домаСтавКАПИТАЛИСТИЧКАТА ДРЖАВА ГО ОДЗЕМА РАБОТНИЧКИ ДОМ - Став на Социјалистичка Зора

КАПИТАЛИСТИЧКАТА ДРЖАВА ГО ОДЗЕМА РАБОТНИЧКИ ДОМ – Став на Социјалистичка Зора

Во продолжение го пренесуваме Ставот на Социјалистичка зора во однос на судската одлука за одземање на Работнички дом од сопственост на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Во последната недела од јануари, на маргините на јавното внимание, излегоа информации за донесена конечна пресуда на Врховниот суд, согласно која Сојузот на синдикатите на Македонија, основан во 1946 година, треба да се исели од Работничкиот дом изграден во 1958 година со средства на работниците членови на повеќе синдикални организации во Народна Република Македонија. Се работи за зграда во вредност од повеќе милиони евра во центарот на Скопје каде веќе се гради елитен кварт.

На 24 Јануари, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија одржа прес конференција на која нагласи:
САКААТ НА КРИМИНАЛЕН НАЧИН ДА ГО ЗЕМАТ РАБОТНИЧКИОТ ДОМ!  Таа зграда го преживеа земјотресот, ќе ги преживее и корумпираните елити и судии! Судиите што биле во пелени кога се градел Работничкиот дом одлучија да го одземат од ССМ.

Истиот ден, на веб страната на Врховниот суд беше објавено соопштение за донесената пресуда по предметот „Република Северна Македонија против Сојуз на синдикатите на Македонија за утврдување право на сопственост“. Се работи за предмет кој започнал во 2021 година, по кој Основниот граѓански суд и Апелациониот суд Скопје донеле пресуди со кои се одбива тужбеното барање на државата против синдикатот, за во Ноември 2023 година на нејавна седница – Советот на Врховниот суд да ги преиначи претходните одлуки и со своја пресуда да го усвои во целост барањето на државата за одземање на Работничкиот дом. Во предметот започнат за време на владеење на социјалдемократска влада, Врховниот суд, највисока судска инстанца, ако имал забелешки на постапувањето на пониските судови, наместо да го врати предметот на повторно одлучување, молскавично одлучува и преиначува, со пресуда без право на жалба, да го одземе Работничкиот дом, давајќи им на Сојузот на синдикатите рок самоволно да го извршат иселувањето.

Отворен напад на капиталистичката држава против синдикалното организирање

Одлуката на Врховниот суд за одземање на Работничкиот дом е отворен напад на капиталистичката држава врз работниците и синдикалното организирање во државата. 
Одземањето на Работничкиот дом од сопственост на синдикатот е тежок удар не само за ССМ, туку и за целокупното работничко и синдикално движење во државата. Државата водена од капиталисти, преку својата најефикасна алатка – судството, по пат на толкување закон од 1998 година, сериозно ја поткопува положба на синдикалното организирање „гарантирана“ со граѓанскиот устав од 1991 година. Тоа е уште еден показател дека во капиталистичките системи, ако станете закана за постоечкото уредување, веднаш судот е тука да реагира, да одзема имот, и покрај тоа што правото на сопственост е врвот на правдата според волјата на владејачката класа преточена во закон.

Која е волјата на владејачката класа во однос на Работничкиот дом? 

Прво, јасно им е на сите дека во капитализмот највисока вредност е капиталот, односно профитот. Имајќи ја предвид местоположбата на објектот, јасно е дека се работи за бизнис зделка во која судот, односно државата игра преодна улога. Тоа е парцела и зграда чија денешна пазарна вредност веројатно изнесува десетици милиони евра. Нејзината продажба или долгогодишно изнајмување е она што му треба на капитализмот. Очигледно Работничкиот дом одамна станал плен на капиталистите и функционерите. Дека ова не се празни реченици и обвинувања ни говори и елитната населба која исто така се гради спроти Работничкиот дом,  со дозволи и одлуки аминувани од истото судство.
Второ, може да се работи за „дисциплинирање на синдикатот“, како што кажа и претседателот на СММ. Секако, тоа е валиден аргумент, низ историјата, па и денес сведоци сме дека борбата за рамноправност и еднаквост сноси и свои реперкусии. 

Дали синдикатите во Македонија треба да се дисциплинираат? 

Критиката и самокритиката биле познати методи кои се употребувале во системот кога Работничкиот дом е изграден, како другарската критика која служела за подобрување на одредени нешта. Во насока на марксовото „безобзирна критика на се постоечко“, свесни сме и ги истакнуваме слабостите на досегашното синдикално организирање и неговиот најзначаен претставник ССМ. Имено, најголемата слабост на синдикалното организирање во Македонија е во тоа што избира погрешен сојузник и што верува во социјалниот дијалог, каде на крајот – секогаш губи пред бизнис интересите на Стопанската комора и Владата. Оттука, неповикувањето и неодржувањето на генерален штрајк во изминатите 30 години, иако имаше толку многу причини за таков работнички отпор, е слабост која другата страна, во случајот капиталистичката држава, ја користи во своја полза. Владејачката класа преку својата рака во судството, сега му фрла ракавица на синдикатот, која не смее да биде одбиена! Не смее да биде одбиена, затоа што ако најстариот синдикат, и покрај сите негови внатрешни слабости, биде принуден да се исели од својата зграда – што тоа ќе значи за сите останати работнички организации на било кое ниво?
Свесни сме дека слабостите на синдикалното организирање ги одвраќаат работниците од членување и активно учество во синдикати, но работници –  друг избор немаме! Ова што се случува е вовед во нова ера, во која работничките животи ќе бидат поугнетени, ова е само почеток на процесот за уништување на работничката свест и инфраструктура. И затоа, не смее да помине!

Како треба да се постават ССМ и работниците? 

Синдикалното раководство на ССМ треба да се привикне на горката реалност дека не постои судска правда преку правна разрешница на случајот пред Европскиот суд за човекови права. Единствен сигурен сојузник се синдикалното членство и работниците.
Сојузот на синдикатите на Македонија треба да ја собере поддршката од синдикатите со кои соработува на регионално, европско и интернационално ниво.. Но конечно, ако сака да го одврати нападот на капиталистичката држава – ќе мора да повика на масовни протести и штрајкови, до ако е потребно – генерален штрајк. На овој повик позитивно ќе треба да одговорат сите останатите синдикални организации и работници, бидејќи се работи за капиталистичкиот наспроти работничкиот интерес! 

Кога е најтемно во ноќта – се разденува, кој би знаел, можеби работничката класа преку овој удар ќе се освести и обедини во одбрана на своето достоинство!

RELATED ARTICLES