На Денот на планетата Земја (22.04.2024) со почеток од 19:30 часот, С.Ц Дуња организира проекција и дискусија на тема: еколошката деструкција на војните. Причината, за жал, е повеќе од јасна. Ужасите на војните се намножија во последните години: геноцидот во Газа, Украинската војна, војната во Судан, во Конго и други региони во светот.
За време на проекцијата ќе биде прикажан документарецот „Отпечатокот на војните: природата на отстрел“ (2014) на Максимилијан Менх. Во него се прикажани низа последици од модерните војни што со години и децении по завршувањето на војните го загрозуваат нашиот екосистем и нас самите како дел од него.
Од С.Ц Дуња истакнуваат: „Природата е безгласната жртва на секоја војна. А сепак, голем дел од екологистите денес – молчат кога станува збор за војните“.
Како војната да не е ужас сам по себе! Како војната неизбежно да не предизвикува еколошка деструкција, страдање на целиот жив свет, а не само на луѓето! Голем број на екологисти што се држат настрана од темата запирање на војните, како премногу политичка за нивниот префинет аполитичен вкус. Дури има и такви што активно учествуваат во разгорувањето на војните! Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, од Партијата на Зелените, со својот придонес за разгорување на Украинската војна, е најсрамниот пример!
Проекцијата ќе биде на англиски јазик.