Социјалниот центар Дуња и Марксистичка организација Социјалистичка зора по повод интернационалниот ден на жената работничка организираат проекција на филмот „Штрајк“.
Филмот „Штрајк“ на Метин Јегин ја раскажува приказната за заедничкиот отпор на жените муслиманки и христијанки против лошите работни услови во фабрика за производство на свила во градот Бурса во Османлиската империја.
Бурса во 1910 година станува збирно место на европската буржоазија, која се стационира тука особено кога на чело на Duyun-i Umumin (администрација за османлискиот јавен долг) доаѓа британски управител. Но, Бурса станува и место каде се вкрстуваат патиштата на револуционери инетернационалисти од различни земји и движења. Филмот со својата интернационалистичка димензија, ја поврзува борбата на суфражетките и шпанскиот отпор, преточувајќи ги во борбата на жените свиларки кои тогаш се пролетеризираат, додека „нивната“ империја се наоѓа на самиот залез на својата историја.
Од колективот на С.Ц Дуња и Социјалистичка зора, информираат дека после проекцијата следува дискусија околу филмот, но и пошироко, за положбата на жената во класното општество, нејзиното угнетување, можностите за ослободување и слично.