домаКолумниKirill Nowak Minanovitch: Социјалистичките идеи на Достоевски - преку бог

Kirill Nowak Minanovitch: Социјалистичките идеи на Достоевски – преку бог

За рускиот книжевен теоретичар Михаил Бахтин, постои „неможност на идентификување на разбирањата за светот на Достоевски со билокој од ликовите во неговите дела“, ликовите се разоткриваат низ дијалог, низ противречностите на мноштво рамноправни мислења, идеи, природа на карактери, според што во достоевистиката, Бахтин го воведува поимот „полифонија“, имено, само синтеза може да не доведе до можноста да ја разјасниме позицијата на Достоевски.

               Прашањето на „бог“ е прашање со коешто е окупиран Достоевски цел живот. Уште во рани години одлучил дека ќе се развива како книжевник и писател, иако завршил инженерско училиште во Петер.

               Во првиот негов роман со преведен наслов на македонски „Бедни луѓе“, читаме хуманистика со основна карактеристика како „болка за човекот“, а книжевниот критичар со про-западна ориентација, Белински пишува дека во „Бедни луѓе“ е истакната естетска, но повеќе социјално-психолошка специфика, пришто со Достоевски како мислители ги зблжува идејата за социјализам сфатен во духот на првобитното христијанство. 

               Осуден на стрелање во 1849 година поради обидот за државен преврат на организираната група околу Петрашев – такаречи, петрашевците, Достоевски е дел од левото крило; казната стрелање е итро заменета пред самиот чин на егекуција со четиригодишна робија од страна на царот Николај први Павлович, таму се уапсени над 120 интелектуалци од групата, се залагаат за утопистички социјализам, за демократија и „просветление.“ Кај Достоевски во тој период преовладува идејата за либерален конзерватизам. Доживува метаморфоза во размислувањето со идеите и погледите за светот по неговиот внатрешен конфликт за време на животот во Сибир, а некаде околу 1860 веќе ги има кристализирано идеите во неговиот философски систем. 

               Нешто да напоменам за „петрашевскиот круг“ или помило мене ми е да ги наречам „група“, имено, првичните задачи се ограничени на самоедукација, самообразование, запознавање со теориите на мaтeријализмот и утопистичкиот социјализам, а како и во други илегални кругови кружи во кружокот библиотека со зaбранета литература, групата се занимава со прашањето како да се пропагираат идеите за демократија и социјализам кај широките маси, се дискутираат теориски проблеми и политички прашања. Групата ги следи настаните низ Европа, по револуцијата во Франција во 1848 пришто ситуацијата и во Русија е таква што бабрат револуционерните расположенија. Во есента 1848 се разговара за план за селско востание коешто би почнало во Сибир, за од таму да се шири по периферијата на областите со долги традиции на народни движења и побуни околу Урал, Волга, Дон, се* со идеја да се собори од власт царот Николај први Павлович. Петрашевците дискутираат за создавање на пропаганди дела за луѓето што го критикуваат социо-политичкиот систем во Русија; јас не тврдам дека Достоевски се занимавал со тоа, но мирисот на неговите дела индиректно покажува дека ситуацијата долу во основата во масите е мошне непријатна за дворот. Од 123 лица вклучени во истрагата, 22 биле осудени од воен суд, 21 осудени на смрт. Местото кадешто се случувале јавни егзекуции во Русија е Семијовски Плац во Санкт Петербург. Петрашевски, Достоевски и останатите се испратени во далечниот Сибир на таканареченото каторга од „каторжные работы“ што означува систем на казнен труд во којшто казнетите со својот труд допринесуваат за искупување за делото што го направиле, тоа се среќава како владеење со робови и во Стариот Рим, а ефектот од нив го имаме како трага и во Македонија, а тоа е аквадуктот до Скопје. Достоевски по робијата служи 6 години војска, во сурови услови на далечниот исток.

               Николај први Павловичвладее од 1825 година до 1855 и владее и со Полска 6 години и со Финска 30 години, по него, доаѓа, Александар втори Николаевич, којшто владее со Русија до 1881 година, кога е ликвидиран со атентат организиран од движењето против аристократијата, од „популистите“ или би пишал од политичка група организирана со популарни елементи од народот познати и како „народњаци“. Романови владеат со Русија 300 години, а Александар втори Николаевич, имено, ги предупредува аристократите дека „ако промените не започнат од горе, тие ќе дојдат од долу“, такаречи, со разулавената и разјарена маса којашто уништува пред себе.

               Во втората половина на деветнаесетиот век во Русија владее политички хаос. Монархијата е затечена од капиталистичкиот бран и идеите на француската револуција којшто ги руши религиозните темели на руското општество пришто доведен е во прашање царскиот поредок којшто има апсолутистички карактер. Политичката стабилност на Феудална Русија се состои во тоа што луѓето се врзани за земјата. Битен настан во 1861 е укинувањето на кметството, акт на Александар втори Николаевич, а со развојот на индустриското производство доаѓа до развој на градовите и до граѓанска либерална класа во асиметричен сооднос со појавата на работничката класа. Русите одат во градовите, ја напуштаат земјата и стануваат наемна класа којашто е експлоатирана, а егзистенцијалната неизвесност е поттекст за бедата, сфатена во културолошка смисла. Не постојат политички институции за да го амортизираат овој хаотичен премин во капитализам. Политички терор, ликвидаци, прогони во Сибир, тоа се потезите на монархијата. Идејата за социјализам се шири низ масата како класно прашање за освестување на работничките и работниците и нивно политичко организирање и тоа насекаде „мириса“ низ капиталното дело на Достоевски. 

               За распадот на феудализмот во Русија може да се препрочитуваат книгите на Чехов, на пример, од книгата „Вишњик“ или во македонски превод „Вишнова градина“, читаме распад на едно семејство, но нѐ интересира мета-читање, распад на феудалистичка Русија преку распад на семејството, распадот на аристократијата означува распад на редот и поредокот, медиокритети доаѓаат на власт за да владеат со „градината“ и го губат имотот, ја касапат градината. Чехов е тука за да се читаат описи за бесмислените секојдневни животи на обични луѓе, бесмислени промашени љубови на чиновници и војници, со постапка на импресионистички допир, пораз во себе, нема пресврт, нема очекување, минатото е промашено, не постојат големи „митски“ луѓе. Глупаво губење на време, дезориентација, монотонија, сите ликови се несреќни, целиот смисол и целата драма е внатре во личноста, а не во надворешните провизорни виртуелни позирања и манифестации.

               Томас Ман ќе напише за Чехов дека тоа што другите писателки и писатели го опишуваат на 800 страни, Чехов го втиснува со интензитет во 2 страни.

               Чекор пред Чехов и ние сме на територијата во „душата на мртвите“, во книгата на Гогољ, кадешто се критикува руското општество при преминот од деветнаесетиот во дваесетиот век, имено да бидам прецизен, од феудализам во капитализам, а за Гогољ, самиот Достоевски ќе ја напише вонвременската реченица и комплимент: „Сите сме произлезени од кабаницата на Гогољ.“               

Кога сме кај Чехов, неговото влијание на американската драматургија е огромно и тоа врз автобиграфските драми на Тенеси Вилијамс, со „Мачка на ладен лимен покрив“ како и „Трамвај наречен желба“ и „Стаклена менажерија“ коишто ретко се поставуваат во театрите низ Македонија и кои обработуваат теми за несреќната и обезмоќена работничка класа и распадот на средната класа – фамилијарниот бекграунд на Тенеси Вилијамс, но и кај Артур Милер којшто беше еден од главните цели на Комитетот за неамерикански активности на Претставничкиот дом, предводен од сенаторот Џозеф Мекарти. Артур Милер, имено, пишува драми за тоа како капитализмот влијае на обичните Американци. На испитувањата во Конгресот одбива да каже кои се неговите соработници коишто се комунисти, иако во тоа време неговите драми се забранети во Советскиот Сојуз. На линија на Чехов, на репертоар во маке театрите, ретко се режираат и играат и драми на Јуџин О’Нил со „Долго патување во ноќта“, Хенрик ИбзенАугуст Стриндберг.

               Нешто го зафаќа „духот“ на рускиот прогресивен антиаристократски слој во којшто сукцесивно на сцената се појавуваат декабристите, анархистите, болшевиците. Милитантноста дојде кај социјалистите и комунистите преку анархистите, они тоа го правеа цела епоха насекаде каде и да се појават, имено по Првата интернационала од 1848 и расколот меѓу анархистичката и комунистичката струја, се раздвоија и стратегиите за политичко организирање и делување. На пример, анархист е Гаврило Принцип, како и солунските атентатори коишто имаат споменик на плоштадот Македонија во Скопје. Тукасе идеите од француската буржоаска револуција од слоганот на револуцијата, „La République une et indivisible – Liberté, Égalité, Fraternité ou la mort“, за прекин на теророт на аристократиите, коишто пловат низ етерот до „бреговите“ на руското пространство, материјализирани и ослободени како мирис и својство што ги опива масите. Во тој простор помеѓу француската и октомвриската револуција варираат и темите, мотивите, ликовите, обрабени во делото на Достоевски, ним, имено им е потребна модерација во роман и книжевност, опис на контекстот, психолошкиот профил во синтагмата „руска душа“.

               Според тоа, овде да заокружам во првиот дел дека бранот на ослободување на стегите на аристократијата дојде по серија на упади од добро организирани мали политички групи, па така да подвлечам дека

               декабристите ги будат анархистите, анархистите ги будат болшевиците

тоа е меѓата на „геополитиката на времето и идеите“, а по 1917 година, низ цел дваесетти век не може самоуверено да се ценат ефектите од радикалното тресење на земјата по Октомвриската револуција; тие имено траат и денес. А за момент сме некаде на почетокот на дваесетиот век, кадешто влијанието на Достоевски се чита и кај Ниче и Фројд. И повторно, синтагмата „знаци од иднината“, начнати во „Сиромашни луѓе.“ Па така, ако за војните се пишува за повод и причини за војна, за револуциите се зборува за пра—причини, такаречи за знаци, во кроткиот роман е даден приказ на тоа, имено, зошто се случи Октомвриската револуција; напишан 70 години пред настанот.

               „Знаци од иднината“, имено, како и кај Кафка. Ние денес гледаме феномени од нивните текстови, предупредувања, психологија. Томас Ман којшто го антиципира нацизмот во неговите книги, за делата на Достоевски пишува, цитат „во име на човештвото, со љубов кон човештвото, во име на новиот хуманизам, издлабен и лишен од реторика, хуманизмот којшто минал низ пеколот на маките и сознанието.“

               Тука неминовно е спомнувањето на декабристите, именувани по месецот во којшто имаше обид за преврат на царот Николај први Павлович, „дека́брь“ 1825; Декабристите се група на аристократи – либерал демократи – коишто формираат тајна група во периодот од 1810 до 1820, но коишто во 1825 се обидуваат во духот на буржоаската француска револуција да ги внесат идеите од буржоаската револуција во пространството на Русија, не успеваат, како и со петрашевската група, Николај први Павлович сурово се пресметува со нив. Декабристите се залгаат за уставна монархија како по примерот на Англија. Во книгата „Евгениј Онегин“, Пушкин покажува кон декабристите, он е истакнат нивни член, иако ги критикува. Декабристите како и подоцна со петрашевците, се депортирани во Сибир. 

               А на платото кај градот Валми, пред Париз, во 1892, кадешто пруските трупи влегуваат во напад за да се пресметаат со револуционерната војска од француската револуција, жива, разјарена, неплатеничка, туку слободарска, кога првите канонади од топови го будат денот во историјата, Гете, прашан што мисли за тоа што се случува, ќе каже „Денес и на ова место, почнува нова епоха во светската историја и вие можете да кажете дека сте биле живи во ова време.“

               Да не заборавам да напоменам битна карактерна особина на Октомвриската револуција, а таа е дека имаше не една, туку две револуции во 1917, при што февруарската може да се третира како буржоаска, а октомвриската како пролетерска. Буржоаската беше структурирана околу Керенски – либералната струја, а октомвриската околу болшевиците и Ленин. Во март, последниот Романов абдицира, но тоа не беше доволно за комунистите, па така следеше стрелање во духот на јакобинската диктатура и употребата на ефикасната направа за егзекуција на инженерот Де-гиљотен. Доколку, во петгодишната граѓанска војна помеѓу болшевичката Црвена армија и монархистите околу генерал Корнилов победеше војската на белогардејците, Русија можеби ќе станеше првата фашистичка држава на светот, такашто тоа беше одложено до пред Втората светска војна. Имено, револуција е револуција само ако има промена на една класа на власт, со друга класа на власт, а тоа го гледаме и во 1789 и во 1917.

               Сите овие елементи, ги спомнав поради поентата којашто следи, имено, Достоевски доаѓа до неговиот заклучок за „бесмисленоста на револуционерните акти“ како средство за подобрување на животот на луѓето и дека искоренувањето на злото вкоренето во човековата природа не може да се направи со преврати и социјално преобразување, затоа што, еве, цитат од неговите собрани дела „никакво уништување на сиромаштијата, никаква оганизација на трудот нема да го спаси човештвото од ненормалноста и злосторството“ и со тоа он повлекува линија или би рекол „разлАка“ дека Русија и Западот имаат „различна судбина“. Зрелиот и доцен Достоевски го отфрла буржоаскиот поредок како неморален, прашање коешто е директно поврзано со неговото разбирање „на“ и „за“ слободата. Според Достоевски во 1863 ја објавува „Зимски белешки за летни впечатоци“, во коишто го критикува европскиот Запад дека „ги исцрпил ресурсите на своето влијание врз рускиот човек“, критикува дека во слоганот на револуцијата, за братство, единство, слобода, сепак, отуствува, „братство“, туку владее, егоизам, индивидуализам, утилитаризам.

               Со Херцен во 1862 во Лондон „се наоѓаат“ на иста позиција околу критиката на западните „малограѓански“ идеали, тука се третира прашањето на обединување на рускиот народ околу зборот „земја“, разбрано преку изведувањето од транслитерираниот збор „патриа“, прецизно по нашки „почва“, или патриотизам на рускиот народ којшто живее со идеите на православието со идеалите за братство и единство во љубовта, во прв ред како христијански идеали.

               За Набоков, делата на Достоевски се нереални и претенциозни, лишени од било каков опис на надворешните околности на животот на јунаците, сведени на „морален пејсажˮ; Набоков пишувa дека сите јунаци на Достоевски се душевно болни и неприродни, склони кон претенциозности, со ништо неоправдани сцени, каква што е сликата од „Злосторство и казнаˮ, кога сексуалната работничка Соња Мармеладова му го чита евангелското четиво за Лазаревото воскресение на убиецот Радион Раскољников.

               Социјалните трагедии на „понижените и навредените“ во книгата „Двојник“, „Злосторство и казна“, „Браќа Карамазови“, нуркањето во психолошките состојби на ликовите, открива длабоки бездни во човечката „душа“. Достоевски е мајстор на психолошкиот роман, а „Браќа Карамазови“ е негово најдобро дело, фундиран не само на надворешни рационални манифестации на човековиот „дух“, туку и на богатството на подсвеста.

               Достоевски имено, смета дека Русија ќе биде синтеза на западната и источната цивилизација, при што неговото влијание во светската книжевност е колосално.

               Мотив во „Коцкар“ е и неговата лична особина на хазардер, тоа е автобиографски елемент, којашто како мотив се јавува и во дел од книгата „Браќа Карамазови.“

               Европа е Европа на Гете – Фауст, Данте – Пеколот, Сервантес – Ла Манча, Шекспир – Хамлет, Достоевски – БКарамазови. Тоа е Европа, иако како што пишува Достоевски, Русија и Европа имаат „различна судбина“, но во пофалба на Пушкин во 1880 пишува и разјаснува дека во рускиот национален идеал нема никакво непријателство кон Западот, затоа што, цитат од Достоевски „нашето тежнеење кон Европа, со сите нејзини занеси и крајности, во својата основа не е само разумна, туку и народна, затоа што се сообразува и согласува со тежнеењата на народниот дух“, при што, Достоевски апелира да се прекине со поделбата помеѓу словенофилите и западњаците за да се обединат напорите во име на „братство и соединување сите народи во земски рај“, за чие воспотавување Достоевски ја гледа мисијата на рускиот народ.

               Сите овие рефрени во неговиот капитален опус, ја обележуваат психолошката црта на ликовите коишто се во потрагата по „вера“, по „верба“, по „индивидуален морал“, по „општествен морал“, делуваат во и вон „јавниот морал.“ Затоа е битно да се разбере и дека Достоевски верува и е убеден дека социјализмот на рускиот народ не се содржи во комунизмот, туку во соединување со Христос, пишува дека „тоа е нашиот руски социјализам“, како и тоа дека „социјализмот од материјалистички и атеистички тип, не се разликува никако со идеите на буржоазијата.“

               Според тоа, како финална поента, нешто што го научив неодамна, сметам дека е битно за левичарската мисла доста да се внимава на ова вовлекување и извлекување на слоеви и седиментации, бескомпромисно да се разлачи и јасно да се раздели и да се укаже на материјалистичката филозофија во смисла на марксизам, во однос на темните места од идеалистичката филозофија и резидуални системи, замотани во празни флоскули, новоговор, постомодерната на лични приказни и религиската метафизика, којашто се прекршува низ делото на големиот верник Достоевски, којшто не е против социјализам но преку верба во „бог“, што е крајно, фундаментална забуна, антинаучна заблуда и неискреност кон каузата, а пропо, личното и интимното коешто како такво мора да се држи на страна од јавно општење.

користена литература

„Воџи француске револуције“ – Слободан Јованович – 1932

„Бедни луѓе“ – Ф.М. Достојевски – антологија на светскиот краток роман – наклада Слово Скопје

„Слава Русији“ или „Историја државе руске са гравираним портретима“ – ИКП „Никола Пашиќ“ – Београд 1997

„Вечниот маж“ – Ф.М. Достојевски – Мисла Скопје – 1967

„Двојник“ – Ф.М. Достојевски – Македонска книга Мисла Скопје – 1967

„Коцкар“ – Ф.М. Достојевски – Библиотека Џепна књига – Народна књига Подгорица  – 1967

„Браќа Карамазови“ – Табернакул – 1993

„Вишнова градина“ – Чехов

„Мачка на жежок лимен покрив“ – „Трамвај наречен желба“ – Тенеси Вилијамс

„Мртви души“ – Гогољ

„Зимски белешки за летни впечатоци“ – Ф.М. Достојевски – 1863

„Проблемы поэтики Достоевского“ – Бахтин М. М. – 1963 – https://docs.google.com/viewer?url=https%3A%2F%2Ffedordostoevsky.ru%2Fpdf%2Fbakhtin_ppd.pdf

Томас Ман за делата на Достоевски – цитат

Архимандрит Спиридон Киевски – Набоков за делата на Д. – https://pravoslavenistocnik.mk/

Мала енциклопедија Просвета – Општа енциклопедија – четврто издание –

Југославија – К-Пн 2 – Просвета – Београд – 1986

Биографски податоци Д. – философска енциклопедија 

Спомнати: „петрашевски круг“, „декабристи“, „анархисти“, „болшевици“, „каторжные работы“, „народњаци“ – заб. српски, „популисти, “слоганот на француската буржоаска револуција и тн.

https://fedordostoevsky.ru/

Д. – собрани дела

Д. – кратенка од Достоевски

Текстот не е објавен во електронски медиуми. Делумното усмено излагање на текстот се случи на 12 ноември 2021, по повод настан организиран од Емил Ниами и Рускиот центар – Скопје, по повод, 200 годишнината од раѓањето на Достоевски.

Kirill Nowak Minanovitch

bio :: комунист. марксист. атеист. феминист. објавен писател: антифашизам оди исклучиво со антикапитализам :: unconstructed dream base, reservoir of illusive dreams, alien in transit :: комунистичка интернационала и антиимперијализам: патеписен истражувач со патување околу светот за 600 дена по трага на левичарските борби, милитантите во индија по маоистичкиот цревен коридор на наксалитите во чатисгард и западен бенгал, на филипини на минданао по веригата на новата народна армија, во хирошима во окото на ударот на атомската бомба, во колумбија по е-ел-ен и фарк, за време на ударот по грбот на ердоган и турција од страна на нато присутен на пребројувањето на место на настанот, во никарагва по незавршената револуција, лице во лице на разговор со другарки и другари од курдската работничка партија во дијарбакир, по скалестите работнички фавели во рио де жанеиро, низ ку-чи тунелите на виетконг во виетнам, по духот на револуцијата во куба; доколку сите размислуваа како кастро, до сега ќе беше завршена работата на цела планета. музеј на современа уметност во мадрид: герника. постколонијален алжир. раф и црвената линија во шумата во хамбах :: дипломиран електротехнички инженер, отсек електроенергетика, специјалност електрична влеча и електрични возила. полиглот.

RELATED ARTICLES