Во заедничка герила акција меѓу С.Ц Дуња, Социјалистичка зора и Сите за Палестина се одржа протестна акција против т.н изложба на оклопни возила и воена опрема, во организација на Армијата – вазал на НАТО воениот пакт.
Овој настан кој промовира милитаризација за сметка на здравството и социјалата, и кој нормализира воени интервенции и злосторства врз недолжно население, се одржа на градскиот плоштад во Кавадарци, градот херој кој даде многу жртви во народноослободителната и антифашистичка борба.
Како и во изминатите, така и оваа година протестиравме против оваа морбидна изложба на играчки за убивање деца, а начинот на кои се ракува со огнените играчки, се објаснува од страна на војници од најстрашната воена машинерија во историјата на човештвото. Целосна дистопија која не смее да се толерира!
Затоа протестиравме, годинава уште пожестоко, имајќи го предвид геноцидот кој се случува во Газа, под покровителство на злосторничката северноатлантска воена алијанса. Но жестока беше и реакцијата на полицијата пред која не отстапивме. Имено од моментот на пристигнување до моментот на нашето заминување од градот, бевме следени од полицајци во униформа и цивил, а судирот со нив започна уште во првата минута од нашиот протест.
Пред вистинитоста на паролите кои ги извикувавме – полициските службеници беа немоќни, очигледно беше дека и тие се под притисок на нечија наредба да бидеме отстранети од плоштадот. Она што не’ радува е реакцијата на дел од народот кој отворено не поддржа.