„Трамонтана“ е истоимен роман со ветрот што доаѓа од Пиринеите и го разбранува Средоземното Море на брегот на Каталонија во Шпанија. Парадоксот на секој ветар се крие во тоа што може да скрши вековни и широки стебла од дрвја чиишто корења можат да бидат длабоко испреплетени во земјата, а истовремено само да ги постели малите едногодишни сламени трски кои скоро и да не се врзани со тлото. Во овој роман, како и во денешното македонско општество, ветрот дува од Запад, поттикнувајќи ги луѓето да го надминат парадоксот Исток-Запад и да преминат на некој нов.
Романот на Наташа Сарџоска има два наратори или покоректно кажано две раскажувачки. Првата е Алма, Французинка, чиешто име значи хранител, а втората е Алба, односно бела мугра и е Македонка. Можеби некому ќе му делува збунувачки како авторот избрал два наратори за еден роман, но фабулата на „Трамонтана“ дозволува да има преплетување на приказните, а да нема преклопување на гласот. За разлика од стварноста, каде што не секоја жена е подеднакво чуена, во романот двете жени добиваат рамноправен третман во однос на јачината на гласот што ќе одекне додека некој чита. Средбата на двата ликови е опишана од двете нараторки, па така за читателот уште еднаш се обезбедува некаква објективност за неговиот суд, колку што е таа возможна за една испреплетена животна приказна.
Темата е позицијата на жената на денешното тло. Писателка, две нараторки, неколку женски ликови, сексуална работа и политика се нештата коишто го создаваат овој роман. Изборот да се прикаже нечија животна приказна низ две перспективи не е воопшто нов, веројатно претставувањето на нечија случајност низ два гласа е нешто поретко, барем во македонскиот роман. Првиот пристап е рационалистички, сталожен и смирен и можеби помирен со непроменливоста на состојбите со човечките животи на другиот дел од светот, тоа што не е Европа. Другата страна на приказната е емоционалната. Низ постапките на Алба се согледува позицијата на жената во неевропското општество, поточно позицијата на човекот кога тој е спротивставен на моќта. Вака суреден, романот дава можност да се размислува за (не)можностите што можат да го снајдат човекот.
Французинката Алма е висока чиновничка во некоја бирократска институција за заштита на жените од сексуално насилство. Таа за својот живот, за сопствената професија, начинот на суштествување во Париз дава искази за здодевност, пресметаност, сталоженост, непроменливост, но и критика кон тој буржоаски морал, кон европската политика, кон јавниот морал за човековите права. Сепак, и покрај искрениот тон на Алма, може да се отскријат потајно потпикнатите малограѓански оправдувања за сопствената немоќ за преземање нешто во однос на другите, истовремено трудејќи се да се задржи сè точно така како што е. Тргнувајќи ги на страна материјалните добра што Алма ги ползува, како на пример удобниот стан, скапите хотелски соби каде што јаде на сметка на фондовите за борба против трговијата со луѓе, читателот може да забележи дека таа е жена која и самата не може многу да си помогне. Тоа што возбудува во врска со неа е веројатно дека во нејзиниот живот најголемата борба е тоа што нема никаква борба за некаква промена. Таа не се судрува со ништо за да се бори, па веројатно и затоа слабо се бори дури и за одржување на тоа за коешто можеби не мора да се бори.
Не треба да се има многу познавање за да се сфати дека постојат разлики во однос на правата што ги имаат луѓето на различни места во светот, но тука тоа вешто се отчитува низ свеста на Алма за сопствената позиција во светот, како таа се наоѓа некаде помеѓу човекот надвор од Европа и мажот во Европа. Таа одредница е во сива зона. Дихотомијата добар – лош не е својствено нешто за овој ракопис. Поинаку кажано, како и низ секојдневното живеење на човекот, така и тука, етичкиот судир не се расправа јасно, туку преку внатрешниот глас што некогаш никој не сака ниту да си го чуе.
Меѓу Алма и Алба се наоѓа Ирина, единствената опишана жена – жртва на трговија со бело робје, уште еден назив за луѓето жртви од принудна сексуална работа. Таа е предметот, случајот, деловодниот број што ќе ги спои Алма и Алба. Гласот на Ирина не се слуша во романот. Тоа може да значи многу работи. Едната е дека луѓето изложени на таква бруталност долго време не можат да изустат ниту збор, а втората е дека еднаш документирана, жртвата веќе никој не ја слуша. Но, околу неа, околу жртвата може да се прочита целото општество, докторката која дијагностицира и морализира, дипломатот кој документира, Европјанката која сочувствува и Македонката која, исто така, е жртва на некој маж. Романот не е фикција за да може целосно да ја разубави социоекономската позиција на ликовите што ја раскажуваат оваа приказна.
Така, Алма, втората раскажувачка ја расплетува својата ситуација. Но, наместо да ја обезбеди својата иднина таа ќе ја скрои својата судбина, ништо поразлично од метежот во којшто се нашла и Ирина. Алма и Алба немаат само слични имиња, туку и блиски светогледи и покрај тоа што едната живее и работи во Париз, а другата во Скопје. Тоа може да се забележи кога Алма ја опишува Алба. „Скромно девојче“ на француски не може да биде синоним за „работлива девојка“ на македонски. Префинетоста е израз на одредена привилегија во било кое општество. Така, впрегнат помеѓу свесната скромност на високата европска чиновничка и нескромноста на младата македонска и самосвесна буржујка, тој што ќе го чита романот ќе треба повторно да ги прескокнува овие парадокси или барем нејаснотии.
Ирина, не успеа да изусти ниту еден збор, нешто што барем едната од нив две не го чула, но без ниту еден збор успеа да ѝ ја покаже на позицијата на Алба уште пред таа да ѝ овозможи на Алма да го спознае своето место под сонцето. Нејаснотиите во сижето на приказната на Алба се должат на маглината во којашто суштествува таа. Овој „женски“ роман добро ја доловува секогаш прашалната позиција на жената во светот.
Меѓутоа, не сите машки ликови во романот се претставени како предатори и експлоататори и можеби тоа се должи на тоа што не се сите ликови Европејци, барем во т.н. класична дефиниција за Европеец. Иако на прв поглед не се забележува, дел од приказната се однесува на класните разлики што постојат меѓу раскажувањата и прераскажувањата во самиот роман. Така, навремено платената кирија и парчето бифтек можеби се симбол за скромност или уредност во Париз, но со сигурност се одлика на ситуираност и комодитет во Скопје. Хотелската соба на еврослужбеничката носи избор на Арапи и таксисти, на преведувачката од Кисела Вода непоканет гостин. Укорот на конференција е шамар во полициска станица и многу други споредби што ја прикажуваат разноликоста на културите при различна распределба на материјалните добра. Тој осврт не недостасува во овој роман.
Кога се напуштаат разликите и почнува да се размислува во македонски контекст, па ете дури и во проширен балкански контекст, источен нека биде, тогаш се гледа начинот на помирување со сопствената судбина кај Алба. Алба, поучена од Ирина дека „Сила Бога не моли!“ дозволува друг да ја раскажува нејзината приказна за да може одново да состави нова, овој пат со поголемо искуство, ако не и со поголем разум. Така некако е изграден ликот на Алба, жената која преведуваше, но не можеше да ја протолкува својата позиција во светот.
Во целата приказна романот наоѓа место и за неуспехот на перформансот. Алба непомирена со судбината, продолжува. Алма помирена со светот не продолжува, таа сака да крене глас, конечно да се одважи за својот молк, но низ гласот на другата, рецепт за неуспех, што би рекол некој телевизиски гуру. Повторувањето, што е мајка на знаењето, опишано е како маќеа на искуството. Не е лесно човек да се присетува на насилството одново и одново.
Конечно, романот веројатно го отвора прашањето за продолжувањето на животот по траумата, односно како да се продолжи понатаму без многу да се повторува. Повторувањето овозможува знаење, доверливост на информациите, приказните, случаите, но дава несигурност, одново себеобвинување кај тој што треба да раскажува и прераскажува за да може да продолжи. Како треба да се размислува за да може да се помогне, но како да се размислува за да може некој сам себеси да си помогне? Како да се прифати судбината и повторно да се работи за иднината? Тие се прашањата што веројатно произлегуваат по читањето на „Трамонтана“.
Во целост, авторката на романот успешно ги претставува приказните на повеќе женски ликови коишто низ страниците на книгата живеат, се обидуваат да се носат со загубите, со новите предизвици, коишто учат како да ги надминат нејаснотиите дури и тогаш кога не можат целосно да ги расветлат. На разбирлив јазик се претставени неразбирливи ситуации и тоа е она што покажува како поединечните ситуации со кои секогаш може да се судри еден човек лесно доаѓаат и тешко се преживуваат. Романот дава комплексна претстава за денешното опкружување во Европа и „неевропските“ држави, за статусните разлики, за симболите што предизвикуваат разни чувства кај поединецот, за жената која треба двојно да мери во споредба со мажот, за сите небиднини и за сите нови можни почетоци.
Романот „Трамонтана“ на Наташа Сарџоска е издаден од издавачка куќа „Три“ од Скопје во 2021 година. Може да се најде во јавните библиотеки во Битола, Богданци, Валандово, Велес, Виница, Делчево, Демир Капија, Кочани, Куманово, Неготино, Прилеп, Скопје и Струмица.
Никола Шиндре.
Лектура: Е. М.
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.