Интервју со Џејлан Велиу, дел од иницијативниот одбор за создавање на партијата Левица во 2015 година, член на првиот состав на Централниот комитет (2016-2019), член на Президиумот (2016-2019) и секретар на партијата (2018-2019).
Интервјуто го спроведе Елена Гаговска
Елена Гаговска: Кога и зошто беше формирана Левица? Зошто одлучи да бидеш дел од основачите на партијата?
Џејлан Велиу: Неколку години пред формирањето на политичката партија Левица, се случуваа протести против полициска бруталност и проотив поскапувањето на цената на електричната енергија – Аман (2011-2012), Иницијативи за помош на бегалците (2014), Студентски пленум, студентски протести и привремена окупација на неколку факултети во Скопје и Битола (2013-2014). Овие настани и општествени процеси беа проследени со помали но чести изблици на искажуање револт кај различни групации на луѓе или организации. Барањата на протестите/иницијативите удираа во ѕид, па во левичарските кругови се ширеше идејата за формирање на автентична левичарска партија која ќе ги артикулира барањата на самите протестни движења, но и истовремено ќе создаде простор за ширење на наднационалните, интернационалистички и социјалистички позиции во Македонија. Во спротивно сметавме дека досегашната расцепкана борба нема да вроди со плод доколку луѓето не се обединат околу јасна политичка програма. Како учесник во гореневедените иницијативи и протести веќе бев дел од широкиот левичарски круг. Кога во 2015 година се формираше Иницијативен одбор за формирање на левичарска партија, станав дел од истиот и активно почнав да работам и собирам потписи со цел регистрација на партијата. За помалку од три месеци потписите беа собрани и партијата беше регистрирана.
Е. Г Како и кога се случи наводниот пуч во Левица? Што направи Димитар Апасиев?
Џ. В: Пучот односно судскот преземање на Левица се случи во февруари 2019 година, и тоа претставуваше кулминација на повеќемесечните расправии внатре во партијата. Самиот пуч започна на 3 ти февруари кога се одржа последната легална седница на Централниот комитет и каде се дискутираше за претстојните претседателски избори. Димитар излезе со предлог Левица да даде поддршка за претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ. Битно е да се напомене дека Димитар Апасиев веќе неколку месеци јасно инклинираше и даваше отворена подршка на разноразни десничарски иницијативи без никаква консултација во партијата, со што ја зголемуваше недовербата кон него и тензијата во самата партија. Но како и претходните безумни предлози, ниту овој предлог не му помина на гласањето во ЦК, пред се бидејќи Левица не беше формирана за да трчка во коалиции со буржујските партии, туку за да понуди здрава марксистичка и работничка програма околу која ќе се обединат работниците.
Од тој момент почна пучот, кога, наспроти волјата на мнозинството членови на Централниот комитет и Президиумот (Претседателството), а злоупотребувајќи го партискиот печат и штембил, си изготви десетици лажни документи (одлуки и записници) од состаноци кои никогаш се немаат одржано, со луѓе потписници кои не биле изгласани како членови на тие партиски тела. Практично, октроирано одозгора, без основ на статут или закон – го фалсификуваше персоналниот состав на партиската структура и тоа го поднесе во суд. Па така, од седумчлениот Президиум, со фалсификувани оставки исклучи четворица членови, меѓу кои бев и јас.
Потоа, на 15 февруари во донците ноќни часови ја смениле бравата на партиската канцеларија во Скопје, го презедоа партискиот сајт и страниците на социјалните мрежи, а неколку дена претходно ја киднапираа и партиската сметка, на која штотуку беа легнати 90.000 евра од државно финансирање – резултат на остварениот успех на претходно одржаните парламентарни избори. Од овој момент се губи секаков контакт со Димитар Апасиев и малата група подржувачи кои во неможност нивните идеи демократски да ги наметнат на мнозинството во партијата, се решија на пуч и насилно превземање на партијата преку фалсификати.
Е.Г: Според тебе, дали некои државни органи беа индирекни соучесници во уништувањето на Левица во формата која ја замислувавте ти и твоите другари/ки?
Џ.В: Апсолутно да. Ние сме социјалисти и секако дека немаме доверба во „владеењето на правото“ на капиталистичката држава. Но наивно сметавме дека кога работите се преочигледни, судството нема да има простор за маневар и покрај надворешното влијание. Фалсификатите на Апасиев беа толку неумешни, што можеше да бидат забележани и од обични лаици, а не пак од судии и јавни обвинители. Ние секако дека ги презедовме сите потребни правни дејствија, поднесовме тужба пред основен регистрационен суд за политички партии со изготвено вештачење од цела хонологија на настани, поднесовме и кривична пријава пред основното јавно обвинителство и обвинителството за организиран криминал, отидовме дури и до Уставниот суд, но се беше залудно.
Сето ова и многу други докази беа небитни/нерелевантни за судот, кој за возврат ги прифати за релевантни фалсификатите (т.е. подземниот инженеринг на едно лице од ништовни листови хартија со печат и штембил).
Ова не може да се толкува на друг начин освен дека институциите имаа добиено наредба како треба да се „заврши” овој случај, без оглед на погубната судска пракса која се создаде, а која означи почеток на владеење на печатот и штембилот во рацете самопрокламираните партиски лидери, а не владеење на правото, законот за политички партии и партискиот статут.
Сега знаеме зошто беше уништена партијата во формата во која ја замислувавме и градевме. Силна Левица не им годеше на центрите на моќ во Македонија. Преку тоа што му ја подарија Левица на Димитар Апасиев, се заштитија, бидејќи знаеја дека тој партијата ќе ја претвори во обична реформистичка и опортунистичка партија која популистички зборува за работниот народ како целина, но суштински го дели на етничка и верска основа. Ваквите партии не претставуваат закана за капитализмот- напротив, го одржуваат!
Е.Г: Што тврди Апасиев во врска со преземањето на партијата?
Џ.В: Тврдењата на Апасиев зависат од дневно-политичките потреби на пазарот на гласови. Оттаму, ако се анализираат, лесно ќе се забележи колку се апсурдни и контрадикторни сами на себе, без никаква поткрепа во стварноста. Односно, преку странциите на социјалните мрежи кои ги презеде, конструираше наратив дека всушност тој ја спасил партијата од наводниот пуч кој се подготвувал од страна на СДСМ, а дека ние сме биле нивни инструменти. Секако ова со тек на време се покажа како целосна лага, а се случи токму обратното.
Прво, колку и да сакаме да веруваме во независноста на судството од власта, сепак останува фактот дека тој успеа да се извлече без никаква последица за своите криминали токму во времето на владеењето на СДСМ. Второ, под негово водство, Левица престана да биде партија на социјално понижените работници, туку стана партија на македонците кои се чуствуваат национално понижени после промената на името на државата. Со ваквата промена во политичкиот курс, Левица престана да биде конкуренција на СДСМ во левиот политички простор, туку стана конкуренција на ВМРО ДПМНЕ во десниот политички простор.
Левица денес е партија без јасна идеологија и политичка програма, која не се разликува од останатите буржоаски партии. Партиските ставови зависат од моменталната потреба, што „пали“ кај народот. Ваквиот евтин популизам на разгорување на националните страсти и популистичко профитирање врз работничката мака, штетно влијаат врз развојот на социјалистичката идеологија. Таа не ги претставува интересите на работниот народ, напротив е дел од системот кој угнетува работници. Партијата сега може да се класифицира како национал романтичарска или национал социјал-демократска, на која целта не и е да го зближи етнички поделениот народ, туку напротив трајно да ги сруши односите меѓу работниците од различна етничка припадност. Претставувајќи се како единствена партија која се бори за националните интереси на македонците, неретко новото раководство користи национал-шовинистички ставови, поради што ваквата Левица засекогаш ја загуби поддршката кај работниците од муслиманска вероисповест и албанска или турска националност.
Е.Г: Дали сметаш дека превземањето на Левица од страна на Апасиев е важно и за меѓународната левица/меѓународните левичарски движења?
Џ.В: Преземањето на Левица секако претставува удар и уназадување на развојот на антикапиталистичката и социјалистичка идеја во Македонија, па оттука и идејата на интернационализмот. На прв поглед може да создаде лажен впечаток дека во Македонија постои некаква левичарска партија која се залага за правата на работниците и за социо-економска промена на системот, но зад искажаните флоскули нема содржина и посериозна политичка мобилизација на работниците. Воедно Левица денес е партија која нема интернационален карактер и не работи на зближување со други партии и организации од регионот и пошироко.
Од друга страна интернационалната левица може да извлече поука од нашето искуство, за опасноста од инфилтрација и судско-државно преземање на партијата за на крај истата да се деформира во своја суштинска спротивност. Ова за нас претставува голема поука и отрезнување за тоа колкава е моќта на непријателот на работничката класа – капиталистичката држава.
Во продолжение линк од оригиналното интервју на англиски јазик за левичарскиот портал Jacobin Magazin