Овој викенд во Социјален центар Дуња ќе се одржи дводневен настан, насловен ROJAVA FILM WEEKEND. За време на настанот, гостите ќе имаат можност да проследат содржини поврзани со борбата за подобро општество во Рожава.
Народот во Рожава, трпеливо градеше и изгради своја општествена структура. Во неа своето место го зазедоа сите народи од Рожава, Курдите, Арапите, сириските христијани и сите други заедници. Во јануари 2014 година, тие конечно ја прогласија својата Автономна администрација. Заеднички потпишаа општествен договор и јавно објавија за својата самоуправа.
Оваа револуција несомнено не е чисто курдска револуција. Се разбира, Курдите одиграа пионерска улога во револуцијата, а курдските жени беа во авангардата. Но, денес сите луѓе и сите верски заедници од овој регион продолжуваат да го шират системот на автономна самоуправа и да го бранат од непријателските напади. Добро е познато дека цела Сирија, но особено Северна Сирија е мозаик од етнички и верски заедници. И денес сите овие заедници живеат заедно мирно и демократски врз основа на Демократската нација и братството на народите.
Академијата за демократски модернизам, преку филмски и документарни вечери, го запознава светот, а особено прогресивните луѓе со состојбата во Рожава. Организацијата дава особен придонес во надминувањето на капиталистичката модерност, со конкретна локална и глобална инфраструктура на институции и иницијативи за демократизација на секојдневието – преку сојузи, совети, комуни, задруги, академии, а се со цел огромната политичка моќ на општеството да се расплетува и користи за суштинско решавање на општествените проблеми на луѓето.
Од СЦ Дуња пак велат: „Социјалниот центар ДУЊА создава и промовира алтернативи на капиталистичкото општество, поддржува борби на луѓе и заедници кои ги имаат истите или слични вредности. Оттаму борбата на народот во Рожава за автономија, самоуправа, солидарност, меѓуетнички живот и воспоставување на ново општество, е цел која ја поддржуваме и која веруваме дека е возможна и одржлива“.
Во текот на 2019 година, пред турската амбасада во Скопје се одржаа два мали протестни собири за поддршка на револуцијата во Рожава.
ПОДОБАР СВЕТ Е МОЖЕН, ПОДОБАР СВЕТ Е НЕОПХОДЕН!
Програмата следи во продолжение:
28.07 (Петок)
19:00 – 19:30 Отварање на настанот
19:30 – 22:10 Проекција на игран филм „Kobane“
22:10 – 23:00 Дискусија
23:00 – 00:00 Револуционерна музика
29.07 (Сабота)
19:30 – 20:10 Проекција на документарен филм „Jiyan’s Story“
20:30 – 21:30 „Rojava revolution and Democratic Confederalism“ – презентација на член на Академијата за демократски модернизам
21:30 – 22:30 Дискусија
22:30 – 23:30 Револуционерна музика
Линк од настанот може да најдете тука.