Претходниот текст имаше една површна теориска обработка на два, многу значајни пристапи кон поимот на нацијата и национализмот. Имено, модернистичката и етносимболистичката, две близки, но супстанцијално различни. Првата се повикува на поимот на функционалноста (во име на мобилизацијата) со цел развивање и централизирање на економски и политички институции. Другата се повикува на културни и етнолошки елементи како носачи на особеност(и) кои во зависност од парадигматската промена на историските текови, квалитативно се прелева(ат) во други елементи составни и носечки за нацијата. Тоа што и за двајцата е блиско, е тоа дека нацијата во секој случај е последица на национализмот, кај Смит национализмот претставува „душа на нацијата“, а кај Гелнер национализмот е „создавач“ на нацијата.
Во продолжение следуваат погледите на современите теоретичари на национализмот од позиција на лева политичка и идеолошка профилација, вклучително и тие на основачите на марксизмот (Маркс и Енгелс) и најзначајните спроведувачи на идеите на марксизмот во политичка смисла Роза Луксембург и Ленин. Тука, бегло само ќе се нафрлат нивните позиции, поради фактот што целта на овој труд не е изведување теории, консеквенци и парадокси на теоретичарите на левицата, туку само еден панорамски опфат на тоа како се пристапувало по ова прашање на оние кои практично се занимавале со политички активизам, создавајќи стратешка политичка теорија, а со тоа неодминувајќи го национализмот во него.
За левиот национализам и марксизмот
Теоријата на марксизмот е доста тенка во однос на дефинириањето и обработката на национализмот, особено раниот марксизам. Во делата на Маркс и Енгелс, категориите со коишто национализмот се дефинира се доста амбивалентни и непрецизни. Всушност, марксизмот, во раната фаза не произведува теорија на национализмот. Том Наирн, кој претставува марксистички теоретичар кој го анализира национализмот и националните прашања, во есејот „Модерниот Јанус“ марксистичката теорија во однос на национализмот ја нарекува „историски неуспех“. Според него, национализмот како целост носи во себе и прогресивна и регресивна сила.[1] Амбиваленцијата на национализмот во однос на прогресивниот и инструментализирачки ефект го промовира и Ерика Бенер. Таа вели дека основачите на марксизмот ги немале потребните концептуални средства за да го анализираат и теоретизираат национализмот каков што ние денеска го искусуваме. Меѓутоа, според неа, постои доста материјал кој треба да помине низ една материјалистичка анализа за да може да утврди каков би бил денес марксистичкиот поим за нацијата и национализмот.[2] Така, пристапот на Бенер и на Наирн се обидува да направи едно ново читање, низ призмата на материјализмот, на теоријата за национализмот и нацијата кај Маркс и Енгелс. Меѓутоа, главните линии на разбирањето на оваа проблематика се исцртани од страна на основачите на марксизмот и во продолжение ќе се пристапи на нивниот пристап.
За почеток, може да се каже дека и нивната теза за работниците и нацијата, се движи во насока на развојот на националната држава по француската револуција. За разлика од авторите како Гелнер и Смит, за Маркс и Енгелс, поимот на нацијата е доста нејасен, односно тие не прават обиди да ги дефинираат сличностите и разликите помеѓу тоа што се нарекува национализам, нација и држава. Во Манифестот на комунистичката партија, Маркс и Енгелс потенцираат дека „Работниците немаат татковина“[3], оттука, не може да им се одземе тоа што го немаат. Тоа што треба да го направат работниците, според основачите на марксизмот, е нивната цел да биде политичката доминација и преземање на контролата како владеачка класа, истовремено конституирајќи се како работничка нација.[4]
Прашањето на нацијата, државата и национализмот, како што може да се види од наведениот цитат, нема јасна и еднонасочна траса на семантичка и политичка интерпретација. Авторите на Манифестот, стојат на доста амбивалентни позиции во однос на националното прашање, а со тоа отворајќи го патот за многу различни последователни интерпретации и гледишта во рамки на марксистичките интелектуални активистички и академски погледи. Значајна сентенца е моментот дека со анулирање на спротивставеноста на класите во рамки на една нација, се анулира и антагонизмот помеѓу нациите.[5] Оттука, за Маркс и Енгелс „не по содржина, туку по форма, борбата на пролетаријатот против буржоазијата на почетокот е национална. Се разбира, пролетаријатот на секоја земја прво мора да расчисти со својата сопствена буржоазија“.[6] Тука може да се забележи дека тоа што кај Маркс и Енгелс е „национално“ и „нација“, тоа е државата со централизираната економија и политичките институции, кои по воведувањето на либералната репрезентативна демократија и класичниот економски систем, е во рацете на буржоазијата.
Генерално, теориите за национализмот, марксистичко-левичарските интелектуалци, теоретичари и филозофи значењето на нацијата и национализмот го врамуваат во рамки на потенцијалноста на истите за мобилизација и за еквиваленција на класната борба, која е главната нарација на марксистичката политичка филозофија како теориска и стратешка позиција во однос на праксата.
Всушност, марксистите[7] многу повеќе дискутираат што да направат со национализмот, отколку што всушност претставува тој, кои се неговите зачетоци и дали има некаква оправданост за неговото постоење во човековата историја, култура и политика. Тие, национализмот и нацијата ги гледаат низ концептот на функционалноста, оттука нивното разбирање и прифаќање на национализмот е блиско на модернистичкото. Според нивниот пристап, национализмот не треба да се вреднува со морални категории, туку со политички и стратешки.
Од друга страна, позициите на Ленин и на Роза Луксембург во однос на национализмот се комплетно спротивни.[8] Имено, ставот на Луксембург се гради на линија на југословенската парадигма на градење нација и борба на работниците, покрај фактот што малите нации треба да се борат против националната опресија. Нејзините заложби се против самоопределувањето поради нивната злоупотреба од страна на владејачката класа. Според неа, малите нации не можат да си дозволат засебност и монолитност, туку нивната еманципација и слобода е гарантирана во големи синтези и сојузи со други нации. Оттука, ставот на Луксембург не е анти-нација, туку е анти-национализам, а прашањата поврзани со нацијата и национализмот ги претставува како застарени метафизички клишеа. Нејзините главни политички позиции се интернационалистичките. Задачата на пролетеријатот, според неа, е да го уништи системот на опресија, односно класното општество.[9]
Од друга страна, Ленин, има дијаметрално спротивни ставови за национализмот. Лениновиот пристап кон национализмот има прагматична мотивација. Лениновиот аргумент за националното самоопределување е во насока на анти-империјализмот. Тој тврди дека потребата за самоопределување е акт на стимулираниот и афектираниот национализам, и дека тоа е потенцијален одговор против империјалистичките апетити.[10] Оттука, национализмот го поседува во себе анти-империјалистичкиот елемент како значаен фактор на отпор кон глобализаторските апетити на униполарноста на неолибералниот пазар и воените интервенции.
Мариглен Демири
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Мариглен Демири е роден во Битола и работи како наставник по филозофија во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во Скопје. Бил основач и членувал во неколку организации („Ленка“ и „Солидарност“) и протестни иницијативи („АМАН“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“) во минатото, а од 2018 година е еден од уредниците на порталот „Гласник“. Посебно е заинтересиран за филозофијата, историјата и естетиката како подрачја во кои се одвиваат значајни политички односи.
[1] Tom Nairn, The Break-up of Britain: Crisis and Neo-Nationalism (London: Verso, 1981) 329.
[2] Erica Benner, Really Existing Nationalisms: A Post-Communist View from Marx and Engels, (Oxford: Clarendon Press, 1995) 6-7.
[3] Во продолжение наредниот параграф продолжува: „Националните посебности и спротивности меѓу народите сè повеќе исчезнуваат веќе со развојот на буржоазијата, со слободната трговија, со светскиот пазар, со униформноста на индустриското производство и животните услови кои им соодветствуваат“ Ibid. 36
[4] Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Манифест на комунистичката партија, (Скопје:Аз-Буки 2008) 36.
[5] „Со падот на спротивставеноста на класите внатре во нацијата паѓа и непријателскиот став меѓу нациите“ op. cit. 37
[6] Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Манифест на комунистичката партија, 23-24
[7] Маркс и Енгелс, но и останатите кои следуваат после нив, вклучително Ленин и Роза Луксембург
[9] Umut Ozkirimli, Theories of Nationalism: A Critical Introduction 2nd Edition (New York: PALGRAVE MACMILLAN, 2010) 20-21
[10] Vladimir Ilyich Lenin, COLLECTED WORKS (Moscow: PROGRESS PUBLISHERS, 1972) 395-400.