат идеални услови за да се крене бунт против опресорот кој ќе прерасне во општонародна војна против угнетувачот. Впрочем, самата етимолошка позадина на фоко теоријата посочува на тоа дека преку спроведување на диверзантски акции од страна на длабоко посветена група револуционери може во секое време да се започне бунт од помал размер кој имено би служел како фокус и инспирација за угнетените да се придружат, а аналогно на тоа растот на герилската војна би добил сè поголеми димензии и брзо ќе еволуира до точка на преземање на политичката моќ од експлоататорот.

Фокализмот пропагира дека ваквиот тип на револуционерни паравоени формации го поседуваат капацитетот и дека самите можат да ги создадат неопходните услови за револуција преку нивните вангард акции и морален пример, првенствено.
Фокализмот најчесто се асоцира со револуционерниот придонес на Фидел Кастро и Ернесто Гевара, начинот на кој ја организирале и спровеле револуционерната борба на Куба, низ Африка и Латинска Америка, подвизи за кои во изминатиов период пишував „надолго и нашироко“ па затоа во оваа прилика би ги акцентирал и би се осврнал на движењата низ Африка и Јужна Америка кои биле всушност инспирирани од успехот на Кубанската Револуција.

Портрет на Ернесто Че Гевара
Портрет на Ернесто Че Гевара

„Фронтот за ослободување на Мозамбик“ или попознат под акронимот ФРЕЛИМО било народно движење од почетокот на 60-те кое подоцна прераснало во политичка партија, чија примарна цел било потполно ослободување/осамостојување од било каков португалски авторитет. Хронолошки, движењето поминува низ неколку идеолошки форми, но највпечатлив е периодот по 1968 кога ФРЕЛИМО сè повеќе тежнее кон марксизмот, особено покрај советската, кинеската, како и покрај асистенцијата која организацијата ја добивала од скандинавските земји.

Самора Машел (1933 – 1986) важи за наводниот водач на ФРЕЛИМО, марксист, феминист, лидер кој бил отстранет на идентичен начин и од исти причини како што бил егзекутиран и Томас Санкара, една година подоцна, во 1987, современик и пријател на Машел.

Знаме на Фронтот за ослободување на Мозамбик
Знаме на Фронтот за ослободување на Мозамбик

Сандинистичкиот фронт за национално ослободување или попознат како ФСЛН називот го добива по револуционерот Аугусто Сандино, водач на бунтовите против американската окупација во 30-те, а веќе на почетокот на 60-те илегално се формира движењето кое тежнеело кон уривање на режимот на Анастасио Сомоза, герилските акции против системот во текот на 70-те се интезивираат, а веќе во 1979 кулминираат, така што ја одземаат власта од Сомоза, под водство на Даниел Ортега.
Движењето прераснало во политичка партија, било подложно на низа пресврти, но во поставениот контекст, важи за една сериозна од многубројните вангард примери и дефиниции, по налик па дури и по инсигнии,  најблиска на Кубанската револуција.

Знаме на Сандинистичкиот фронт за национално ослободување или попознат како ФСЛН
Знаме на Сандинистичкиот фронт за национално ослободување или попознат како ФСЛН

Само како појаснување, поентата на „пустинкиве“ не е слепа глорификација на фоко теоријата и вангардизмот, туку повик, сугестија, предлог да се простудираат причините и околностите кои ги навеле револуционерите да се фатат за оружје, патем не алудирам само на огнен тип, револуционерните весници и радио фреквенции одиграле огромна улога при борбата со опресорот, многу поефективно од било кој испукан куршум.
Но, повторно како сосем краток пример, би го навел движењето ФРЕЛИМО за да ја посочам причината за радикализација на истото. Имено, пропагандата на првичните форми на организацијата наишле на осуда па резултирале со извесен масакр, дотолку свиреп што членството било трауматизирано, но и револтирано, така што сфаќајќи дека по пат на мирна агитација не би дошле до посакуваниот исход, во 1964 најкомпетентните револуционери креваат вооружен бунт против португалските авторитети.

Нека не биде перцепиран текстов како нетрезвено возвишување на некоја невозможна мисија, туку нека послужи како потсетник да не ги задеваме другарите чиј предмет на проучување се герилските војни, тактиките, причините и последиците од истите низ историјата. Можеби нивните познавања не можат да се аплицираат денес, но идеите ќе живеат континуирано пренесувани од генерација на генерација.

Доколку природниот порив на еден идеолошки аналитичар за вангард револуција или општонароден фронт како солуција за сузбивање на опресорот се илузија, тогаш не би знаел како да ги дефинирам напорите на активистите кои очајно се обидуваат да изнајдат компромис со системот чија полиција и армија се ненародни.

Руфат Јашари

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Руфат Јашари, роден во 1994, во Куманово, гласноговорник на обезгласените млади Роми, социјалист со југословенско-кубански карактеристики, дипломира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како наставник по историја. Тој е историчар со особен интерес за анализирање на воените судири при дезинтеграцијата на СФРЈ, Кубанската револуција, како и впрочем сите претежно левичарски борби за народно ослободување низ минатото. Поддржувач е на движењата за еманципација на обесправените по разни основи. Тој е личност која претставува фузија на многубројни култури, вкусови на музика и левичарски идеологии, со минимални познавања на многубројни јазици. Се ангажирал да истражува во однос на геноцидот спроведен врз Ромите за време на Втората светска војна и учествувал при спроведување на проекти. Одржал низа меѓународни предавања на истата тема со намера да го надогради своето образование и  со своите идеи да привлече што повеќе млади Роми кон левичарскиот политички спектар.

RELATED ARTICLES