Во османлиска Македонија населението секогаш се користело со изреката: „Бог така сака!“ за да ја оправда својата феудална позиција во тогаш веќе капиталистички раздвижената Европа. Таа појава која Брајлсфорд ја нарекол ориентален фатализам и денес е присутна на овие балкански простори како значаен феномен од секојдневното живеење на народот, работниците, Балканците.
Во текот на XIX век османлиска Македонија била прокрстарена од низа на личности кои доаѓале од Западна Европа. Меѓу другото тие опсежно се занимавале со менталитетот и секојдневниот живот на населението. Меѓу нив и Брајлсфорд, кој престојувал на овие простори по Илинденското востание, забележале една интересна појава. Целиот живот на населението бил подведен на религиските и традиционалните норми. Животот во османлиска Македонија се одликувал со една феудална пасторалност и лежерност, нешто што било нетипично за XIX век во Западна Европа кој бил динамичен и брз и се одликувал со развојот на технологијата и капиталистичкото општество. Во османлиска Македонија, животот бил сведен на „Како ќе даде Бог!“ и „Господ така сакал.“. Оваа појава Брајлсфорд ја нарекува ориентален фатализам, а истата длабоко се вкоренила и опстојува сè до денешни дни.
Дури и во денешни дни, неретко се слушаат истите изреки, кои се своевиден штит, своевидна паралелна реалност во која населението бега од својата одговорност како народ кој треба ги движи општествено политичките текови во државата. Подобро бесмислен мир и беда, отколку борба и зрак надеж за подобро утре! Ова е дегенеративната логика на современоста! Подобро убиствен мир отколку бескрупулозна борба! Ваквата ментална позиција главно се должи на фактот што во суштина нема доволно сила помеѓу народот, кој веќе неколку години е во негативен природен прираст. Сходно на ова, ниту идејата го има оружјето односно народот, а ниту пак народот ја има идејата. Во овие услови единствено владее нагонот, опстојувањето ден за ден, се додека меѓусебно не се истребат, оние кои денот треба да го дочекаат. Таква е денешницата, за која веќе не се знае дали е на зазор, пладне или квечерина.
Кај нас таа денешница, тоа наше дејствување во сегашноста е впрочем еден добро увежбан модел на кој сме навикнале и постоиме заедно со него. Политичките партии односно политичарите многу вешто ги користат, па и до определена мерка ги креираат ваквите состојби. Добивање на избори, без нудење на никаква економска платформа, со празни ветувања на реформи, проткаени со силна нитка на национализам, етноцентризам и фашизам. Согледувајќи ја реалноста, човекот како суштество кое е делумно материјално и делумно духовно, исткаено со нитките на егоизмот, скоро секогаш за своите грешки обвинува некој друг. Кон ова се додава и карактеристичното чувството за историцизам, односно чувството за своето минато кој секој нас во определена мера го носи во себе. Вештото комбинирање на овие предиспозиции го дава рецептот за успех и преживување на политички елити. Соочувајќи се со лошата реалност, народот бара и трага по славно минато, тоа минато некогаш и некаде поради некого прекинало. Имајќи ја предвид бурната историја на Балканот, многу е лесно скоро во секого да вперите прст и да го обвините. Според некоја дедукција тогашниот непријател, кочничар итн. е и сегашен. Доколку ова го ставите во мас медиумите и го форсирате секојдневно, тоа од определена квази историја, ќе стане реалност. Со други зборови реалноста ја одлагате односно ѝ ставате мораториум, а на нејзино место носите некаква квази историска, полна со предрасуди и халуцинации реалност. На прв поглед оваа состојба наликува дека ќе трае сè додека властодршците сакаат, односно со речникот на теоретичарот Махир Чајан сè додека „се одржува вештачката рамнотежа“. Таа рамнотежа се поткрепува и преку образованието и преку креирањето на јавно мислење од страна на центрите на моќ дека сè е онака како што единствено може да биде.
Поинаку кажано денес во современоста се креира своевиден модерен ориентален фатализам. Доколку пред стотина години, ориенталниот фатализам се одликуваше со верување во Бога и дека сè што е постоечко е така според негова желба, денес масовно се верува дека сè што е постоечко е плод на демократијата, либералниот капитализам, односно ова е нашиот највисок стадиум од развојот. Македонското население со години е држено во еден фаталистички сон за Европа, соочувајќи го со фактот дека за да го оствари сонот, треба да принесе севозможни жртви.
Современоста на македонското население, воопшто на сите што живеат на ова парче земја е обележана од политичка нестабилност, сиромаштија и празни соништа за иднината, а богами и бедни „историски“ судири за креирање на меѓуетнички тензии. Доколку во оваа ситуација некогашниот жител на османлиска Македонија ќе кажел „Бог така сака!“ тогаш денес современиот жител на Македонија елитата го убедува дека „Тоа е за наше добро и остварување на европските вредности.“. Веројатно лесно се забележува дека ниту тогаш ниту сега, декламирањето на вакви искази, воопшто не држи вода. Овие политики служат само за моментално примирување на населението и убедување, дека тоа е патот кој што мора да се мине и дека вака единствено може да биде.
Овој ориентален фатализам од современ вид претставува состојба во која што со секој изминат ден, населението тоне во сè поголема беда. Претставува процес, каде во име на некакви идни сништа или минати сеништа, жртва станува животот на населението. Секојдневно тонејќи сè подлабоко и подлабоко под прагот на сиромаштијата, населението запаѓа во уште посилен фатализам. Колку е полош животниот стандард, толку народот е поуверен во разните шарени бајки. Хегеловски кажано сè има свој почеток и крај. Имено клучот за разврзување и разрешување на фаталистички состојби лежи во самиот народ. Доволно е да се согледа каква е положбата на човекот и квалитетот на неговиот живот. Тоа согледување со сигурност ќе доведе до сознание дека досегашната ситуација е неиздржлива. По овој чин, сите бајки и фаталистички сни се немоќни. Дијалектичката анализа на материјалната реалност едноставно ги побива сите, непоткрепени постапки.
Раскршување на догмите на либералниот капитализам, преточени во фаталистичка желба е најголемата задача на човекот. Човекот треба да се соочи со дијалектичката реалност дека подобро и поинакво од ова наше живеење е можно. Ваквата декламација сама по себе е револуционерен чин, чин на спротивставување на „судбината“. Народот, работниците сами си ја креираат својата „судбина“, не постои „писание“ што не може работниот народ да го пренапише и одново создаде! Потребно е да се размислува надвор од понудените рамки, да се дејствува сходно на убедувањата и наобразбата, дрско и безмилосно спротивставување на сè што е: нецелисходно, глупаво и неефективно. Тоа се основните орудија на оваа борба против дефинитивното и фаталистичко гедање на нештата.
Ориенталниот фатализам населението на османлиска Македонија го држеше во прангите на феудализмот, современиот ориентален фатализам пак, населението на Македонија го држи под јаремот на капитализмот и бесчесното владеење, каде малкумина се богатат, а мнозина страдаат. Првиот чекор е секогаш наш, народен. Доволно е да се осмелиме поинаку да размислуваме, поинаку да се воспитуваме, а сходно на тоа да дејствуваме со цел – промена на подобро!
Васко Гичевски
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Васко Гичевски е роден во 1997 година во Битола. Дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 2020 година. Прогласен е за најдобро дипломиран студент на генерацијата и добитник е на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за покажан особен успех во студирањето. Активно се занимава со проучување на социјалната историја на Османлиската империја (Османлиска Македонија). Автор е на повеќе научни трудови објавени во релевантни научни списанија и четири дигитални – интерактивни мапи на недвижното културно наследство од Османлискиот период во Скопје и Битола. Член е на претседателството на Здружението на историчарите на Република Македонија од 2021 година. Се истакнува во својата дејност во насока на истражување, публикување и популаризирање на марксизмот како политичка филозофија и пракса.