Овој викенд се прослави седмиот роденден на Социјалниот центар Дуња, кој беше одбележан со дводневна програма. Во петокот на 6 октомври се одржаа две свирки на бендовите Die Angst и Vagina Corporation, каде присутните имаа можност да се забавуваат на алтернативната музичка сцена.
Вториот ден започна со проекција на „Капитализмот уби најмалку 3.4 милијарди луѓе“, а продолжи со дискусија околу тоа, како се прекриваат и извртуваат вистината и фактите за злосторствата на капитализмот.
Во позадина на овие настани, назависни млади уметниците подготвуваа групна изложба која заедно ја отворија. Посетителите имаа можност да проследат една поинаква некомерцијална изложба.
Се одржа и трибина на тема „Капитализмот и културната индустрија“, каде се зборуваше за сеприсутноста и влијанието на капитализмот врз нашето секојдневие.
Роденденските активности завршија со друштвени игри и разговори на најразлични теми.
Социјалниот центар Дуња е отворен во 2016 година од група на активисти со социјалистички и анархистички светоглед. С.Ц Дуња е простор каде се негува нова култура на отпор кон доминантните неолиберални политики, кои преку економската нееднаквост создаваат доминација во меѓучовечките односи преведени во форма на авторитарен капиталистички систем. Ова е простор каде меѓусебно се развиваат политичките вредности на економска, еколошка и општествена одржливост, а тоа може да се постигне само преку развивање на еднаквоста, другарството, социјалната правда, солидарноста, родовата рамноправност, заедништвото, колективната свест и емпатијата. Настаните кои се организираат во социјалниот центар се непрофитни и некомерцијални. Спектарот на настани и иницијативи е широк, меѓу кои: изложби, филмски проекции, дебати, работилници, концерти, предавања, промоции, театарски претстави, поетски читања, акции на размена на облека и кгини, донаторски акции, читачки клуб, состаноци…
Од Колективот на Дуња велат: Ново општество е возможно! Општество на луѓе свесни и одговорни не само за себе, туку и за останатите, за природата, животните и добробитот на сите. Општество во кое луѓето ќе ги надминат бариерите на наметнатите разлики – класни, национални, религиски, родови, расни… – и сплотени, солидарно ќе работат за заедничкото добро. Ова општество е можеби далечно, но само тоа е вредно за нашата посветеност, нашата борба. Секој што ги дели нашите вредности е добрeдојден.