домаСтавТеодор Петковски: „За користењето на урбаните зеленила“

Теодор Петковски: „За користењето на урбаните зеленила“

"File:46 Skopje, city park (33663866281).jpg" by d*oraz is licensed under CC BY-SA 2.0.
“File:46 Skopje, city park (33663866281).jpg” by d*oraz is licensed under CC BY-SA 2.0.

Мислам дека во Скопје постои урбано зеленило, но не знаеме како да го користиме и како да се однесуваме кон него, во Скопје постои ризик од самите нас, загадувачите на животната средина. Во парк, шумата „Гази Баба“ има отпад колку за 20 контејнери минимум и тоа некој треба да го исчисти. Недостасуваат работни акции во Гази Баба и на Водно, корпите за отпад во градскиот парк редовно да се менуваат и да им се поставуваат ќесички би била нова промена што би сакал да ја видам, тие ќесички да не се палат и горат со отпушоци од цигари. Сакам да го видам мојот град чист и убав.

Промената тргнува од нас, треба да сфатиме еднаш засекогаш дека Скопје е град со милион жители кои гравитираат и треба да се поставуваат што е можно повеќе канти за отпадоци и да се зголемува вработувањето во јавното комунално претпријатие. Платите да бидат на задоволително ниво за работниците во комуналниот сектор, да бидат достојни за живот, да ги следат сите трендови на инфлации и покачување на цените. За да имаат мотивација вработените во комуналното претпријатие да ги чистат сите тие нови корпи за отпадоци што ќе се поставуваат. Јавното комунално претпријатие да не служи за партиски препукувања туку да служи за општо добро, само тогаш ќе видиме напредок.

Живееме во болно општество во кое се’ се распаѓа. Имаме одлив на население и доаѓање на странски работници во градежниот сектор. Нема повеќе бирање и одбирање работници, сега недостасуваат секаде. Имаме недостиг на работна сила и сами се доведовме до оваа состојба. Немање работници кои ќе нè чистат и средуваат значи дека ќе немаме ниту доволно добра хигиена во градот и сето тоа ќе се рефлектира на јавните зелени површини. Постои урбано зеленило, но треба да се грижиме за него со цел не стане мета на урбаната мафија и тоа малку што остана да го снема.

Масовна градежна инвазија го зазема Скопје последнава деценија. Се градат намерно станови повеќе од тоа што има потреба за да се спаси капиталот. Цените на квадрат стан се качуваат и растат секој ден. Партиските вработувања останаа најголем непријател на нашево општество. Владата е најголем работодавач во земјата, преголемата јавна администрација која е нефункционална и служи само за одржување на власта со децении наназад. Миграцијата од главниот град ќе почне да се движи кон село, граѓани ќе стануваат селани во потрага по почист воздух и еколошка средина во недостаток на квалификувани млекари и сточари и општо луѓе кои се занимаваат со земјоделие. Работната сила ќе се менува од ден за ден и се’ тоа ќе се рефлектира на урбаното зеленило. Градот ќе ни стане сив, нечист, нехуман за живеење, ќе се бараат алтернативи и решенија. Градот предизвикува болести на белите дробови, градот предизвикува психолошки пореметувања поради брзите кредити и казината чиј број расте од ден во ден. Градот ќе ни стане се’ понеподнослив и се’ понеубав за живот, така што и она малку урбано зеленило што ни остана ни е во ризик да го изгубиме.

Градскиот парк повторно е во опасност со градежните зафати пред стадионот што се случуваат деновиве. Миграцијата ќе се движи во непредвидени насоки, нема да знаеме кој од каде се сели и кој од каде доаѓа. Ќе ни се случи тотален колапс со зеленилото како што ни се има случено со сè друго. Одењето на работа ќе стане сè понеподносливо. Прошетките во парк кои треба да ги цениме ќе ни станат оневозможени од урбаната мафија. Имаме зеленило само што ќе го изгубиме и ќе го немаме наскоро.

За да си го спасиме урбаното зеленило ќе треба граѓанска непослушност која моментално недостасува премногу да се случи во општествово. Граѓанските и спонтаните протести се реткост и веќе граѓаните знаат дека одредени ликови секогаш ќе градат кариера на протести, дека се излезени од лични интереси, некои се повлекоа поради тоа што не сакаат да учествуваат во градењето туѓи кариери. Кариеризмот во протестирањето беше најактуелен во годините 2014, 2015, 2016, 2017 кога граѓанското општество беше поразлично, имаше протести, имаше побуна, можеше да се види спонтан револт на улиците. Сега спонтан револт нема.

Зеленилото е во опасност од немање кој да го одбрани од багери и колку луѓе би дошле за да направат жив штит околу некое зеленило и да го заштитат. Во излажано изманипулирано општество живееме што значи омраза кон самите себеси и омраза кон природата. На природата ќе гледаме како на нешто далечно од себе, нема да се гледаме како дел од природата. Човекот е дел од природата, а сепак се гледа себеси како нешто различно од природата. Јас тврдам дека сме во опасност да си го изгубиме главниот град и да ни стане место на криминал, ќе се зголеми миграцијата на село со цел да се избега кон нешто поразлично. Зеленилото одамна ни е во опасност да го изгубиме од урбаната мафија.

Урбаната мафија се грижи граѓанство да нема и да не се побуни никој и ништо за тоа што ќе се случува. Тежок станува животот во Скопје, неподнослив. Животот во Скопје носи црна иднина и не гледам излез од тунелот сега засега. Граѓанството е на колена. Не сакаат да протестираат, да се жртвуваат, да бидат дел од кауза, да учествуваат во бунт во нешто што ќе им донесе подобро утре.

Животот станува се’ потежок и зелените површини ни се во опасност и од нас самите, но и од урбаната мафија. Животот е тежок и треба да се подготвиме за најлошото црно сценарио. Користењето на урбаното зеленило стана луксуз кој треба да си го почитуваме и да го уживаме додека можеме. Урбаното зеленило стана нешто што му недостига на Скопјани и секое засадено дрво ќе донесе нова надеж. Садете дрва колку што можете. Било каде, само засадете некое дрвце. Садете повеќе дрвца и верувајте во себе дека еден ден ќе успееме со заеднички сили да го изградиме овој град да биде зелен и хуман. Само со позитивен став и верба во посилни енергии од нас самите, ќе успееме. Слепата надеж не е секогаш доволна, потребна е работа, потребна е жртва.

"Skopje City Park" by Jessica Bean_ is licensed under CC BY-NC 2.0.
“Skopje City Park” by Jessica Bean_ is licensed under CC BY-NC 2.0.

Верувајте во себе и сопствените карактеристики, верувајте и ќе успеете да станете граѓани кои ќе бидат за пример. Верувајте во себе и бидете храбри. Никогаш не се откажувајте, не им дозволувајте на коруптивните ликови да ве обземат. Имајте верба и надеж. Немојте никогаш да се предавате и ќе успеете еден ден. И пред самите себеси и пред општеството. Никогаш немојте да се разочарувате. Верувајте во личниот напредок и во помошта од универзумот. Човекот е секогаш спремен да постигне и да направи премногу доколку се труди тој самиот да успее во тоа. Движете се кон позитивната страна на нештата. Размислувајте позитивно и трудете се да го задржите личниот интегритет и суверинитет зашто тие две работи се најважни, бидете добри граѓани и сакајте си го сопствениот град и зеленилото кое ни е малку и кое треба да го негуваме.

Негувајте се самите себеси пред огледало, сакајте се себеси и внимавајте на вашето здравје. Никогаш немојте да се откажувате од надежта за подобро утре. Подобар град постои и тој ќе се роди, тој ќе никне во нас самите или некаде тој ќе никне. Никогаш не престанувајте да се надевате дека сонцето повторно ќе изгрее и за овој град. Секогаш мора да сте будни и со надеж. Само надежта го носи човекот кон подобри идеи и подобри замисли во животот.

Никако не смееме пред корупцијата да замижиме и да ја оставиме и игнорираме но надежта треба да ни биде клучна водилка во процесот на борба за подобро утре, за позелен град. За позелен град и за користење на јавните зелени површини треба да ни се зголеми свеста на колективно ниво, дека тие се поставени за наше добро и за колективно уживање на сите корисници. Газдите се бесни бидејќи немаат кого да експлоатираат, а ние сме свесни дека може и подобро.

Секој ден се бориме за подобро. Секој ден сакаме нешто подобро. Затоа редно е да се обединиме во желбата за подобар град со почиста животна средина и подобри јавни површини. Можно е да сме подобри граѓани и треба сите да се залагаме за тоа. Треба да се бориме за да биде општеството поздраво и поубаво за сите нас. Јас сакам да верувам дека нема да имаме партиски институции, но на жал тоа нема да биде едноставно и нема да се случи преку ноќ. Ние заедно граѓаните кои сме свесни треба да се одлучиме на овој чекор и да се трудиме преку работа да успеееме да се избориме за подобро утре. За да светне денот над сите нас. Треба да сакаме тоа да се случи и да имаме доверба во себеси. Никогаш да не се предаваме.

Да бидеме свесни за борбата што претстои. Претстои борба и треба да сме свесни за таа борба. Нема ништо без борба, ни на колективно, ни на индивидуално ниво. Добриот граѓанин секогаш треба да учествува во настаните на сопствениот град. Само со борба, верба и надеж ќе сме спремни за подобро утре и подобра светла иднина и зеленила за сите нас кои живееме во Скопје и надвор од него. Да ги сакаме и негуваме зелените простори како да се наши и наш дом. Да бидеме еднакви пред законите и правилата. Да сме сложни и дружни и социјални битија, да сакаме да сме едно со космосот и ќе успееме во таа битка да дојдеме до фантастични резултати за општеството. Да бидеме концизни и конкретни, јасни и гласни во своите одлуки.

Со верба за подобро утре ве поздравува Тео!

Теодор Петковски

Лектура: Е. М.

Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во текстот.

Теодор Петковски
Теодор Петковски

Теодор Петковски е долгогодишен активист и вљубеник во странските јазици. Зборува неколку странски јазици меѓу кои најистакнати се албанскиот, грчкиот и португалскиот покрај англискиот и балканските јазици на различни нивоа на течност. Албанскиот нему му е најголема сатисфакција што го научил и по тоа е познат. Од мали години бил активист во движењата против полициска бруталност, Анима мунди, Студентски пленум, Солидарност и други лево ориентирани организации и голема поддршка дава за социјалниот центар „Дуња“. Негова најголема животна желба е да стане преведувач кога ќе ги заврши студиите. Тој е работник, чесен, ведар, искрен и со борбен дух. Се бори со околностите и за себе вели „јас не се откажувам, немој ни ти!“.

RELATED ARTICLES