Низа децении, ние се трудиме да го подобриме образованието. Чепкајќи во промените само формално, ние не го менуваме образованието, туку дополнително го формализираме, односно ја убиваме неговата суштина. Нам сè уште не ни се разјасна фактот дека образованието е општествено стереотипна појава. Не може да има никаква кавалитативна промена на полето на образование, доколку не се задре во општествено-економските односи со цел нивно потполно менување. Сите мерки кои не допираат дотука, се само еден гол формализам, што пак нам на површина ни го носи формализмот на образованието.
Образованието како една од носечките дејности во општеството е секогаш актуелна тема. Од друга страна пак, треба да се запрашаме, што во суштина нашето образование постигнува како успех и какви ученици продуцира. Секако, пред да се согледа резултатот, секогаш треба да се имаат предвид околностите во кои тој резултат се изработува. Општествено стереотипната природа на обрзованието треба да ни укаже на фактот дека нашето образование не може да отиде подалеку и понапред од тоа што претставува нашево општество. А какво е нашево општество? Нашево општество е во суштина формална организација, суштински исполнета со неквалитет, корупција, неефективност и мноштво страданија. Навистина звучи по малку морбидно, но нашето општество токму поради масивната неогранизираност, претставува мачење за оние коишто го создаваат тоа општество. Економски истоштено, длабоко корумпирано, водено од типично незаинтересирани кадри, со големи фалинки од образовен аспект, е нашето општество.
Во еден ваков систем функционира нашиот воспитно-образовен систем. Веројатно досега сите по малку заборавивме на терминот воспитание, што впрочем е еднакво важен аспект, придружник на образованието. Тоа е резултат на фактот што веројатно кај нас нема воспоставен модел според кој треба да се воспитуваме, или пак воспитниот идеал ни е прилично изместен. Вистината е некаде помеѓу. Срушеното општество, со сите свои практики, најмладите може да ги воспитува да се однесуваат во тој дух на општествено пропаѓање, кога сосема одговорно можеме да кажеме дека воспитанието одамна е мртво, на општественото поле ни останува само образованието.
Образованието, пак, како општествена дејност, само по себе е дезинтегрирано, дезориентирано и во суштина, нефункционално. Меѓу поглавните проблеми кои го натежнуваат образовниот процес се низата започнати и недовршени реформи, наметнатите административни обврски, но и нефункционирањето на институциите кои се задолжени за справување со целокупната документација и воопшто земено бирократија. Веќе неколку години наназад, БРО не може да обезбеди навремено сведителства за учениците, а куриозитет беше што оваа година учениците не добија ниту нови учебници според „Новата концепција за основно образвание“. Колку таа „Нова концепција“ е корисна и наметната со сила, говореа бурните реакции на сите високообразовни и научни институции, кои со индигнација ја отфрлија. Сепак, формално правно таа стапи во сила и формално правно таа функционира, иако ги нема и потребните ресурси за изведување. Најдобар пример е можеби активноста „Пливање“ која се предвидува во основно образование, а сепак ние немаме ниту едно основно училиште кое располага со базен, или пак располага со доволен кадар со цел децата на безбеден начин да научат да пливаат. Активноста е сведена на посетување објекти со базени, за коишто плаќаат општините, а од друга страна постојат населени места и општини каде што и воопшто нема базен. Жалосна слика на современото образование, но и приказ на трагичното воспитание кое сепак потајно ги поучува дека ако немаш пари, ништо не си! Ефектите од ваквата настава нема да се високи достигнувања, туку само пополнета документација, која ќе служи како показател дека нешто се работи. Примери од овој тип може да се посочат на десетици и десетици, но тие секогаш ќе го покажат истото, ефектот е само пополнета документација.
Интересно е да напоменеме колку и самите закони се судираат сами со себе. Според Законот за основно образование од 2019 година, член 41, алинеја 4, евиденција за воннаставни активности се води во дневникот на паралелката. Според Концепцијата за воннаставни активности донесена од страна на Министерот, а според предлог на БРО во 2020 година, евиденција за воннаставни активности се води Педагошката евиденција за воннаставни активности. Според прописите, каде наставникот треба да ја води евиденцијата за воннаставни активности? На ова прашање, никој компетентен нема да Ви даде одговор! Интересно е да се разгледа и електронскиот дневник како посебен вид педагошка евиденција. Тој беше воведен со цел да се дигитализира и олесни работата на наставниците. Како што поминуваа годините, тој навистина профункционира, но од друга страна никогаш и не беше соодветно надграден. Наставниците се соочуваа со паѓање на системот, особено во периодите кога треба да се пишуваат полугодишни, годишни и оценки на тримесечје. Соочени со ваков проблем, нставниците беа принудени доминантно да функционираат со хартиениот дневник кој беше во употреба паралелно со електронскиот дневник. Во учебната 2021/2022 година се воведе нова административна реформа – се укина хартиениот дневник. Веројатно се мислеше дека така наеднаш, со еден силен чекор кон иднината, потполно ќе се дигитализира наставничката работа. Но, реалноста сепак беше поинаква. Заради преоптоварување на системот, тој сè почесто не функционираше. Поради ова, наставниците беа принудени педагошката евиденција и оценките да ги водат низ разни тетратки, да пишуваат хартиена евиденција за интерна употреба, бидејќи на официјалната дигитална, никој не може сериозно да се потпре. Ажурноста на надлежните е лесно воочлива и по ова прашање, бидејќи за внес на нов наставник во системот и одобрување на лозинка за користење на електронскиот дневник некогаш се чека и по неколку месеци. Што добија наставниците од оваа реформа? Добија низа тефтери, листови за педагошка евиденција, но и лични тефтерчиња. Наместо евиденцијата систематски и законски да се води на едно место, сега таа се води насекаде, низ многу „неформални“ книги, а се пополнува во формалната евиденција, тогаш кога ќе работи.
За креаторите на образовните политики во Македонија, секогаш од најголема важност беше сè да е евидентирано и планирано. Па така наставниците пишуваат тематски, тематско-процесни и годишни планирања, пишуваат дневни подготовки за час, водат педагошка евиденција, а притоа треба и да предаваат. Децениските реформирања, го принудуваат нставникот постојано да совладува нови форми на водење на административниот дел. Досегашните дневни планирања, со новата концепција се заменуваат со таканаречените сценарија за наставен час. Покрај новините во структурата и содржината на подготовката, можеби најголема реформа беше тоа што сега наставниците наместо цели на часот пишуваат стандарди, а наместо наслов на наставна содржина, во електронскиот дневник се пишуваат содржините, поимите и стандардите кои детето треба да ги усвои на наставниот час. Навистина среќна околност е тоа што електронскиот дневник нуди можност за пишување бескрајно долг текст во определеното поле за работа на час, за разлика од хартиениот во кој тоа технички не може да се изведе. По завршувањето на овие административни обврски, наставникот треба да седне и да работи со детето, кое има материјали за учење наместо учебник, по наставната програма со оспорен квалитет, но што е, тука е, некој за таа реформа зел пари и истата мора да се спроведе. Учебниците пак, односно во случајов материјалите за учење, изобилуваат со грешки и пропусти, но иако имало и ќе има бројни забелешки, тие сепак ќе останат во употреба. Од друга страна е реалноста којашто секогаш ни се наметнува преку меѓународните тестирања на учениците. Сумарно согледано, според сите тестирања, нашите ученици покажуваат низок степен на писменост. Дури и покрај сите реформи и усилби, ситуацијата безмалку останува непроменета. Причината за тоа веројатно лежи во карактерот на реформите. Реформите преземани во образованието немаа никаков поинаков карактер освен административен, а реформираните програми се носат на брза рака, најчесто според политичката волја за реформи. Токму таа политичка волја е клучна за носење било што, но и клучна за укинување било што, што претходната политичка партија за време на своето владеење го вовела. Едноставно во Македонија, образованието е политичка алатка, приказ дека нешто работи оној човек кој по случјност на политичкиот пазар станал Министер за образование.
Неодминливо е да посветиме и неколку редови на нешто што можеме да го наречеме формализам на работното место. Поради ниските плати, експлоатацијата на трудот на просветните работници, метаријалното пропаѓање на наставничкиот стандард, наставниците се демотивирани. Тие се отуѓени од својот труд, а оние што не се, се принудени од љубов да ја работат професијата, додека пак се принудени да работат и по неколку други работи, сè со цел да го преживеат месецот. Отуѓувањето од трудот впрочем е масовна појава во капиталистичкото општество, а се отсликува на сите општествени нивоа.
На крајот, секогаш треба да согледаме, што во суштина го создава нашето образовние. Нашето образование е сочинето од низа прописи кои се косат сами со себе, низа нефункционалности и недоследности и неработење на одговорните институции. Образованието ни е плод на труежот наречен „местење тендери“, на политичките желби, на административната работа, на пропаднатиот и сиромашен наставник. Државата секогаш ги обмислува само формалните аспекти на образование. Поинаку кажано, штом на хартија е сè напишано како што треба, тогаш мора сè да функционира така, како што треба. Од друга страна пак, се заборава онаа народна мудрост дека „тефтерот крепи сè“, а тоа што е напишано во него, за жал сè почесто е нереализирано. Никогаш, ниту една политичка гарнитура не се осврнала кон квалитетот на образованието, кон квалитетот на поуката којашто децата не ја добиваат. Веројатно тоа е пред сè поради самата природа на образованието. Образованието е суштинска дејност, а за да го процените квалитетот потребни се деценски вложувања, требаат коренити пристапи кои задираат во суштината. Ваквиот пристап е невозможен за институции, кои формално постојат, за Сектор образование со кој формално раководи Министер, кој случајно го задолжиле за тој ресор, заради потребата формално да е застапена некоја политичка партија во власта. Формалноста понатаму продолжува по инерција. Децата формално правно по сила на закон одат во училиште, наставниците формално правно на хартија ги исполнуваат сите формални барања од институциите, колку и тие да не се квалитативно потребни и колку и суштински да го разјадуваат самиот чин на учење и поучување. Преку овие практики ние формално продуцираме нешто без суштина, без соодветен квалитет. Навистина чесно е да ги споменеме сите оние трудбеници кои дури и во вакви услови постигнуваат реален и квалитетен успех. Тоа е пред сè резултат на нивните натчовечки напори и судирање со институции, а некогаш и резултат на директно кршење на формално наметнатите прописи. Токму тие се оние кои ја држат суштинската слика на нашево образование жива, иако одамна нам нè надвладеал формализмот и квантитетот.
Васко Гичевски
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Васко Гичевски е роден во 1997 година во Битола. Дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 2020 година. Прогласен е за најдобро дипломиран студент на генерацијата и добитник е на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за покажан особен успех во студирањето. Активно се занимава со проучување на социјалната историја на Османлиската империја (Османлиска Македонија). Автор е на повеќе научни трудови објавени во релевантни научни списанија и четири дигитални – интерактивни мапи на недвижното културно наследство од Османлискиот период во Скопје и Битола. Член е на претседателството на Здружението на историчарите на Република Македонија од 2021 година. Се истакнува во својата дејност во насока на истражување, публикување и популаризирање на марксизмот како политичка филозофија и пракса.