домаВестиПовик за Првомајски протест

Повик за Првомајски протест

Другари работници!

Социјалистичка зора и Социјален центар Дуња, Ве повикуваат на масовен првомајски протест во Скопје. Во среда, се собираме пред споменикот на УРС-овите синдикати, (спроти „Југодрво“) во 11 часот и се приклучуваме на протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија, за да го одбележиме интернационалниот ден на трудот. Да покажеме борбеност, единство и одлучност во борбата против непријателите на работниците – капиталистичката држава и Стопанската комора.

Овој 1 Мај е различен од досегашните. Овој 1 Мај политичарите ќе клечат лажно пред синдикатите и работниците, за да ја придобијат наклонетоста на мнозинството гласачи за претстојните парламентарни избори. Но работниците имаа можност во изминатата година да се уверат дека единствено преку синдикално организирање можат да се изборат за повисоки плати и подобри работни услови. Фактот што синдикатите издејствуваа низа придобивки за вработените во јавниот сектор, секако после низа на штрајкови, е показател во која насока треба да се движат работниците во приватниот сектор. Од разединетоста на работниците по сите основи, меѓу другото и на вработени во јавен и приватен сектор, единствено бенефит имаат стопанските комори и капиталистичката држава.

Социјалистите во Македонија се сојузници на синдикатите, со право за безобѕирна критика кога активноста на синдикатите заглавува во рамките на т.н „социјален дијалог“ во Економско социјалниот совет, но и со отворена поддршка на синдикатите кога посегаат по најмоќното преговарачко оружје на работниците – штрајкот!

Без разлика на сите етнички, верски и национални идентитети, ние работниците имаме исти класни интереси! Се бориме за повисоки плати, пократок работен ден или работна недела, за безбедна и здрава работа, за подобар живот. Наши интернационални сојузници се работниците ширум светот. Да не заборавиме дека 1 Мај е интернационален ден на работничката борба за намалување на работното време и за еманципација од капиталистичката хегемонија.

1 Maj е протест против капиталистичките закони кои ja гарантираат слободата на капиталистот да користи наемно ропство, 1 Мај е против граѓанските судови што слугуваат на спрегата власт – капитал, истата онаа спрега што создава свои правила кои подоцна безочно ги крши, 1 Мај е протест против империјалистичкото истребување на незаштитените народи, против воените буџети и воената индустрија.

Да се биде на правата страна на историјата во овие историски моменти е помалку привилегија, а повеќе е должност! Работници, нема што да изгубиме, освен нашите окови, а обединети можеме сѐ да добиеме!

RELATED ARTICLES