Македонскиот превод на првиот од трите тома на Марксовиот „Капитал“ конечно е дигитализиран во хтмл верзија и како таков стана лесно достапен за секој заинтересиран читател. Фактички, дигиталната верзија на македонскиот превод (како пдф документ) ја има на интернет уште од 2010 година, но самата големина на тој документ го отежнуваше читањето.
Сепак, овозможувањето лесен пристап до првиот том на „Капиталот“ решава само дел од проблемот со неговото читање. И без дигиталните верзии, заинтересираните читатели можеа да ја најдат печатената верзија на преводот (објавен во 1975 година). Но, иако станува збор за едно од најзначајните дела на економската теорија и социјалистичката/комунистичката мисла, не е голем бројот на луѓе, денес во Македонија, кои го имаат прочитано. Самата обемност на делото обесхрабрува многумина. Дури и оние што почнале да го читаат веднаш наидуваат на уште една препрека – почетокот на делото за многумина е тежок, неразбирлив и наизглед, не многу релевантен.
Дали тоа треба да обесхрабри? Не. Тежок за читање е само почетокот (првиот оддел, односно првите три глави). За остатокот од книгата, како што напиша и самиот Маркс, „човек не може да се поплаче… дека е тешко разбирлив“. И фактички постои начин како да се заобиколи овој проблем. Фридрих Енгелс, долгогодишниот соборец на Маркс, напиша Конспект (синопсис, резиме) на првиот том на „Капиталот“, чија прва глава накратко ги прераскажува „проблематичните“ први три глави на „Капиталот“. Па читателот може да го прочита резимето од Енгелс и потоа да се префрли на оригиналниот текст. Се разбира, на овој начин се губи нешто, но ваквата стратегија може да спречи многумина да кренат раце од читањето на „Капиталот“ по неколку прочитани страници.
Но, дури и да се заобиколи проблемот со тешкотијата за читање на првите три глави и да се тргне настрана обемноста на делото, останува прашањето: која е релевантноста на ова дело денес, т.е. дали тоа вреди да се (про)чита? Ова прашање не смее да се остави неодговорено. Мојот одговор е: во услови на климатска криза, предизвикана од капитализмот, кога овој систем стана не само штетен, туку и опасен за целиот жив свет на планетата (вклучително и луѓето), исклучително е важно запознавањето со начинот на неговото функционирање. Маркс го почнува своето дело со анализа на стоката, бидејќи му било важно да покаже дека капитализмот е специфичен начин на стоково производство, при што се произведуваат стоки, не заради нив самите, туку за преку нив да се оствари вишок на вредност (а во нејзини рамки и профит за капиталистот). Ваквото производство на стоки кои не се цел на производството, туку само средство за остварување профит помага да се разбере зашто капитализмот не може да се „откаже“ од нелогичното и штетно производство на разноразни еднократни непотрепштини кои се произведуваат за веднаш да се фрлат и потоа да се трошат нови ресурси (вклучително и човечки труд) за ново производство. Во контекст на општата еколошка криза, тоа што од „Капиталот“ исто така може да се научи е и тоа како „капиталистичкото производство ја развива техниката и комбинацијата на општествениот процес на производството на тој начин што тоа едновремено ги поткопува изворите на секое богатство: земјата и работникот“.
Експлоатацијата на работниците исто така има исклучително важно место во „Капиталот“. Маркс утврдува дека во капитализмот и работната сила на работникот е претворена во стока и дека таа претставува специфичен вид стока: стока преку чија експлоатација единствено може да се создаде вишок на вредноста (и од неа профит). Оттука, експлоатацијата на работниците е услов без кој не се може во капитализмот. Притоа, во еден од можеби најважните заклучоци во „Капиталот“, Маркс пишува: „По мене, потоп! е лозунгот на секој капиталист и на секоја капиталистичка нација. Затоа, капиталот е безобѕирен кон здравјето на работникот и траењето на неговиот живот, каде што тој не е присилен кон тој обѕир од страна на општеството“.
Какви сѐ не ужаси можат да се прочитаат во „Капиталот“ за дното до кое може да стигне експлоатацијата на работниците! Особено главите 8, 13, 23 и 24 изобилуваат со мноштво примери. Овде ќе издвојам само два од пошокантните. Во осмата глава, Маркс цитира една статија од „Дејли Телеграф“ во којашто пишува дека во индустријата за тантели: „Децата од 9-10 год. ги измолкнуваат од нивните валкани постели во 2, 3, 4 часот наутро и ги присилуваат за одржување на голиот живот да работат до 10, 11, 12 часот ноќта, сѐ додека не им свенат рацете и нозете и додека телото не им се збрчка, додека цртите на лицата не им отапат и додека нивниот човечки изглед сосем не истине во скаменета неподвижност, да ти се грози само да ја погледнеш“. Деца на возраст од 9-10 години! Каква бездушност и нечовечност! Ама, имало и полошо. Во 13-та глава Маркс го наведува шокантниот податок дека во производството на тули и ќерамиди работеле и деца од 6, па дури и од 4 години! Еве што пишува тој за конкретниот случај: „Од мај до септември работата трае од 5 часот наутро до 8 часот навечер, а каде што се сушат [тулите] надвор на воздух, често таа трае од 4 часот наутро до 9 часот навечер… Деца од двата пола се употребуваат од 6 па дури и од 4 години. Тие работат ист број часови и често повеќе од возрасните. Трудот е тежок, а летната жега уште ја потсилува исцрпеноста“. Можете да замислите 4 годишно дете да работи?! И што кажува тоа за системот кој тоа го практикува?
„Ама, ова не е релевантно денес“ – ќе се дрзне да каже некој. Навистина ли? Не станува збор само за тоа дека преку ваквата нечовечка експлоатација тогаш дојде до огромна акумулација на богатството во рацете на капиталистите, кое богатство потоа ним им овозможи да ја одржуваат својата доминантна положба во општеството и да го репродуцираат капитализмот. Важно е да се нагласи дека принудувањето деца да работат и тоа во исклучително тешки услови го има и денес. На пример, енормното и одвишно производство на мобилни телефони, на оние истите кои многумина ги менуваат како чорапи штом излезе понов модел, се потпира на раширениот детски труд во ДР Конго. Извештајот на „Амнести Интернационал“ од 2016 година зборува за деца на 7 годишна возраст (!) што работат во рудниците за кобалт, при што има сведоштва како следново, на едно 14 годишно сираче: „Поминувам по 24 часа долу во тунелите. Пристигнувам наутро и излегувам следното утро“. И сè тоа за профитот на капиталистите и за да се перпетуира леснотијата со која многумина купуваат секоја година нови мобилни телефони, а кое темпо им е наметнато преку маркетингот и конформизмот со цел да се комплетира процесот што завршува со профит за капиталистите.
И уште нешто околу релевантноста денес на примерите за екстремна експлоатација на периферијата на капитализмот денес и во историјата. Како што посочува Маркс во заклучокот што претходно беше цитиран, секогаш кога општеството не успева да го заузда капиталот, тој е „безобѕирен кон здравјето на работникот и траењето на неговиот живот“. Тоа е во неговиот генетски код, на тоа тој е „принуден“ во трката за профит и тоа тој го прави секогаш одново и одново кога ништо не му се испречува на патот. Во контекст на оскудицата што ќе ја донесе климатската криза наскоро за сите што не се богати, овој Марксов заклучок и сите примери за нечовечноста на капитализмот што се наведени во „Капиталот“ треба да нѐ направат свесни за опасностите со кои ќе се соочиме, ако не успееме да го зауздаме чудовиштето.
Ќе завршам со уште едно посочување. „Капиталот“ содржи и доста добар опис на Големиот глад што ја погоди Ирска во 1846 и годините/децениите на страдање што следувале. Среде доминантната антикомунистичка пропаганда денес, многумина имаат слушнато за хлодоморот што го предизвикал Сталин во Украина во 1930-тите (и кој е за целосна осуда), но ништо не знаат за хлодоморот во 1840-те во Ирска и за вината на капитализмот во нејзиното предизвикување и енормно влошување. Штетата што ѝ се нанесе на Ирска е толку голема и долготрајна, што дури и денес, цели 170 години подоцна, населението на Ирска е помало од тоа што било пред Големиот глад (7 милиони денес наспроти тогашните 8 милиони). Во „Капиталот“ Маркс посочува како по Големиот глад обработливата површина била претворена во пасишта, за да им служи на потребите на англискиот капитализам, и го разобличува резонирањето на капиталистичките апологети, дека гладот бил предизвикан од пренаселеноста на Ирска, посочувајќи на тоа дека и покрај огромниот пад на бројот на населението по катастрофата, луѓето живееле уште посиромашно, додека капитализмот сѐ уште создавал релативно одвишно население. Попатно ќе напоменам дека и оваа тема за пренаселеноста е исто така актуелна денес, преку дискурсот на екофашистите, кои вината за еколошките проблеми се обидуваат да ја лоцираат кај бројот на (небелечко) човечко население наместо кај капитализмот. Па поради тоа, дискусијата на Маркс околу наводната пренаселеност на Ирска како причина за Големиот глад и сиромаштијата не претставува само прашање од историски интерес.
Сѐ на сѐ, „Капиталот“ на Маркс беше и остана незаобиколиво четиво за секој што ги трпи последиците на капитализмот на своја кожа и што е подготвен да се бори против овој обесчовечен економски систем, кој во третата деценија од 21 век не претставува само неправеден, туку и опасен и анахрон систем.
Здравко Савески
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.
Здравко Савески е активист за социјална правда и екологист. Доктор е на политички науки. Во последните години неговиот интерес е концентриран на економијата и екологијата. Автор и коавтор е на повеќе книги, меѓу кои „Демократија: модели и дилеми“ (2011) и „Отаде едноумието: повторно откривање на левицата“ (2006). Се занимава и со преведување. Во последните години, со цел да ѝ ги приближи најновите трендови на прогресивната светска мисла на македонската јавност ги преведе книгите: „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ од Џејсон Хикел (2019) и „Историја на светот во седум евтини работи: водич во капитализмот, природата и иднината на планетата“ од Раџ Пател и Џејсон В. Мур (2020).