И оваа недела Социјалниот центар Дуња, ни нуди низа на различни активности, кои имаат за цел да едуцираат и преку критичкиот пристап да ја поттикнат дебатата како за секојдневните случувања на локално и интернационално ниво, така и на теоретско ниво.
На 19.10.2023 (четврток), со почеток од 19 часот, ќе се одржи проекција и дискусија во врска со случувањата во Газа.
ПАЛЕСТИНА И ИЗРАЕЛ – МИНАТО СЕГАШНОСТ И ИДНИНА
Ќе биде проектиран документарниот филм „Газа се бори за слобода“ на новинарката Аби Мартин.
На Аби Мартин и бил забранет влезот во Газа од израелската влада под обвинение дека е „пропагандистка“. Така, Аби се поврзала со тим од новинари во Газа со цел да го продуцира филмот преку блокираната граница.
Во филмот станува збор за историските протести, за Големиот марш на враќање, кои се случуваа секоја недела од март 2018 до декември 2019 година, но опфаќа и многу повеќе случувања.
Исто така ја раскажува приказната за Газа, минатото и сегашноста, прикажувајќи ретки архивски снимки кои ја објаснуваат историјата никогаш непризнаена од медиумите. После проекцијата следува дискусија на темата.
Во петок со почеток од 21 часот, по втор пат во Дуња, ќе настапи бендот From Another Mother (prog rock, punk fusion, post hardcore) кои доаѓаат од Хрватска.
Ова загребачко трио блеска од енергија, бришејќи ја границата меѓу публиката и бендот, како и границата меѓу свирењето инструменти и неколку олимписки дисциплини како ритмичка гимнастика и трчање 200 метри со пречки.
Досега имаат издадено ЕР и два албуми, Bratebra, Epileptir i ATATOA, кои се во живо отсвирени во над 20 држави на неброени фестивали и клубови. На овој настап ќе го промовираат нивното ново издание, ЕР-то од 4 песни насловено Zest, кое има малку побрзи аранжмани, без компромис, директно и сирово во главата.
Влезот е препорачана донација од 150 денари за артистите.
На 21.10.2023 со почеток од 20 часот ќе се одржи презентација на „Анархистичка Литература“ што претставува непeриодично списание за анархистичка теорија на албански јазик. Тоа е колективна самоорганизирана иницијатива за преведување и објавување на текстови од главните класични Анархистички струи.
Посетете го Социјалниот центар Дуња, споделете знаење и склопете нови пријателства.