домаВестиПротест во Тетово - правда и одговорност за жртвите во модуларната болница

Протест во Тетово – правда и одговорност за жртвите во модуларната болница

На денешниот протест во Тетово, стотина граѓани бараа правда за 14-те луѓе кои изгореа во пожарот во модуларната болница на 8-ми септември 2021 година. Протестот беше организиран од страна на организациите „Подобро за Тетово“ и „Еко Герила“, кои најавија дека ќе продолжат да вршат притисок врз институциите и наскоро ќе ги најават нивните следни чекори.
На протестот присуствуваа граѓани од Тетово, но и од други градови во земјава. Протестот се одвиваше мирно, со гласни пораки упатени до надлежните институции. Се бараше разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовески и останатите обвинители вклучени во предметот за пожарот во модуларната болница. Протестот не беше поддржан од политичките партии и на истиот немаше партиски или етнички симболи, напротив, пораките беа пренесени на повеќе јазици кои се зборуваат низ државата.


Пренесуваме дел од изјавите на демонстрантите:

„За пет години имаме четири трагедии, 97 жртви и нула дена затвор. Затоа довербата во правосудниот систем на оваа држава е нула. Животите на граѓаните станаа заложници на пазарења и тендери без критериуми. Се виде дека корупцијата убива. Од целиот процес се докажа дека Обвинителството и Судот се дел и бранители на злосторничко здружување која ја држи државата во заложништво. Бараме Владата веднаш да го разреши јавниот обвинител Љубомир Јовески и тој заедно со другите обвинители инволвирани во оваа монструозно дело да одговараат кривично. Бараме да се судат и казнат вистинските виновници, вклучително и политичарите кои спротивно на законот го доделија тендерот за изградба на фирмата „Брако“. Нема правда, нема мир.“истакна Елмедина Абдулахи од организацијата „Подобро за Тетово“.

„Сите граѓани на нашата држава, во секој дел од земјата се во некој момент жртва на неправдата и на корумпираната мафија што со години на назад е инсталирана во нашето „правосудство“. Денеска во Тетово се протестираше за да се повтори судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово каде што беа убиени 14 наши сограѓани. Но овој протест не е само за Тетово, него и за целата држава. Ослободувањето на правдата од неправедните слуги на власта и мафијата, облечени со обвинителско или судско одело ќе биде на корист на сите граѓани. Тетово денеска протестира и се бори за цела Македонија, и за сите жртви на силните кои на еден или друг начин се амнестирани од неправедниот правосуден систем. Време е цела Македонија, сите граѓани да станат на нозе и да се обединат кон враќање на правдата, слободата и безбедниот живот во нашата земја“, истакна Аријанит Џафери, од организацијата „Еко Герила“.

Потсетуваме дека во пожарот кој се случи пред две години, загинаа 14 лица, а уште десетина беа повредени. Обвинителството истражуваше со месеци, а причината што ја наведоа беше дека до пожарот дошло поради краток спој на продолжен кабел.

Инаку, за пожарот во тетовската модуларна болница во судскиот процес кој заврши на 5 јуни оваа година, Основниот суд во Тетово за кривичното дело тешки дела против општата сигурност ги осуди докторите Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница Тетово. Тие добија затворкси казни од една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не го повторат делото.
Ослободителна пресуда судот донесе за докторот Бобан Вучевски, кој се товареше за делото непостапување по здравствени прописи. Заедно со Вучевски, и Клиничката болница е ослободена за делото непостапување по здравствени прописи, а на Клиничката болница ѝ е изречена парична казна од еден милион денари.

Во филмот во копродукција на ИРЛ и МТВ, пак, се открива дека првиот тендер за избор на изведувач на модуларните болници бил поништен поради сомневања на Министерството за локална самоупрва за недоследности во постапката и фаворизирање одредени фирми, по што Владата му ја доверила надлежноста за спроведување на набавката на Министерството за здравство. Лицето кое ја потпишало спорната техничка спецификација, од Министерството за здравство преминало да работи во „Брако“, фирмата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници.

Документите што се презентираат во документарецот, како што се наведува, го содржат можеби и најважниот доказ кој покажува дека и Министерството за здравство и изведувачот биле свесни дека објектите се супстандардни. Имено, непосредно по пожарот во Тетово, изведувачот „Брако“ ќе побара од Министерството за здравство повеќе пари за да може да ги зајакне безбедносните стандарди за модуларните објекти кои сè уште се во градба. Во сторијата ИРЛ објави и документи и вештачењата на германските форензички експерти и на електроинженер, кои ги лоцираат причините за пожарот и неговото брзо ширење низ објектот.

Редакцијата на Гласни идеи, го поддржува протестот и протестните барање, со надеж дека ќе се рашират и стигнат и во останатите делови на државата, бидејќи кога неправдата станува закон, отпорот е должност!

RELATED ARTICLES