домаКолумниЗдравко Савески: „Егоизмот и капитализмот“

Здравко Савески: „Егоизмот и капитализмот“

"Hasselt EGOISM KILLS" by Nine LaMaitre is licensed under CC BY-ND 2.0.
“Hasselt EGOISM KILLS” by Nine LaMaitre is licensed under CC BY-ND 2.0.

За да функционира подмачкано, капитализмот го извлекува најлошото од нас. Можеме да избереме да бидеме индиферентни околу тоа. Но, треба да знаеме дека тоа доаѓа со крупна лична и општествена цена.

Станавме општество на егоисти. До тоа ниво паднавме. „Јас и само јас!“ Освен личниот интерес и интересот на членовите на потесното семејство – многумина ништо друго не гледаат и не ги интересира. Преваленцијата на егоизмот објаснува зошто коруптивни акти прават и луѓе што нив ги осудуваат (кај другите), зошто честа и чесноста (кај себеси) е ниско вреднувана, зошто некои не се способни ниту да чувствуваат благодарност, а во добар дел и зошто има голем пад на почитта кон останатите луѓе како вршители на одредена работа (лекари, професори), но и општо.

Можеби најсилниот индикатор за доминантноста на егоизмот е тоа што го надмина дури и „патриотизмот“ (т.е. национализмот). Иако, и овој денес е исклучително силен. Па има многу „големи Македонци“ кои мразат Бугари, но… извадиле бугарски пасош. За потсетување, вадењето бугарски пасош подразбира не само да дадеш изјава на нотар каде што кажуваш „аз с’м Б’лгарин“, туку и да го валкаш споменот на сопствените предци, тврдејќи дека и тие биле Бугари. Но, кога се работи за личниот интерес… И, се разбира, и покрај вадењето бугарски пасош, овие „силни Македонци“ и понатаму парадираат наоколу со својата македонштина. Македонија над сѐ? Да, но очигледно не и над личниот интерес.

Од каде толкавиот егоизам? Зошто егоизмот го има кај сѐ повеќе луѓе и е сѐ поизразен? Случајно ли се зголемува тој по повторното воспоставување на капитализмот? Случајно ли е совпаѓањето на поддршката за капитализмот со егоистичкото мислење и однесување? Најлесно е, и доста кратковидо да се каже дека луѓето по природа биле егоисти. Оваа симплификација има повеќе врска со наоѓањето изговор за сопственото егоистичко однесување отколку со утврдувањето на природата на човекот. Човековата природа е доста пластична: човекот може да се развие во многу лош, но и во многу добар. Секогаш ќе има вакви и такви луѓе, но какви ќе бидат доминантно луѓето во дадено општество зависи од карактерот на тоа општество, а тој, пак, зависи од системот, кој стимулира и дестимулира одредени однесувања, согласно сопствените приоритети.

А, капитализмот како систем го стимулира егоизмот. Првиот голем хвалоспевач на капитализмот, Адам Смит, во „Богатството на народите“ го легитимираше личниот интерес до таа мера што тврдеше дека преку „невидливата рака“ на пазарот, доаѓа до унапредување на општото добро токму така што сите си го гледаат својот личен интерес: „Секој поединец… се стреми само кон својата лична добивка и тој во ова, како и во многу други случаи, е насочуван од невидлива рака да унапреди цел која не била дел од неговите намери… Следејќи го својот сопствен интерес, тој често го унапредува интересот на општеството поуспешно отколку кога навистина се стреми да го унапреди“.

Се разбира, едно општество во кое секој си го гледа личниот интерес може да функционира. Но, тоа не значи дека тоа е нужен начин на функционирање на едно општество, ниту дека е тоа оптималниот начин, ниту дека општото добро така најдобро се унапредува, ниту дека поединците, членови на тоа општество, живеат добро. Хвалоспевот на личниот интерес од страна на Смит е во функција на легитимирањето на капитализмот. Бидејќи тој врши корисна функција за него: го конфигурира општеството на таков начин што луѓето во него стануваат изолирани атоми кои единствено ја имаат на ум максимизацијата на својата лична корист. Во ваквото атомизирано општество, легитимирањето на ставањето на пиедестал на сопствената корист го легитимира и немањето обѕири во стремежот за лично збогатување, па дури и им дава сила на богатите и моќните да не им е гајле за никого и ништо. И додека им помага на капиталистите да го акумулираат богатството во свои раце, на работниците дресирањето во егоистички („индивидуалистички“) дух им го избива од рацете нивното најсилно оружје: солидарноста и заедничката борба. „Секој за себе!“ „Ако нешто не ти чини, сам договори се со газдата!“ Ама, кога вака се тера, треба да се знае дека тоа што индивидуално се добива е поситно од она што заеднички може да се извојува.

Очигледно, големи се придобивките од егоизмот за подмачканото функционирање на капитализмот. Преку стимулирање на одвишната потрошувачка, на купувањето разноразни непотрепштини и еднократни нерационалности, овие придобивки само дополнително растат, бидејќи ги креваат профитите на капиталистите и го сечат во корен отпорот кон капитализмот, преку креирањето илузија за живеење добар живот кај експлоатираните. Но, тука доаѓаме до клучното прашање: доколку егоизмот е поволен за капитализмот, дали тој е поволен и за луѓето што го практикуваат?

Наспроти здраворазумското сфаќање дека егоистот прави најдобро за себе токму кога се однесува егоистички, има не само еден, туку два парадокса во врска со егоизмот кои ја поматуваат оваа математика. Иако егоистот прави сѐ само себеси да си угоди, трошејќи пари за да доживее задоволство, газејќи преку трупови за да се пробие напред, на крајот на денот тој/таа – не се чувствува среќно. Празнотијата што ја чувствува и покрај тоа што направил сѐ „како што треба“, како што налага светиот егоизам, се обидува да ја надмине со дополнителна доза личен интерес, ама… празнотијата повторно е тука. Вториот парадокс се јавува кога човек ќе направи добро дело, ќе придонесе за општото добро. Но овој парадокс функционира само кога единствената или примарната намера е доброто дело, а не кога тоа е само средство за некоја лична корист или има функција на перење на образот, пред себеси или пред другите. Кога овој услов ќе биде исполнет, кога човек помага, подарува или слично, ќе забележи дека, иако целта не му била тој/таа да се чувствува добро, на крајот на денот ќе се чувствува добро. Далеку подобро од егоистот, и покрај сета негова фиксација со личната корист. Едноставно, кога правиш добро дело, не правиш добро само за другиот, туку и за себеси.

Исто така важно да се нагласи, нам ни треба надраснување на егоизмот не само заради нас самите, заради нашата лична среќа, туку и заради унапредувањето на општото добро, за да живееме во подобро општество од денешното. Зашто, во крајна линија, од карактерот на општеството зависи и квалитетот на нашиот живот. А наспроти заблудата на Адам Смит, терањето лична корист од која истовремено имаат корист и другите е можно само кога зборуваме за производство на стоки и услуги. Дури и уште потесно од тоа, само кога зборуваме за корисни стоки и услуги. Само тогаш, според неговиот пример, производителот на леб заради профит произведува леб, но како резултат на тој негов мотив останатите добиваат леб. Во останатите случаи, неговата невидлива рака не е кадарна да испорача општо добро преку терање лична корист.

Општото добро не се унапредува преку егоизам. Ако никој не се грижи за општото добро, нема да има општо добро. А, власта? Да, таа исто така треба да се грижи за општото добро. Но, таа не го прави. Впрочем, како што се свесни сите. Кога демократијата е сведена само на избор кои слуги на капиталистичката олигархија ќе сркнат од медот, грижата за општото добро од страна на власта е сведена на празна флоскула. А кога луѓето се свесни дека власта е корумпирана, тогаш тоа треба да биде поттик тие повеќе да се грижат за општото добро, а не сѐ да се сведува на празни констатации дека власта е таа што треба да се грижи за општото добро, но, ете, таа тоа не го прави.

Има една темелна причина поради која и егоистот се чувствува празно и е невозможно да се унапредува општото добро преку егоизам. Како што забележаа Маркс и Енгелс уште во „Комунистичкиот манифест“, буржоазијата (а и самиот капитализам) „не остави меѓу луѓето никаква друга врска освен голиот интерес, освен бездушното ‘плаќање во готово’“. Оваа тенденција на капитализмот, сите општествени врски да ги сведе само на трансакции втемелени на голиот интерес, при што луѓето во меѓусебните односи функционираат само како купувачи и продавачи, а сѐ е постанато стока, налага и соодветна дресура на луѓето. Преку неа, тие себеси се гледаат како единки изолирани едни од други, секоја со своја лична калкулација за максимизација на сопствениот интерес, при што другите се перципираат како „волци“, а општото добро е целосно надвор од видокругот. Но токму ова придонесува тие да се чувствуваат несреќно, зашто оваа „трка на стаорци“ носи само стрес, фрустрации и анксиозност.

Истовремено, токму ваквото разградување на општеството до збирштина, егоистички единки ги хендикепира тие единки да се грижат за општото добро. Имено, бидејќи нивната себеперцепција е дека тие се изолирани единки и дека нема ништо поголемо за нив од нив самите, следствено, тие себеси не се гледаат како дел од некоја целина. Ако себеси би се гледале така, тогаш, природно, би се труделе да придонесат кон добробитта на целината, бидејќи тоа би го сметале за своја одговорност и би забележале дека унапредувањето на општото добро на целината го унапредува и нивното лично добро како дел од таа целина. Ова е сосема поинаков однос кон општото добро од случајот кога ја нема перцепцијата за припадност кон целината. Тогаш придонесот кон општото добро е нешто надворешно, нешто за другите, данок или товар на хуманоста. И поради тоа, второво има тенденција да биде килаво. Оваа разлика можеби најдобро се гледа во односот кон природата. Ако луѓето не се гледаат како дел од неа, тогаш или не им е гајле во која состојба се наоѓа таа или сопствените придонеси се гледаат како товар, жртва, милостина, помош на нешто отаде нас. Сосема поинаку е кога себеси се перцепираш како дел од неа. Тогаш, стремежот за намалување на штетата доаѓа како твој природен и внатрешен импулс, бидејќи ти си дел од целината и не може да ти биде сеедно во која состојба се наоѓа целината.

За да функционира подмачкано, капитализмот го извлекува најлошото од нас. Можеме да избереме да бидеме индиферентни околу тоа. Но, треба да знаеме дека тоа доаѓа со крупна лична и општествена цена.

Здравко Савески

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Здравко Савески / Zdravko Saveski
Здравко Савески / Zdravko Saveski

Здравко Савески е активист за социјална правда и екологист. Доктор е на политички науки. Во последните години неговиот интерес е концентриран на економијата и екологијата. Автор и коавтор е на повеќе книги, меѓу кои „Демократија: модели и дилеми“ (2011) и „Отаде едноумието: повторно откривање на левицата“ (2006). Се занимава и со преведување. Во последните години, со цел да ѝ ги приближи најновите трендови на прогресивната светска мисла на македонската јавност ги преведе книгите: „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ од Џејсон Хикел (2019) и „Историја на светот во седум евтини работи: водич во капитализмот, природата и иднината на планетата“ од Раџ Пател и Џејсон В. Мур (2020).

RELATED ARTICLES