Во периодот по 1990 следува рапидна либерализација во однос на ЛГБТ заедницата, па веќе од 1993 можат да партиципираат во редовите на вооружените сили, а како јавна визуелна промена во кубанското општество било предводувањето на првомајската парада од страна на кубанските дрег кралици во 1995.
Во постреволуционерна Куба, дури и телото на жената – бунтовничка против опресијата, станало боиште на спротиставените мислења на мажите – револуционери во однос на експлозивни тематики како абортусот, мајчинството, сексуално преносливите болести… Жените и припадниците на ЛГБТ заедницата очекувале дека со револуцијата ќе се стави крај на сексистичкиот и хомофобичниот сентимент кај кубанскиот народ, но со цврсто утврдената милитаристичка управа, која имала за цел да ги елиминира сомнителните рецидиви на претходниот режим, во првите неколку години од конституирањето на револуционерна власт не разликувала вистински опонент од невин граѓанин, така што многу прашања од цивилен карактер биле пролонгирани.
Сè до 1979, немаат реално еднаков пристап до истиот, но жените на Куба ја извојуваат декриминализацијата на абортусот во 1965, истата година започнува тортурата врз хомосексуалците и воопшто поинаквата сексуална експресија во кубанското општество.
Имено стартот на системската репресија врз геј популацијата на Куба може да се лоцира во изјавите на Фидел Кастро кој своевремено настапувал со скандалозни изјави од типот дека „врз основа на сомнителното однесување на хомосексуалците не би можеле да веруваме во сериозноста на нивната револуционерност и дека со таква природа не соодвествуваат на еден вистински милитантен комунист“ што иницирало и резултирало со крајно репресивна персекуција против хомосексуалците, лезбијките и трансексуалците со децении.
Во Куба, хомофобичниот менталитет го немал поштедено ниту харизматичниот командат Камило Сиенфуегос (кој во даден момент уживал еднаква популарност помеѓу народот со онаа на Фидел, патем мистериозно исчезнал при лет во 1959) чија сексуалност била предмет на полемики дури и постхумно, но дури и таквите индиции да биле вистинити, со тоа би се урнале тогашните тези на Кастро за „идеалниот мажествен револуционер“ и дека „хомосексуалците не можат да бидат герилци“ затоа што Камило бил неспорно и буквално „народен командант“ – епитет кој го заслужил од самиот кубански народ.
Доколку народна Југославија имала „Голи оток“ – центар за „превоспитување на комунисти“, на Куба имало кампови за „рехабилитација на хомосексуалци“ кои биле праќани на тешка принудна работа во месноста Камагвеј заедно со други политички дисиденти, хипици, религиозни фанатици и опоненти по најразлична основа.
Кога веќе се адресира дискриминацијата на Куба во тој период, мора да се акцентира и стигматизирачкиот третман врз оние мажи кои одбивале воен повик или биле прогласени за некомпетентни за служење во армијата, нешто кое впрочем било актуелно и на поднебјето на поранешна Југославија, имено позната и видлива е и денес тенденцијата на тогашните млади војници да си ја искажуваат „машкоста“ користејќи игла и мастило за да тетовираат „ЈНА“ и датумот/родот/местото во кое што го служеле воениот рок.
Како што беше потенцирано, во кубанскиот случај, при тие кампови, затворениците биле форсирани на тешка принудна работа на плантажите, а според луѓето кои минале низ истите, сведочат дека воопшто не добивале „теориска настава“ како што било по дефиницја, туку биле измачувани со жед и глад, изложени на сонце, им биле покажувани експлицитни фотографии од мажи три дена по ред, потоа ќе ги нахранеле, па им приложувале слики од жени, сметајќи дека така „би ја излечиле хомосексуалноста“ во нив.
Како последица на таквата репресија, околу 500 затвореници завршиле во психијатарски установи, со трајно нарушено ментално здравје, околу 70 луѓе биле стрелани или починале по измачувањата додека повеќе од 180 извршиле самоубиство, бројки поразителни сами по себе. Таквите нехумани мерки биле конструирани од кадри кои претежно израснале во бели, земјопоседнички, патријархални семејства, воспитани во стриктен христијански дух.
Органите за здравство објавувале декрети преку кои тврделе дека „хомосексуалното девијантно однесување е научено“ и дека е нужна превенција од презентирање и пренесување на таквата девијација кај децата во развој, така што аналогно на тоа тврдење, системот одел до таа мера да ги притвора мажите кои носеле тесни панталони и маички во „неприкладни бои“ и со „несоодветни натписи“, долгата коса била забранета како и слушањето американска музика или било кое друго американско влијание.
Хомофобијата била инфилтрирана и во едукацијата, како за пример, на влезот во Универзитетот во Хавана стоел натпис кој гласел: „Хомосексуалците не може да ја претставуваат револуцијата, револуцијата е машка работа, тупаници, а не пердуви, храброст, а не треперење итн…“, луѓе со хомосексуални предиспозиции биле исклучувани од Сојузот на Комунистите, кариерата им била лимитирана…
Околу 1975 започнува ерата на потолерантнен третман во однос на ЛГБТ заедницата, а веќе во 1979 се заокружува со декриминализација на истополовите врски. Во 1980, голем процент од геј полулацијата при Мариел егзодусост пловат кон САД, додека во 1981 кубанското Министерство за култура на хомосексуалноста ѝ дава признавање како „форма на хумана сексуалност“. Во 1986, Националната Комисија за сексуална едукација ја декларира хомосексуалноста како сексуална ориентација и посочува дека на хомобофијата треба да ѝ се контрира со соодветно образование. Во 1988 со специјална законска одредба се забранува полициската или било која друга тортура врз хомосексуалците. Во периодот по 1990 следува рапидна либерализација во однос на ЛГБТ заедницата, па веќе од 1993 можат да партиципираат во редовите на вооружените сили, а како јавна визуелна промена во кубанското општество било предводувањето на првомајската парада од страна на кубанските дрег кралици во 1995.
По кусиот прогрес годините кои следуваа биле одбележани со низа полициски рации, претепувања, затворање на геј барови, сè до 2010 кога Фидел Кастро при интервју лично ја превзема вината и одговорноста за несоодветниот долгодецениски третман врз ЛГБТ заедницата. Долгогодишната тортура условно кажано завршува и триумфира со скорешното легализирање на истополовиот брак, што ја карактеризира Куба како можеби најпрогресивната држава во Латинска Америка.
ЛГБТ популацијата на глобално ниво сè уште се соочува со континуиран раст на напади во најразлична форма, религиозните фундаменталистички организации водат офанзива против геј луѓето уште од најдамнешни времиња, политичките системи и моќните религиозни центри ја охрабруваат хомофобијата, а преку текстов уште еднаш како при претходното пишување кога се осврнав на угнетувањето на жената, го поставувам истото прашање повторно, дали левичарите првенствено како отвореноумни носители на прогресивни идеи се подготвени да се соочат со и да го поразат „старото општество“?
Јас, лично, можеби важам за еден од најкатегоричните глорификатори на кубанскиот фокализам/вангардизам, но токму и затоа почувствував одговорност да го адресирам потфрлувањето на марксизмот-ленинизмот со кубански карактеристики во однос на третманот на угнетуваните слоеви од кубанското општество, прагматичен акт или не, застанувајќи под банерот на социјализмот и застапувајќи ги интересите на работничката класа, кубанското раководство имало и одговорност да обезбеди на сите другари да уживаат еднаква слобода без разлика на сексуалната ориентација во овој конкретен случај меѓу другото, затоа што грубо сметано, шест децении беа потребни за на крај Фидел да настапи со изјава дека „хомофобичниот сентимент на Куба бил наследен од претходниот систем“ и конечно да се аплицира автентична методологија на дијалектика и историски материјализам во однос на геј прашањето.
Поентата не е ставање оцрнувачки акцент на социјалистичка Куба, туку интернационално да се посочи како „школски пример“ помеѓу левичарите со цел да се ескивира истата грешка на создавање контрадикции и антагонизам помеѓу хетеро и геј популацијата, да се валоризира хуманиот потенцијал без прејудицирање, а не да се остава вакум простор за буржоазијата да го пополнува со свој политички отров на омраза.
Руфат Јашари
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Руфат Јашари, роден во 1994, во Куманово, гласноговорник на обезгласените млади Роми, социјалист со југословенско-кубански карактеристики, дипломира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како наставник по историја. Тој е историчар со особен интерес за анализирање на воените судири при дезинтеграцијата на СФРЈ, Кубанската револуција, како и впрочем сите претежно левичарски борби за народно ослободување низ минатото. Поддржувач е на движењата за еманципација на обесправените по разни основи. Тој е личност која претставува фузија на многубројни култури, вкусови на музика и левичарски идеологии, со минимални познавања на многубројни јазици. Се ангажирал да истражува во однос на геноцидот спроведен врз Ромите за време на Втората светска војна и учествувал при спроведување на проекти. Одржал низа меѓународни предавања на истата тема со намера да го надогради своето образование и со своите идеи да привлече што повеќе млади Роми кон левичарскиот политички спектар.