Живееме во општество на човечки конфликти. Цела цивилизација е базирана на култура на постојан конфликт. Се расправаме за тоа дали Вардар Миравци е Вардар, дали Шкупи е наследник на Слога, дали ни следи бугаризација по усвојување на францускиот предлог, дали Џони Деп е жртва на семејно насилство, дали Мони треба да му прости на Д… Од секоја тема создаваме конфликт, или на македонски јазик би рекле судир. Или пак судирот веќе постои, а темите само нèосвестуваат дека сме во постојан судир?
Да одиме вечер на филм или на танцова забава? Ајде ќе одлучиме нешто подоцна.
Сега да ја разгледаме способностаза слушање и нејзината улога во конфликтите.
Некаденадпет проценти од човештвото има проблеми со слухот. Ова е информација од Светска здравствена организација, институција околу чија релевантност и улога,исто така доста се судиравмево изминатите години. Значи огромно мнозинство од луѓето според биолошките параметри имаат здрави алатки за процесуирање на звукот. Ушите ни работат. И се слушаме. Барем можеме да ги чуеме звуците, приближно на исто ниво. Некои се со поистенчено сетило, но сите сме во можност да се слушаме додека говориме, и себеси и другите. Остваруваме директна говорна комуникација и по телефон и во живо, еден на еден, или во групи, одржуваме состаноци во живо и на Зум, а некогаш говориме на сцена, или слушаме некој кој е на сцената, а најчесто слушаме и говорење преку електронските медиуми.Многу гласно и храбро говориме и под дејство на алкохол и дроги, ама добро е да се набљудуваме и како слушаме и како говориме кога сме под дејство.
За да слушаме јасно, освен функционални уши ни треба и внимание насочено кон изворот на звукот. Во суштина најбитно за слушањето е вниманието. Ако слушаме со внимание, навистина слушаме. Да проследиме сега дали е лесно да се слуша со внимание, што не спречува и да забележиме колку ни трае вниманието. Да направиме една вежба. Да пуштиме едно јутјуб видео од тема што нè интересира и да се концентрираме само на слушање. Да следиме колку долго можеме активно да слушаме без да дадеме некоја оценка или суд за тоа што го слушаме. Без разлика дали е тоа потврдна оценка и сложување со, или одобрување на тоа што го слушаме, или пак енеодобрување и несогласување. Ако стекнеме ваква пракса да си го набљудуваме вниманието ќе видиме дека најчесто при слушање нашето внимание од активно слушање на одредена содржина се префрла на мислите кои се јавуваат како реакција на она што го слушаме, па дури и влегуваме во замислен разговор со дел од она што сме го чуле и мисла по мисла може да се оддалечиме од искусување на сегашниот момент и така вниманието ние отежнато или сосема оттргнато од она што се говори и од оној што говори.
Многу често дури и пред да почнеме да слушаме ние веќе имаме ментален процес кој се занимава со одообрување на релевантноста на говорникот, а тоа одобрување го црпиме од некои убедувања за вредностите на говорникот, што можат да ни развијат интерни полемики и емоции и друг вид на отпор кон ситуацијата во која се наоѓаме и се разбира да го расипат процесот на слушање. Многу пати на пола реченица на соговорникот ние сакаме да кажеме што мислиме и не ни е битно веќе што кажува тој, едвај чекаме ние да изреагираме со изразување на нашите мисли.
Често, колку и да дадеме напор да го сосредоточиме вниманието, едноставно некој говорник не успива и ни е досаден, без да знаеме зошто. Друг пак толку нè дразни со неприфатлива содржина што ни чади главата од несогласување. Сето тоа е предизвикувано од нашето условено прифаќање на реалноста. Имаме верувања, вредносни системи, убедувања, кои го толкуваат секое наше искуство.
Нашите убедувања и уверувања се знаење што е стекнато во минатото. Тие едноставно се толку силно врежани во нашата личност што ни делуваат од егзистенцијалнаважност за нас и ние со многу отпор се бориме кога се соочуваме со мислења и искуства што не ни се блиски. Се плашиме да не ни се сруши светот или да не ни се срони бисерот. Знаењето што ние стекнато во животот е корисно од многу аспекти за физичкотоодржување на животот, но сосема е бескорисно во обидот активно да слушаме, особено ако активно сакаме да слушаме нешто ново за нас или нешто со кое не се согласуваме. Корисно е да се запрашаме зошто толку бурна реакција имаме на работи со кои не се согласуваме. Ако сме повешти во контролата на реакциите, бурната реакција е само внатрешна. Во форма на емоции или внатрешен глас .
Е тука се наметнуваат прашањата, како и зошто си го слушаме внатрешниот глас на минатото. Што тој ни зборува и колку често. Но најбитно е сега само да се освестиме дека имаме внатрешен говорник или говорници, кои се во конфликт меѓу себе, и сосема е очекувано ние да сме склони кон конфликт со другите соговорници кои и физички ги перцепириме како одделени од нас.Се шетаме низ градови, со најразлични звуци, брмчење на автомобили, звук на сирени, шум од различни музички дела од соседни локали и врева на гостите, а ние само го слушаме внарешниот глас кој не прекорува за одредена наша постапка…
А сега каде да одиме вечер? Штом малку се двоумиме дали да се оди на танц или на филм има конфликт во нас. Врз база на некој наш критериум или расположение одбираме на пример да одиме на филм. Ако се слушаме добро секогаш кога носиме одлуки, ќе видиме од каде ни доаѓа мотивацијата за одреден избор.Штом сме избрале филм, може и да размислиме како бираме филмови. Може да решиме интиутивно, а може и да испитаме од кој жанр се филмовите, која тема ја обработуваат, кои актери играат, и да видиме што најмногу ни се допаѓа. Тогаш, повторно бираме нешто што е прифатливо за нас базирано на претпоставка или предрасуда, а не сме баш отворени да видиме и слушнеме нешто ново. И кога ќе седнеме да гледаме и слушаме повторно може да се фатиме во конфликт со тоа што го слушаме и гледаме и нашето внимание во голема мера да се насочи кон конфликтот, кој воопшто и не го доживуваме како конфликт, туку како средба со поинаков осет за естетика и негово анализирање и да размислуваме на сенешто што ни го оттргнува вниманието од непосредното доживување на содржината на филмското дело. Го гледаме ли филмот? Се слушаме ли? Се читаме ли?
Секој ден по канцеларии, кафани, кафулиња, по средби на клупи, по дома, во постела. Се слушаме ли?
Општеството е расцепкано на многу индивидуи, кои пак се расцепкани на многу фрагменти. Но некако ние сме навикнати на тоа, бидејќи постојано го одржуваме конфликтот и не запираме за да се чуеме себеси и другите.
Правиме работи кои се прифатливи за нас и за другите, а сепак само ја репродуцираме конфликтноста. Правиме работи кои не се прифатливи за нас и повторно ја репродуцираме конфликтноста.
Но некогаш правиме и нешто спонтано и ново кое не се базира на нашето знаење и умеење, и не очекуваме некоја корист од тоа.Некогаш правиме нешто што нема многу смисла за нас и општеството.
И некогаш толку можеме да бидеме едно со акцијата која ја правиме што можеме да се заборавиме себеси. Кога сме едно со акцијата што ја правиме ко да ја доловуваме бесконфликтноста, како да исчезнува расцепканоста. Сте имале ли такво искуство?
Во конфликт сме и заради тоа што сакаме да ја избегнеме реалноста која ни укажува дека целата наша култура се базира на конфликт. Па потоа се ужаснуваме од воени конфликти. И сакаме да учествуваме во решавање на воените конфликти,а се вклучуваме во нивно решавање, веќе конфликтни во нас, и со конфронтирање со тие што не размислуваат како нас.
Се ужаснуваме од гласни и агресивни караници, а внатре вриеме од нервоза.
Драмскиот конфлит ни е интересен. Потребен за да ја осетиме реалноста на драмското дејството. Општествениот конфликт го потиснуваме. Потребно ни е за преживување.
Растеме и се развиваме во конфликтни ситуации. Го гледаме ли ова? Затоа многу е важно да изградиме култура во која ќе се слушаме и себеси и другите. Тоа е предуслов на патот кон едно обединувачко ненасилно општество.
Јас и ти сме во конфликт. Се слушаме ли? Се читаме ли?
Јас мислам дека многу е важно со внимание да си го набљудуваме умот. Јас мислам дека многу е важно да те ислушам целосно и без осуда.
Што мислиш ти? Можеш ли да ме прочиташ со внимание и да не ме разбереш и тоа да биде во ред?
Александар Митров
Лектура: Н. Р. Ш.
Александар Мтров е љубопитен набљудувач на човековото однесување. Во политичкиот живот во Македонија учествува на настани во кои што гледа потенцијал за револуционерна промена на општеството. Најважен животен експеримент му се секојдневните искуства со себе си и со луѓето кои го окружуваат. Често не знае што сака. Со диплома од приватен факултет на која гласи политиколог. Се обидува да живее во согласност со она што му лежи на срцето. Смета дека светот лесно може радикално да се промени ако луѓето се ослободат од своите егзистенцијални стравови. Раскажува приказни за туристи и дава часови по аргентинско танго. Може да го сретнете по танцовите забави во Скопје.