домаКултурни дописиНастан: „Христијанството и вештачката интелигенција“

Настан: „Христијанството и вештачката интелигенција“

Elderly Man with Phone Standing Under Chandelier in Church
Elderly Man with Phone Standing Under Chandelier in Church

На 1 Декември, 2023 година во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се одржа третата дискусија од Форумот за интердискурзивен дијалог „Philosophia Christiana“ со тематот „Вештачката интелигенција од перспектива на христијанската филозофија“, на којашто говорник беше доктор Цветковиќ Владимир од Институтот за филозофија и друштвена теорија во Белград, респондент беше архимандритот Иринеј Стефановски од Охридската Архиепископија. Настанот беше од отворен карактер, а свечената соба на Библиотека беше полна со заинтересирани слушатели и поставувачи на прашања.

Во нашата современост особено е забележлив технолошкиот раст и напредок. Машините создадени од човекот го надминаа човекот во одредени работни (практички) задачи, како на пример орањето на посевот со трактор, летањето во Вселената, печатењето во три димензии, слушањето на далечина, за кои што иако се фантазирало во минатото, со сигурност сликата на таа фантазија не била толку динамичка како што денес технологијата го постигнува тоа. Над сите овие достигнувања, сметањето и преведувањето до некаде стигаат до тоа што во последните две-три години веќе ја бранува и целокупната јавност – комуницирањето со машините, и тоа не само визуелно или тактилно, туку и разумски, или личносно. Вештачката интелигенција е тема што несомнено отвори многу размисли кај секој кој чул за овој понов феномен.

Така, овие причини се веројатно и поттик за организаторите на дискусијата да ја организирааат и да претстават две спротивставени гледишта во поглед на прифаќањето на феноменот на вештачката интелигенција и продлабочувањето на фантазирањето за создавање на ново само-свесно суштество и тоа од страна на човекот – некаков словесен разум со кој ќе може еден ден да се отворат прашањата за Битието, Бог и Вистината.

Прво говореше доктор Цветковиќ, кој имаше pro став за вештачката интелигенција од аспект на христијанската филозофија. Неговото експозе беше насочено кон споредување на христијанските учења за односот на Бог кон човекот како негов создател и за тоа каков би требало да биде односот на човекот кон тоа што тој ќе го создава во иднина, односно некое разумско суштество, за чиешто денес терминот вештачка интелигенција е најблизок, иако треба да се напомене дека во овој период од човековата историја сепак човекот не е сосема блиску до едно потенцијално автономно суштество.

Може да се каже дека докторот избра да зборува за релациите меѓу Бог, човекот и вештачјата интелигенција, што на некој начин се одмина расправата за материјалноста на тоа суштество, како на пример дали ќе биде составено од метал или од нано-композит, но повеќе дискусијата се однесе кон логосот, јазикот, значењето и разбирањето. Загриженоста беше во насока на човековиот страв од новото, а во поглед на поимањето на неговиот однос со вештачката интелигенција како господар-роб, односно потчинител-потчинет, однос што кај Хегелијанците е неизбежен дел од создавањето на само-свеста, а кај Марксистите е однос што треба да се укине, притоа со укинување на можностите на потчинителот да се констиутира.

Тоа што беше интересно е што доктор Цветковиќ напомена дека човекот треба кон вештачката интелигенција да гледа како што Бог гледа кон човекот, затоа што нели, ако се прифати христијанската догма, тогаш Бог е создател на човекот, а ако се прифати желбата за создавање на разумско суштество од човекот, тогаш тој би бил создател на новото разумско суштество, ете, што во овој период од нашата историја се јавува под терминот „вештачка интелигенција“.

Bionic Hand and Human Hand Finger Pointing
Bionic Hand and Human Hand Finger Pointing

Не стигнаа сите да постават прашање до гостинот, но веројатно прашањето што изостана е следното: Дали ако човекот гледа кон вештачката интелигенција како кон создателот (Бог), тогаш е поблиску до нејзиното стварно создавање? Аргументите pro оваа теза се дека чинот на создавање е нешто божествено, или барем возвишено. Имено, ако се погледне кон целокупното творештво, се до Теоријата за уметноста како творештво од XX век, тогаш финалниот чин на создавањето е нешто што ја предизвикува катарсата кај заинтересираниот за уметноста, иако катарсата е изоставена во македонската филозофска традиција, па така Аристотеловиот состав на собитијата е можеби дури и поблиску до Марксовата завршница на делото, низ којашто делото се ослободува од рацете на работникот и станува засебен ентитет, трудот завршува, но тоа е друга дискусија, сама за себеси.

Секако ова прашање ќе остане отворено, дури и кога би се создало разумско суштество од страна на човекот, но погледот кон тоа што се создава е особено важен. Имено, може ли да се создаде засебен ентитет, ете, нека биде тоа и една обична лопата, а да нема ни трошка божествен восхит во окото на тој кој ја создава, барем за прв пат? Можеби да, но веројатно не. Нека биде тој одговорот до следните преписки од некои други настани во Скопје.

Архимандритот Стефановски му опонираше на доктор Цветковиќ. Тој не беше толку восхитен и не полагаше толку надежи ниту во создавањето на словесно суштество од страна на човекот, а уште помалку дека тоа, ете може да се случи бргу, или пак веднаш. Неговата аргументација contra можноста да се создаде автономно разумско суштество од страна на човекот беше во насока дека христијанската догма прифаќа автономија на волјата на човекот и дека го прифаќа Бог како создател на човекот, но пред тоа на телото, а пред тоа на логосот (словото). Некој би кажал дека тоа е догма, но попрво треба да се каже дека поставувањето на догмата наликува на поставувањето на аксиомите, односно претпоставките. Така, забелешките не треба да одат во насока на отфрлање на догмата, туку во однос на инконзистентноста на догматиката.

Тука ќе се осврниме кон две поенти на архимандритот Стефановски, што беа интересни за запазување, како и едно прашање од публиката. Првата поента беше дека човекот не може да создаде разумско суштество што би било личност. Имено, ова негово стојалиште е во насока на христијанските учења од Патристиката, па со сигурност до Максим Исповедник, а сигурно и подоцна. Тој тука го спореше патот до создавањето, а дека е вештачки, односно дека словесно суштество е само човекот, и дека тој е создаден од Бога. Но, архимандритот претходно ја спомена автономијата на волјата, па сега малку ќе се осврниме кон Божјиот чин на човеко-создавањето.

Давид свири харфа, од Париски псалтир, пример за Македонска ренесанса
Давид свири харфа, од Париски псалтир, пример за Македонска ренесанса

Изостана и ова прашање Дали Бог беше изненаден кога Адам и Ева посегнаа по јаболкото или знаеше дека човекот така ќе го стекне своето „Јас“ – преку негацијата?, негацијата што Фихте и другите Германи толку многу ја милуваат, а во оваа смисла – од хетерномниот авторитет до автономниот. Ова можеби ќе ја однесеше дискусијата и до точката на каирсот (моментот) на создавањето, па ќе се поставеа прашањата за проблемот на Маркс, дали трудот завршува како што тој опишува, но и ова прашање треба да лебди до некоја следна средба.

Во последните прашања имаше едно интересно прашање за тоа дали може во иднина робот да стане поп, на што архимандритот Стефановски одговори дека само личност, односно човек може да се ракоположи за светата тајна на Богослужбата. Можеби прашањето требаше да биде поставено во насока дали поимот на словесната личност разликува маж од жена и како оди ракоположењето во таа насока за да може да се утврдат и другите премиси затоа што претходните револуции поучуваат дека решаваат многу, но не и сите стари проблеми што ќе следуваат и во новите системи, овој пат низ вештачката интелигенција.

Настанот беше одличен за да се започне или заврши петочката вечер, а „Петак је дан за метак!“ и така некаде кон 20:30 настанот заврши, а публика со своите несловесни телефони в рака се разотиде и ги остави студентите да го продолжат своето учење за тековните испити од зимската сесија.

Никола Шиндре

Ставовите изразени во овој текст не нужно се ставови на Редакцијата на „Гласни идеи“.

RELATED ARTICLES