домаКултурни дописиСредба за критичка психологија на Читателскиот клуб на КСП „Јадро“

Средба за критичка психологија на Читателскиот клуб на КСП „Јадро“

Насловна страница на „Психијатрија - одвнатре“ од Франко Базаља
Насловна страница на „Психијатрија – одвнатре“ од Франко Базаља

Денеска на 25.5.2023 г., со почеток во 18:30 ч. ќе се одржи нова средба на Читателскиот клуб при КСП „Јадро“ во рамки на темата критичка психологија. Во прилог ви го пренесуваме повикот за настанот од КСП „Јадро“, што беше објавен на следниот линк.

„ОТВОРЕНА ТРЕТАТА СЕЗОНА НА ЧИТАЧКИОТ КЛУБ НА ЦЕНТАР ЈАДРО.

Тема за оваа сезона: Критичка психологија.

Критичката психологија, во суштина е дисциплина што се занимава со преиспитување на позициите на академската и практичката психологија, но претставува плуралност на идеи, учења, ставови и нови практики за поопширно разгледување на нечии психолошки предизвици и проблеми. Критичката психологија е насочена кон тоа што традиционално се поима како социјална психологија и го анализира контекстот во којшто човекот кој се судрува со одредени проблеми се наоѓа. Критичката психологија не е само научна дисциплина, изземена од општествените текови, туку таа е и политичка алатка за надминување на системските недостатоци во поглед на создавањето на луѓе кои ќе бидат третирани како луѓе со лични психолошки проблеми.

Самото основање на психологијата како наука е проткаено со низа предизвици, од една страна како дисциплина се наоѓа на крстопатот во поглед на самиот зачеток на хуманистиката и општествените науки, а од друга страна се обидува да се воспостави како сигурна, односно егзактна наука врз основа на позитивизмот ново-воспоставената епистемологија.

За средбата

Утре попладне на 25.5.2023 година со почеток во 18:30 часот ќе се одржи нова средба на Читачкиот клуб за Критичка психологија при КСП „Јадро“ на која што ќе се дискутира за книгата  Psychiatry Inside Out од авторот Франко Базаља (анг. Francisco Basaglia).

Секој кој е заинтересиран за психологијата, критичката психологија, психотерапијата, психијатријата е добредојден да учествува на некаков начин на средбата, а слободно може и да ја проследи.

Во време кога особено се потенцира да се внимава на менталното здравје е од претерана важност да се расправа за дисциплините што нудат третман за подобрување на душевната состојба на човекот.

За авторот

Франко Базаља е роден во 1924 година во Сан Поло – Централниот остров на градот Венеција, а за него се кажува дека е еден од највлијателните психијатри по Зигмунд Фројд. Своите студии по медицина ги завршува на Универзитетот во Падова, каде што и специјализира психијатрија и неврологија. Во текот на неговите студии, а и годините на специјализација, стажирање и формирање како лекар, професор, научник и интелектуалец се судрува со учењата за психологијата, психијатријата и егзистенцијата на Карл Јасперс, Лудвиг Бисвангер и Еугениј Минковски, но полемизира и со Едмунд Хусерл, Мартин Хајдегер, основачите на феноменологијата и со француските филозофи Жан Пол Сартр и Мишел Фуко.

Неговиот придонес кон психијатријата започнува откако Базаља е испратен да биде лекар – психијатар во Душевната болница во Горица, Италија, град веднаш на границата со Словенија, тогашна Југославија во 1962 година. Таму се соочува со системските недостатоци на болниците за пациентите со некаков вид на душевни отклонувања од тоа што се сметало за нормално во тој период и го изготвува првиот извештај насловен „Деконструкција на душевната болница како место за институционализација“, што своевремено предизвикал доста бранувања во академската и политичката јавност во Италија. Продолжува да биде активен интелектуалец со научен и политички пристап кон неговата дејност – психијатријата.

Особено е значаен за две нешта во развојот на психијатријата во Италија, а со тоа и во светски размери. Прво, Базаља се залага за широко деинституционализирање на пациентите кои биле институционализирани во душевните болници ширум Италија, вршејќи научен притисок со неговите сознанија дека душевните болници во најголема мера се причина за предизвикување на уште потешки душевни состојби кај луѓето заробени во нив. Второ, Базаља делувал и политички, па во соработка со Синдикатот на работниците од Душевната болница во Горица ја притискал италијанската власт да го донесе Законот 180 со којшто се спречува понатамошно институционализирање на нови луѓе како пациенти во душевните болници ширум Италија. Низ практиката го основал и Здружението „Демократска психијатрија“, што недвосмислено помагало во создавање притисок за решавање и на социјалните проблеми на пациентите, а не само психолошките.

За книгата

Книгата „ Psychiatry Inside Out“ е избор на дела од Франко Базаља, уредена од Ненси Шепер Хјус (анг. Nancy Scheper – Hughes) и Ен М. Ловел (анг. Anne M. Lovell), преведена од италијански на англиски јазик од Ен М. Ловел и Тереза Штоб (анг. Teresa Shtob), со предговор од Роберт Колс (анг. Robert Coles). Издадена е од Универзитетот „Колумбија“ во Њу Јорк во 1987 година. Книгата е збир на пет подолги научни трудови на Базаља, како првичниот негов труд за деконструкција на душевните болници, за девијацијата, „толеранцијата“ и маргиналноста, улогата на интелектуалците и техничарите на одредени доктрини, природата на лудилото, учењата за анти-институционалноста, како и две преписки: едната со Сартр, а другата со Ланг.

При читање на собраните дела може да се воочи дека Базаља е критички настроен интелектуалец кој отсечно пристапува кон практиките на власта за дисциплинизиација на луѓето кои со своето однесување на некој начин не се вклопуваат во редот и поредокот определени од властите. Неговиот интелектуален пристап ја следи левичарската филозофска традиција на Антонио Грамши, италијански филозоф од XX-тиот век, а неговиот дискурс се судрува со деконструктивистите, како Фуко, но има и егзистенцијалистички позиции, слични на тие на Сартр. Прашањата за нормалното и ненормалното, прашањата за затворените институции, во случајот душевните болници ја заокружуваат тематската целина на овие собрани дела.

Особено интересен осврт прави околу прашањето за практиките на власта низ науката и техниката да го спроведува јавниот ред и мир, а притоа создавајќи репресија и немир кај тие кои треба да бидат санкционирани, дисциплинирани, излечени. Базаља низ класна перспектива го разгледува односот лекар – пациент, нешто што и денес се отфрла како неважно прашање, и тоа и од власта и од носителите на авторитетот и моќта во затворените институции – лекарите. Се дава подетаљна анализа на неговите искуства со штрајкот и општата оставка од работните позиции на сите работници од Душевната болница во Горица како чин на протест против италијанската власт којашто долго време немала слух за стварните, материјалните и социјалните проблеми на луѓето кои со помош на Базаља и другите работници ги надминале психолошките и психијатриските проблеми дава насоки и двоумења за можните идни улоги на психијатрите во општеството и системот.“

RELATED ARTICLES