домаКолумниМариглен Демири: „Две теории за национализмот/нацијата и што се случува со цените...

Мариглен Демири: „Две теории за национализмот/нацијата и што се случува со цените на храната (?)“

Иако генералната линија на која се дизајнирал наративот на политичката левица за време на ХХ век бил оној на класната борба, националниот елемент, не бил изоставен во посебни секвенци од ХХ век. На Балканот, но и надвор од него, за време на ХХ век, како последица на активности на левицата, се конституираат повеќе национални држави. Оттука, линијата на дистрибуција на еманципација во политичка смисла, рака под рака одела со националното будење, како една колективна соединувачка енергија.

Во услови на „урнебесна“ криза која ја тресе државата, што на економски и енергетски план, а што на етно-идентитетско-симболистички план, во јавноста, социјалните мрежи и платформи, но и т.н. експертски дебати, се стимулираат најжешките теми кои се артикулираат често со фолклорен и лумпен-националистички призвук – зависи од темата и нејзината употребна вредност во дневно политичкиот простор. Всушност, кога зборуваме за политички простор, во нашиот контекст, зборуваме за простор во којшто политичките партии го окупираат целосно со амбициите да го поклопат со својата логика на процесирање и организирање, односно разбирање на светот. Често разбирањето на светот според политичките партии е тесно, површно и догматско пред сè. Сето ова не значи дека не треба луѓето во заедницата да се занимаваат со политика, или политиката да ја отстапат на политичките партии за целосно да го дефинираат и енкапсулираат и последното уточиште слобода да се мисли и да се организира, туку да се отслика состојбата на веќе замрената енергија која се занимаваше со политика во последниве две-три години. Главната носечка идеја беше на таа енергија националната и во таа иницијативност учествуваа што леви, што десни, што централни.

Дебатите за национализмот во Македонија завршуваат со дебати за патриотизмот. Ретко кои интелектуалци преферираат на полното разбирање на изразот нација, негова употреба и обезбедување на аргументи и контра-аргументи во насока на негово застапување. Не дека е некој сериозен предизвик, меѓутоа е интересен е куриозитетот кој го наметнува потребата од одговор на прашањето „што е нацијата?“.

Во продолжение, накратко, ќе се презентираат две кратки теории за нацијата, односно национализмот, таа на етно-симболизмот и на модернизмот (креационизмот/функционализмот). Со должна почит за перенијалистите кои имаат свои аргументи, меѓутоа кои се изземени поради неапликативноста на таа теорија во планот за наредните текстови кои ќе следуваат во оваа рубрика на „Гласни идеи“.

Две (кратки) теории за национализамот

Многу често, во теоријата и во праксата, национализмот се поврзува со десната идеолошка и политичка профилација. Првата половина на XIX век е значајна за национализмот и левицата како своевидно прокси раздобје во кое националното „будење“ во монархистичките и феудални пара-системи во Европа имало стратешка позиција. Суверенитетот и политичкиот легитимитет, биле едни од приоритетните цели на политичката левица, додека пак ставот „граѓаните да решат“, нужно претходно барало „граѓани“, со политички идентитет, врз кои би почивал суверенитетот и легитимитетот.

Иако генералната линија на која се дизајнирал наративот на политичката левица за време на ХХ век бил оној на класната борба, националниот елемент, не бил изоставен во посебни секвенци од ХХ век. На Балканот, но и надвор од него, за време на ХХ век, како последица на активности на левицата, се конституираат повеќе национални држави. Оттука, линијата на дистрибуција на еманципација во политичка смисла, рака под рака одела со националното будење, како една колективна соединувачка енергија.

Теоријата е доста поделена во однос на тоа што смета за национализам и што смета за нација. Значаен е моментот дека речиси сите теоретичари, кога ја „плетат“ својата теорија, голем напор и енергија посветуваат на феноменот на нацијата, дефинирајќи ги нејзините карактеристики. На прв поглед иако секој теоретичар на национализмот внесува своја освежена варијанта на дефинирање на национализмот, горе-долу концептите се движат на трите големи рамки (модернистичката, перенијалистичката и етно-симболистичката).Така, тие се чини дека нудат логичко објаснување на национализмот и нацијата, сепак нивните елементи остануваат стерилни пред различни контекстуални опструкции и политички нанеси.

Портрет на Ентони Смит
Портрет на Ентони Смит
Портрет на Ернест Гелнер

Дефиницијата на Ентони Смит[1] изнесена на познатата дебата во Ворвик (Warwick) на 24 Октомври, 1995 година, дванаесет дена после смртта на Гелнер, кој впрочем е вториот учесник на дебатата, како клучна референтна семантичка граница ја поставува идеологијата и од неа разлачената автономија. Идеологијата и автономијата носат своевидна демократска унија на процесирање на политичкиот елемент кој единката во колективот го носи. Значи, според Смит, кој во теоријата е познат како следбеник на етно-симболистичкото разбирање на национализмот, национализмот е идеологија кое афирмира политички елементи во разбирањето на нацијата[2], која пак според него содржи колективно разбирање и практикување на форми на култура, политика, економија и право, во една најопшта смисла.

Односот на нацијата и национализмот според Смит има линија на одвоеност, каде национализмот претставува една духовна варијанта на нацијата[3], односно нејзина онтолошка стабилна позиција. Всушност нацијата претставува хипостаза на национализмот, нејзина избрусена идеја која се овоплотува во територијални, историски, културни и спиритуални граници.

Од друга страна, модернистичката парадигма е во некои секвенци е блиска до Смитовата, но истовремено и фундаментално различна. На дебатата во Ворвик, менторот на Смит, Ернест Гелнер ги застапува ставовите на модернистите, познати и како креационисти. Идејата на Гелнер се состои во ставот дека нациите се конструкти на социо-економски, политички и историски нужности. Накратко, периодот на индустријализацијата и потребата од економски и политички трансформации во однос на политичкиот и економскиот систем ја поттикнува модерната форма на нација.

За национализмот, Гелнер смета дека претставува принцип којшто подразбира поклопување на политичката и националната граница. Кога се нарушува принципот на национализмот, се стимулира национализмот во актуална фаза на својата потенција. Стимулот не е предизвикуван само од непоклопливоста на политичката и етничката единица, туку и поради туѓиот етнички елемент во раководствените структури на државата. Оттука, национализмот за Гелнер има ексклузивистичка димензија и апелира на ексклузивност на нацијата и на државата.

Така, за него национализмот е тој кој ја создава нацијата, а не обратно. Државата носи една фунцкионална димензија, која е доста значајна и претставува инструмент на националистите, според Гелнеровата теорија, во исполнувањето на своите национални цели. Гелнеровото гледање на национализмот носи економски, индустриски и социјален драјв, историска припарност и нужност за негово конституирање, а сите други елементи (како национален мит како сакрална институција со испреплетени историски и митолошки интерпретации) претставуваат секундарна постапка. Значи прво држава и институции, потем низ тие институции обработување и ширење на митологијата за нацијата, единството, храброста и историјата, канонизирање на личности и знаменитости итн.

Се чини дека модернистичката варијанта на национализмот, пред сè како функционалистичка, има поблиски својства со политичките амбиции на политичката левица (настрана од контекстот во кој се наоѓа Македонија, иако истиот претставува повод за една кратка рефлексија на национализмот).

Храната и скапотијата

Најновиот извештај на Светска банка, која до пред речиси десетина години важеше како корифеј на капитализмот и сите митови кои го следат истиот, особено познати се незамисливите регулациски постапки во однос на кризните периоди во однос на финансиската криза во 2008 година и притисокот којшто се извршуваше врз Грција и останатите медитерански-ЕУ-капиталистички држави, укажа неколку работи. Имено, дека опасноста во Македонија да се зголеми сиромаштијата за 13%, односно за уште (од прилика) 50 илјади граѓани, претпоставката е дека околу 450 илјади граѓани во државава живеат сиромашно. Причината за сето тоа е покачувањето на цените на храната предизвикани од инфлацијата. Накрај препораката на Светска банка е дека не треба замрзнување на цените на производите како со примерот на соседните држави, иако случајот на Албанија се покажува доста ефикасен (Албанија е единствената држава во Источна Европа со инфлација не повисока од 10%, причината за ова е замрзнувањето на цените на основните прехрамбени продукци и воведе строги казни за тие кои ќе ги прекршуваат овие ограничувања, уште пред 6 месеци) и за оваа Банка, занемарувачки.

The Store” by szeke is licensed under CC BY-NC-SA 2.0.

Фактот дека живееме во време во кое државата речиси целосно го има изгубено авторитетот да одлучува, наредува и извршува, не кореспондира со фактот дека истата (државата) ќе си ги поврати назад овие карактеристики кои ја следат како некоја диференција специфика. Една од хипотезите за употребата на националната реторика во услови на социјална ерозија, е потребата да се анимира и последниот преостанат атом на потребата за демократска партиципација и „свесност“ за улогата на суверенот, па следствено на тоа мобилизација и враќање на функцијата на државата како провајдер, не само на утврдена(та) национална митологија, туку и на социјална(та) хармонија. Сметам дека таа стратегија е оплескана и нефункционално банална во својата цел преку суверена нација да дојде до социјална хармонија, замислувајќи ја нацијата пред сè како една етно-митолошка примарност.

Потребата за враќање на авторитетот на државата, не таа на етно-митолошката-нација, туку на економски присутната институционално координирана и мобилизирана, во периодот кој следува, ќе се зголемува и демократската нужност нема да апелира на етно-националната митолошка свест, туку на социјалната, како хетерогена и совмесна на општеството во коешто живееме.

Библиографија

Smith’s, A. D. (1996). Opening statement Nations and their pasts. Nations and Nationalism, 2(3), 358–365. doi:10.1111/j.1469-8219.1996.tb00002.x

Gellner, E. (1996). Ernest Gellner’s reply: “Do nations have navels?” Nations and Nationalism, 2(3), 366–370. doi:10.1111/j.1469-8219.1996.tb00003.x

Ernest Gellner, Nations and Nationalism (Oxford: Basil Blackwell, 1983) 1-3.

Мариглен Демири

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.


[1] „Под „национализам“ разбирам идеолошко движење за остварување и одржување автономија, единство и идентитет на (одредена) човечка популација која некои нејзини членови ја замислуваат дека претставува вистинска или потенцијална „нација““

[2] „„нацијата“, пак, ја дефинирам како именувана човечка популација која споделува историска територија, заеднички митови и сеќавања, масовна јавна култура, единствена економија и заеднички права и обврски за сите членови“

[3] Значајно да се наведе е моментот на разбирањето на нацијата во Смитовска перспектива. Таа според него, во продолжение од излагањето, не е исто што и државата. Државата според него е правен и политички субјект, но не и заедница.

Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.
Портрет на Мариглен Демири, Васко Џамбаски, 2014 г.

Мариглен Демири е роден во Битола и работи како наставник по филозофија во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во Скопје. Бил основач и членувал во неколку организации („Ленка“ и „Солидарност“) и протестни иницијативи („АМАН“, „Студентски пленум“ и „Протестирам“) во минатото, а од 2018 година е еден од уредниците на порталот „Гласник“. Посебно е заинтересиран за филозофијата, историјата и естетиката како подрачја во кои се одвиваат значајни политички односи.

RELATED ARTICLES