домаКолумниЗдравко Савески: „Империјалистичката војна околу Украина“

Здравко Савески: „Империјалистичката војна околу Украина“

"Flag of Ukraine (1991–1992)" by Volks Das Auto is licensed under CC BY-SA 4.0.
“Flag of Ukraine (1991–1992)” by Volks Das Auto is licensed under CC BY-SA 4.0.

Секој дополнителен ден од војната го зголемува бројот на луѓето што го губат животот. На оние што ќе останат живи, им се уништуваат домовите, им се влошува економската ситуација, им се зголемуваат траумите од војната. Но, не се жртви само луѓето во Украина. Жртви сме сите ние, и во државите чии властодршци дополнително ја разгоруваат војната и во државите кои притискаат за мир.

Одбивам да ја прифатам војната како нешто дадено, како нешто што не можеме да го промениме, како нешто за што треба и ние самите да ја плаќаме цената! Ниту оваа војна нужно мораше да се случи, ниту мораше толку долго да трае. Зошто уште трае? И зошто и ние ја плаќаме цената? Затоа што и ние, како и многу други граѓани од останатите земји, им оставаме одврзани раце на власта да прави онака како што најмногу им одговара на центрите на моќ. Зошто расте цената на горивата? Поради Украинската војна. Зошто расте цената на храната? Во голема мера поради Украинската војна. И што правиме ние во врска со тоа? Земаме здраво за готово дека војната ќе си трае додека си трае и бараме од власта да преземе мерки за да го анулира ударот врз животниот стандард, но при тоа „изумувајќи“ ја главната: власта наместо да придонесува за пролонгирање на војната, да даде придонес таа под итно да заврши!

Ме ужаснува заземањето страна во оваа војна! Уште повеќе што тоа најчесто го има карактерот на навивање за некој фудбалски тим, па едните биле за „Реал“, а другите за „Барселона“. Па многумина си навиваат како ова да е некој натпревар – иако таму гинат луѓе, иако овде самите плаќаат за таа војна со својот животен стандард!

"Pray for Ukraine" by snamess is licensed under CC BY 2.0.
“Pray for Ukraine” by snamess is licensed under CC BY 2.0.

Во оваа војна – нема добра страна. Наспроти пропагандата на медиумите на естаблишментот, ова не е борба на доброто против лошото. Да, Русија на автократот Путин изврши агресија врз Украина, а неодамна и формална анексија на украинска територија. Тоа е за целосна осуда. Но оваа војна го нема само овој аспект, па само врз основа на него да се зафаќа страна.

Оваа војна има три нивоа. Првото ниво е внатре-украинскиот конфликт помеѓу националистичката украинска власт и руското малцинство. Правата на руското малцинство не смеат да се „подзаборават“. Најмалку тоа смеат да го направат оние што ја истакнуваат важноста на правата на етничките малцинства во други земји. Меѓуетничкиот конфликт во Украина во 2014 година не ескалира по отцепувањето на дел од украинските територии населени со етнички Руси. До ескалацијата дојде по укинувањето на статусот на рускиот јазик во Украина, што го направија прозападните и антируски сили веднаш штом ја презедоа власта.

Второто ниво е меѓудржавната војна што ја отпочна Русија против Украина. Ниту дискриминацијата на руското малцинство, ниту експанзивниот карактер на американскиот империјализам не се доволна причина за оправдување на руската агресија, а сите проруски изговори дека руската власт била речиси принудена да ја започне војната паднаа во вода по анектирањето украинска територија. Тоа докажа дека војната била и заради присвојување територии. Тоа силно ја делегитимира проруската позиција.

Третото ниво е судирот на двата империјализми, американскиот и рускиот, за тоа кому ќе му припадне Украина. НАТО требаше да биде распуштен уште пред 30 години, по завршувањето на Студената војна и распуштањето на Варшавскиот пакт. Но, наместо тоа, НАТО беше драстично проширен, како инструмент за проектирање на американската доминација. Иако Русија даде јасно до знаење дека понатамошното ширење на НАТО во Украина и Грузија го смета за загрозување на националната безбедност, токму заради тоа НАТО продолжи да си подигрува со можноста за идно зачленување на Украина во НАТО. Па сега, поради неотстапувањето од империјалистичките планови на центрите на моќ во САД, на територијата на Украина и на грбот на народот во Украина (без разлика на етничката припадност), американскиот и рускиот империјализам си ги одмеруваат силите. Безвредни се тврдењата дека мотивот на американскиот империјализам бил спротивставување на агресијата и окупацијата. На Блискиот Исток, САД ја поддржува окупацијата и апартхејдот на палестинските територии уште од 1967 година. И гледај чудо: таму му дава оружје (и тоа изобилно) на окупаторот, а не на борците против окупацијата! Ваквата драстична разлика во третманот на Израел и Русија, на Палестина и Украина, ваквата срамна беспринципиелност, нема врска со демократијата или меѓународното право, туку само со империјалистичките цели.

"Anti-terrorist operation in eastern Ukraine (War Ukraine)" by Ministry of Defense of Ukraine is licensed under CC BY-SA 2.0.
“Anti-terrorist operation in eastern Ukraine (War Ukraine)” by Ministry of Defense of Ukraine is licensed under CC BY-SA 2.0.

Никоја страна не смее да си дозволи да ја загуби војната. Американската страна ја брани својата доминантна улога во светот и не смее да си дозволи поразот во Украина да поттикне и други да се охрабрат да му се спротивстават на американскиот империјализам. Особено не по дебаклот во Авганистан. За Русија поразот ќе значи дека НАТО ќе дојде до самата граница на Русија со Украина и ќе може, при евентуален судир, лесно да го скрши отпорот на Русија. А тоа ќе значи збогување со водењето независна политика, губење на фактичката сувереност и сведување на вазалска држава на американскиот империјализам. И Украина, се разбира, не смее да си дозволи да загуби. Тоа ќе значи губење на значителен дел од нејзината територија, можно отсекување на излезот на море и огромен економски пад.

Војната тргна наопаку и за двата империјализми. Рускиот империјализам сметаше дека лесно ќе освојува украинска територија. Но, по неколку месеци испадна дека мора да премине во дефанзива и да губи претходно освоени територии. Па беше принуден да спроведе мобилизација, што за секој империјализам е неповолен развој на настаните, бидејќи ги револтира сопствените граѓани и создава ризик за губење на власта. Дополнително, го трасира патот за ширење на НАТО во Финска и Шведска. Планот на американскиот империјализам беше, доколку руската војска навлезе во Украина, да удри со дотогаш невидени економски санкции кои за кратко време требаа да ја скршат руската економија. Но, санкциите далеку повеќе ги погодија економиите во блокот под американска доминација отколку Русија (што создаде нови можности за капиталистите од САД, па тоа го зголемува нивното воено хушкање). Дополнително, Саудиска Арабија им откажа послушност, создавајќи предуслови за силни економски поместувања и потреси.

Па сега, откако и двата империјализми не го добија она што го посакуваа (брза победа), светот е принуден да ги трпи последиците од нивната војна до исцрпување. И двете страни го изложуваат сопственото население на осиромашување за тие да победат во војната. „Ајде да видиме чиј народ прв ќе потклекне!“ Тоа е логиката на секоја војна до исцрпување, тоа е логиката и на оваа војна. Војната до исцрпување најјасно го вади на виделина фактот дека едни се оние што ги прават војните, а други се оние кои ги трпат последиците.

"Kremlin" by larrywkoester is licensed under CC BY 2.0.
“Kremlin” by larrywkoester is licensed under CC BY 2.0.

Секој дополнителен ден од војната го зголемува бројот на луѓето што го губат животот. На оние што ќе останат живи, им се уништуваат домовите, им се влошува економската ситуација, им се зголемуваат траумите од војната. Но, не се жртви само луѓето во Украина. Жртви сме сите ние, и во државите чии властодршци дополнително ја распалуваат војната и во државите кои притискаат за мир. При тоа, не се работи само за економската цена што ја плаќаме, преку зголемувањето на цените на горивата и храната и разгорувањето на инфлацијата. Оваа војна се случува токму во годините кога се затвора можноста светот да го спречи драстичното нарушување на климата, од кое ќе трпиме катастрофални последици ние самите, нашите потомци и целиот жив свет. Војната ги фрли во десетти план и онака прескромните напори за посериозна климатска акција, па дури и ја влоши ситуацијата поради најавите за повторно отворање на рудниците за јаглен, дополнителното упропастување на шумите заради огрев и саботирањето на гасоводот во Балтичкото Море. А како врв на сето ова, постојано виси во воздух војната да донесе намерно или ненамерно нуклеарно загрозување, од рангот на Чернобил или полошо.

"White House" by Diego Cambiaso is licensed under CC BY-SA 2.0.
“White House” by Diego Cambiaso is licensed under CC BY-SA 2.0.

Затоа, оваа војна мора итно да престане! Секако, не зависи само од нас во Македонија. Дури и да зависеше, кај нас (сѐ уште) не се протестира и кога има далеку подиректни загрозувања на животниот стандард, а камоли во врска со војна која се чини далечна. Но, тоа не значи дека треба да се продолжи ништо да не се прави и да се третираат последиците од војната врз нас самите како виша сила која не може да биде променета. Прво што треба да се направи е да се престане да се третира војната како фудбалски натпревар во кој се навива за едните и другите. Второ, треба да се биде свесен дека во секоја војна прва жртва е вистината и дека медиумите на естаблишментот не нудат објективно информирање, туку ја шират пропагандата на естаблишментот. Трето, во контекст на антикризните мерки, не смее да се заборави дека една од главните мерки е запирањето на Украинската војна и дека во надворешната политика властодршците треба да тргнуваат од интересот на сопствениот народ, а не од интересот на колонијалниот наредбодавец. И, четврто, кога ќе почнат социјалните протести, предизвикани од влошената економска состојба, не само да апелираме до властодршците да нѐ послушаат. Туку тоа да им го наложиме!

За крај, една констатација за мировното движење во Македонија. Тоа веќе подолго време е мртво, а некои негови „фронтмени“ страшно се избламираа со поддршката на членството на Македонија во НАТО. Но тоа не значи дека мировното движење засекогаш е поразено и дека не може повторно да се роди.

Здравко Савески

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

Здравко Савески / Zdravko Saveski
Здравко Савески / Zdravko Saveski

Здравко Савески е активист за социјална правда и екологист. Доктор е на политички науки. Во последните години неговиот интерес е концентриран на економијата и екологијата. Автор и коавтор е на повеќе книги, меѓу кои „Демократија: модели и дилеми“ (2011) и „Отаде едноумието: повторно откривање на левицата“ (2006). Се занимава и со преведување. Во последните години, со цел да ѝ ги приближи најновите трендови на прогресивната светска мисла на македонската јавност ги преведе книгите: „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ од Џејсон Хикел (2019) и „Историја на светот во седум евтини работи: водич во капитализмот, природата и иднината на планетата“ од Раџ Пател и Џејсон В. Мур (2020).

RELATED ARTICLES