домаВести(ПЕТИЦИЈА) Бесплатен оброк за секој ученик 

(ПЕТИЦИЈА) Бесплатен оброк за секој ученик 

Здружението за едукативен развој Еквалис, заедно со група млади активисти од повеќе различни градови, ја отпочнаа петицијата „Бесплатен оброк за секој ученик“. Со потпишувањето на оваа петиција, тие бараат Министерството за образование и наука (МОН) да обезбеди бесплатен оброк за секој ученик во сите основни и средни училишта на територијата на целата држава.

Во продолжение во целост ја пренесуваме содржината на петицијата:

Зошто бараме бесплатен оброк?
• Затоа што сѐ уште има ученици коишто се срамат да излезат на голем одмор поради тоа што немаат доволно пари да си купат достоен оброк
•Затоа што на гладен стомак не можеме да постигнеме доволно добри резултати на училиште. Кога сме гладни мислиме само на гладот, а тоа е една од најисцрпувачките  сензации којашто ги надминува сите други поинтелектуални потреби
• Затоа што сме приморани да јадеме неквалитетна храна или пак да прескокнуваме оброци што долгорочно влијае на нашето здравје 
• Затоа што некои од нас поминуваат и по 10 часа надвор од својот дом, имајќи 8 часа на училиште и поминувајќи уште по 1 час во пат 
• Затоа што нашите семејства и заедници се финансиски исцрпени со сите други енормни зголемувања на трошоците и оброкот на училиште веќе стана луксуз што не може да си го дозволиме секој ден.

Што велат истражувањата?
Истражувањата покажуваат дека во 2022 година секое трето дете не добива ниту еден здрав и квалитетен оброк во текот на еден ден. Во семејства со 3 или повеќе деца, речиси половина од децата немаат ниту еден здрав оброк во текот на еден ден. Ова значи дека речиси половина од децата во нашата држава постојано гладуваат или се хранат нездраво и недоволно, како резултат на сиромаштијата и економската криза.
Според истражувањата, придобивките од воведување бесплатен оброк кај учениците е веќе неопходност. Новата анализа којашто ја презентираа УНИЦЕФ и Аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ посочува дека околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата поради кризата со храна и енергија.

Што ќе се смени со бесплатниот оброк?
УНИЦЕФ препорачува воведувањето на програма за бесплатен оброк за учениците, со цел да се подобри пристапот до здрав и хранлив оброк за учениците и да се влијае врз намалување на сиромаштијата.
Воведувањето бесплатен оброк за секој ученик ќе влијае врз подобрување на академскиот успех на учениците, врз намалување на сиромаштијата во државата и врз мотивација на младите да останат да живеат и работат во државата.

Затоа, од Министерството за образование и наука бараме да ги преземе следните чекори:
Да обезбеди дневен оброк за секој ученик од 1-во до 9-то одделение во основните училишта на територијата на целата држава.
Да обезбеди дневен оброк за секој ученик од 1ва до 4-та година во средните училишта на територијата на целата држата.
Да обезбеди бесплатен оброк за секој ученик според стандардите за правилна исхрана во училиштата.
Да обезбеди договор со Министерството за финансии и Министерството за локална самоуправа, во однос на резервирање финансиски средства за бесплатен оброк за сите ученици.
Во соработка со погоре споментатите Министерства, да ги задолжи локалните самоуправи на секоја општина да го организираат и спроведат обезбедувањето бесплатен оброк за секој ученик.

Редакцијата на Гласни идеи ја поздравува и поддржува оваа иницијатива, која ќе изврши мали, но значителни промени во секојдневието на учениците, особено на оние кои се наоѓаат на работ на сиромаштијата.
Петицијата може да ја потпишете на овој линк

RELATED ARTICLES