Нашиот однос кон климатската криза претставува еден од најголемите парадокси на денешницата. Иако се соочуваме со најголемиот проблем и закана во историјата на човештвото (кажано без претерување), многумина кон ова прашање се однесуваат – ноншалантно. Наместо да биде најважниот приоритет, климатската криза не се третира ниту како приоритет и секогаш се поттурнува подолу на агендата кога ќе се појави некој „поважен“ проблем. Едноставно, климатската криза не се сфаќа сериозно. Ниту од политичарите, ниту од мнозинството обични луѓе. Но, тоа што не се сфаќа сериозно не значи дека таа магично ќе исчезне. Напротив, веќе влегува во нова фаза, од аспект на глобалниот економски систем, при што нејзините ефекти ќе стануваат сѐ поголеми и врз економското статус-кво.
Ова лето, голема суша не ја мачи само Африка. „Африканска“ суша ги погоди и Европа, Кина и западниот дел на САД. Цела Европа, со мали исклучоци (меѓу кои е нашата земја), ова лето ја зафати суша која е најлоша во последните 500 години (500 години)! Драстично е намален водостојот на реките, толку многу што на многу места коритата целосно пресушија. Се зголеми и температурата на водата во реките. Тоа ги загрижи дури и оние на кои баш им е гајле за живиот свет во реките. Бидејќи проблемот почнува да има негативни последици и по економијата (капиталистичката). Во Германија ниското ниво на реките сериозно го нарушува речниот сообраќај, кој е доста важен за транспортот на стоки. Поголемите бродови повеќе не можат да сообраќаат, а превозниците се принудени да превезуваат само 25 проценти од претходното карго. Во Франција, зголемената температура на реките го нарушува производството на нуклеарна енергија, бидејќи повисоката температура од реките побавно ги лади нуклеарните постројки. Проблеми им создава и тоа што не смеат да ја испуштаат загреаната одводна вода во реките, за да не му наштетат на живиот свет, но барем тој проблем го „решија“, снижувајќи ги еколошките стандарди (нели, пониско ниво на реките – пониски еколошки стандарди). Покрај тоа, не треба посебно да се нагласува дека страда и производството на хидроенергија и дека намаленото количество врнежи и високите температури штетно влијаат врз земјоделските култури, што ќе ги намали приносите при следната жетва и берба. И сето ова при ситуација кога, поради војувањето околу Украина, на Европа ѝ е потребна повеќе енергија и храна од неруски извори, а не помалку.
Што значи ова за економијата? Помалото производство и увоз на енергенси ќе ги зголеми нивните цени, ќе се повишат и веќе повишените цени на храната (со можна појава на оскудица!), а и зголемените трошоци за транспорт ќе ги повишат цените на многу други стоки. И сето тоа при ситуација кога инфлацијата веќе стана сериозен проблем. Но, ова не е најлошата вест. Полошата вест е што ваквите проблеми не се некој исклучок што се случи во 2022 година и никогаш повеќе. Напротив, тие не само што ќе стануваат почести во следните години, туку и полоши. Доколку сериозно (а не божемски) не се адресира климатската криза. И тука доаѓаме до најлошата вест од гледна точка на статус-квото. Ако само се глуми климатска акција, следи удар врз економијата организирана на капиталистички начин. Но и преземањето ефективна климатска акција врши удар врз економијата организирана на капиталистички начин. Трето – нема. Ќорсокак. Лошо да се реорганизира економијата, лошо да не се реорганизира.
Зошто е така? Претходно посочивме на последиците од непреземањето акција: оскудица на стоки (при капитализам!), раст на цените. Со години им кажуваа на центрите на моќ дека климатската криза ќе има и економски последици, но тие се надеваа дека нема баш во нивно време да удри најлошото. Па си тераа по старо, приоретизирајќи го профитот. Зашто, преземањето ефективна климатска акција не е така безопасно по профитите и по самиот капитализам. Работата е многу полоша од едноставната равенка: повисоки еколошки стандарди – понизок профит. Поради инхерентниот тренд на развој на капитализмот, тој се темели врз сѐ поголема потрошувачка на енергија. Тоа растечко ниво на потрошувачка едноставно е нереално да се очекува дека може да биде заменето со „чиста енергија“. Па капитализмот едноставно да премине на „зелен раст“ и сѐ да продолжи по старо. Во такви околности, она што го налага решавањето на климатската криза е намалување (и тоа драстично) на потрошувачката на енергија и, воопшто, на целата потрошувачка.
Но, тука доаѓаме до ѕидот во кој удираат сите еколошки заложби што не сакаат да го доведат во прашање капитализмот. Намалената потрошувачка предизвикува намалена потреба од производство, а тоа создава економска криза и пораст на невработеноста. А масовната невработеност создава социјални немири наместо мирна репродукција на капитализмот преку корумпирање на работниците со помош на консумеризмот. Поради ова, поради нужното предизвикување на економска криза во услови на организирање на економијата на капиталистички начин, цели 30 години се саботираше секоја посериозна климатска акција и се дозволи таа да дојде на само еден чекор од тоа да излезе вон контрола.
Сѐ додека ефектите од климатската криза и севкупното еколошко уништување се однесуваа на иднината и беа ограничени на штетите врз останатиот жив свет на планетата и врз луѓето од длабокиот глобален Југ – капитализмот можеше да ги игнорира. При тоа, тој можеше непречено да функционира, уште повеќе влошувајќи ја ситуацијата. Но, „лошото“ за капитализмот започнува кога климатската криза ќе достигне такви размери што нејзините ефекти почнуваат да влијаат негативно и врз економијата. Како да се одржи легитимитетот на капитализмот, на овој застарен и погубен општествено-економски систем во услови на климатска криза, кога тој, наместо изобилство од стоки, на работничката класа ќе ѝ испорачува изобилство економски проблеми? Како да се одржи легитимитетот, кога храната ќе стане оскудна и кога, поради повишените цени на истата, работничката класа нема да може да си ја дозволи во доволна мера? Да, системот е добро замислен, па неспособните власти ширум светот ќе го примаат ударот врз себе, штитејќи го така легитимитетот на капитализмот. Но, кога и новите власти нема ништо да преземат за да ја ублажат кризата, нема ли да падне смоквиниот лист што го штити капитализмот? Нема ли да се појават стремежи за воспоставување власт што во барањето решенија на проблемите создадени од климатската криза нема да го третираат капитализмот како света крава?
Знам, сето ова делува премногу страно за многу луѓе овде и сега во Македонија. Ние живееме во еден од малкуте региони во Европа што имаа среќа да не бидат погодени од суша ова лето. Па, сушата, засега, за нас е само вест што можеби попатно сме ја слушнале, а можеби и не. Освен тоа, после 25 години уништување, капитализмот во Македонија во последните неколку години конечно успеа нешто да испорача, подигнувајќи го малку животниот стандард и намалувајќи ја невработеноста на толерантно ниво. Па, голем дел работници можеа конечно да здивнат и малку да поуживаат – во консумеристички организираниот живот. Следствено на тоа, во Македонија во мода (сѐ уште) се фалбите, а не критиките на капитализмот. Тука е и успешната општествена дресура на капитализмот, поради која огромно мнозинство се иззема себеси од решавањето на колективните проблеми. Тука е и провинцијализацијата на мислата, поради која реалноста се смета за неменлива, а на катастрофата се гледа само како на сценарио за филм. Тука е и фокусираноста на јавната дебата на етничките и историските прашања, која одземе толку драгоцено време и енергија.
Но, ние ниту може до недоглед да имаме среќа околу еколошките катастрофи, ниту ќе бидеме имуни на економските ефекти од сегашната суша. Нема да може уште долго да се купува класниот мир преку овозможување консумеристички животен стил за значителен дел од работничката класа. Зашто оскудицата за основните потреби за живот, по многу децении, повторно зачука на порти. А во такви услови, при капитализам, производите ќе ги присвојуваат оние што имаат повеќе пари и моќ. Без разлика што и другите ќе имаат потреба од нив.
Затоа, крајно време е да се сфати дека ова не е време кога го имаме луксузот да се занимаваме со историски прашања, туку е историско време, време кога се кова иднината. И дека дојде време кога стана нужно да преобмислиме многу работи кои досега се земаа здраво за готово. И не само да ги преобмислиме, туку и да ги реорганизираме. А ако не успееме да се мобилизираме за колективна акција што ќе изгради похуман и поодржлив свет, ако ова остане само глас во пустина, опустинувањето ќе стане реалност за многумина, вклучително и за нас во Македонија.
Здравко Савески
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.
Здравко Савески е активист за социјална правда и екологист. Доктор е на политички науки. Во последните години неговиот интерес е концентриран на економијата и екологијата. Автор и коавтор е на повеќе книги, меѓу кои „Демократија: модели и дилеми“ (2011) и „Отаде едноумието: повторно откривање на левицата“ (2006). Се занимава и со преведување. Во последните години, со цел да ѝ ги приближи најновите трендови на прогресивната светска мисла на македонската јавност ги преведе книгите: „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ од Џејсон Хикел (2019) и „Историја на светот во седум евтини работи: водич во капитализмот, природата и иднината на планетата“ од Раџ Пател и Џејсон В. Мур (2020).
Zdravko Saveski është aktivist për drejtësi sociale dhe ambientalist. Ka doktoruar në shkencat politike. Viteve të fundit, interesi i tij është fokusuar në ekonomi dhe ekologji. Ai është autor dhe bashkëautor i disa librave, duke përfshirë “Demokracia: Modele dhe Dilema “Democracy: Models and Dilemas” (2011) dhe “Përtej njëmendësisë: Rizbulimi i së majtës” “Beyond Single-Mindedness: Rediscovering the Left” (2006). Është marrë edhe me përkthim. Vitet e fundit, për t’ia afruar publikut maqedonas, tendencat e fundit të mendimit progresiv botëror, ai i përktheu librat: “Ndarja: një hyrje e shkurtër e pabarazisë globale dhe zgjidhja e saj” nga Xhejson Hikel Jason Hickel (2019) dhe “Historia botërore në Shtatë gjëra të lira: udhëzues në kapitalizëm, natyrën dhe të ardhmen e planetit” nga Raj Patel dhe Jason W. Moore (2020).