домаФоторепортажаСтерилизацијата на сепариња и отсуството на солидарност кај МСУ

Стерилизацијата на сепариња и отсуството на солидарност кај МСУ

Дали е Скопје град на меѓународната солидарност? Пред нецели 60 години еден човек рече:
„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата наша заедница, тоа ќе стане симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“
Така и беше. Скопје живееше солидарно и отворено благодариение на придонесот на југослсовенските граѓани и на седумдесет и осум земји кои ја помогнаа реставрацијата и обновата на градот.

Плакетата од Универзална сала, превземено од фејсбук профил на Филип Аврамчев.

Но Скопје е исто така и град на многу носталгија, меланхолија и романтика.
Скопјани тажат и за османлиското и за кралското и за социјалистичкото време. Скопјани се сеќаваат на старите маала, на изгубените соседи при депортација, на изгубените градби и луѓе во земојотресот. Скопјани го глорифицираат бомескиот живот и маалскиот живот во изминатите стотина години, со носталгија си спомнуваат за игранките во Офицерскиот дом или за ноќниот живот во деведеситете. Им недостигаат и дрворедите и парковите, калдрмата и пливањето во Вардар.

Носталгија, Скопје, август 2022, фотограф Александар Митров

Некои пак се горди на највисокиот блесок на национал романтизмот, на новите плоштади, споменици и музеи, на староновиот театар и така натаму.

Споменик Гоце Делчев, плоштад Македонија, Скопје 1 мај 2021, фотограф Александар Митров.

Скопје си има и младина што се собира да се забавува на отворени и јавни простори. Пред пекарата карши Универзална сала и кај сепарињата на Фонтана.
Потребата за користење на јавни простори нагло се зголеми кај целото население на градот за време на посебните мерки кога солидарно се штитевме од вирусот САРС-КОВ-2.
А што тогаш ги снајде Сепарињата кај Фонатана?!

Фонтана Лотосов цвет – Градски парк, Скопје – превземено од сајтот 365

Еден ден сепарињата осамнаа без дрвените седишта и без колоритот од графитите, облепени со сигнални ленти за забранет пристап како на место од убиство во холивудски филм. Единствениот простор кој граѓаните традиционално го користеа за забава без да користат услуги на угостителски објекти, беше обоен во бело и недостапен за користење. Фонтаната Лотосов цвет, еден од симболите на постземјотресно минималистичко Скопје, која одамна ја изгуби својата првобитна функционалност и изглед, беше нем сведок на стерилизацијата на сепарињата.

Стерилизирани сепариња – Градски парк, Скопје, февруари 2023 фотограф Александар Митров.

Претпоставувам власта им упати порака на младите, кои себично го живееја животот и ширеа зараза, дека таа го има монополот за уредување и контрола на јавниот простор.

Градски парк, Скопје, февруари 2023, фотограф Александар Митров.

Се надевам ќе се вратат нови графити со посилни пораки да го оплеменат белилото. А се сомневам дека ќе стават седишта. Што беа убави оние дрвените! Ние ги седевме на специфичен начин, а тие му даваа топлина и мекост на просторот. Ех, романтика. Не знаеш што е убаво додека не го изгубиш. Сега, плакетата за благодарност до народот на САД доаѓа до израз.

Плакета на благодарност, Скопје, февруари 2023, фотограф Александар Митров.

И ние што играме танго за време на специјалните здравствени мерки, оплеменивме еден од најубавите простори во градот. На највисокото ридче во центарот на градот, каде што стои силен симбол на солидарноста, Музејот на Современата Уметност, што заеднички ни го подарија големи светски уметници и комунисти, и една комунистичка влада од Полска.

Музеј на современа уметност, Скопје, фотографијата е превземена од Википедија.

Бевме пресреќни што најдовме соодветен под на кој патиките не ни кочат, на изолирано место во градот, каде не му сметаме никому. Носевме музика и постилки за седење и ги уживавме придобивките на меѓународната солидарност и постоењето на јавен простор на прекрасна местополжба во градот.

Игранка МСУ, Скопје, јули 2021, превземено од фејсбук профил на Анита Палческа

Но, за жал, нашата радост ги вознемири чуварите и раководните лица на музејот. Почнаа да не бркаат, па потоа да ни бараат да се најавуваме по мејл, да ни го ограничуваат времето кое може да го минеме таму, иако ништо друго не се случуваше на платото. Солидарноста не се покажа на дело.

МСУ Скопје, 2021, фотограф Александар Митров

Сепак, Скопје е главен град во кој израснаа огромни споменици и високи четириесеткатници, а се намалија меѓучовечката доверба и соработка. Град во кој полицијата ревносно ја контролира рекреацијата на граѓаните. 

МСУ Скопје, 2021, фотограф Александар Митров
Александар Мтров е љубопитен набљудувач на човековото однесување. Во политичкиот живот во Македонија учествува на настани во кои што гледа потенцијал за револуционерна промена на општеството. Најважен животен експеримент му се секојдневните искуства со себе си и со луѓето кои го окружуваат. Често не знае што сака. Со диплома од приватен факултет на која гласи политиколог. Се обидува да живее во согласност со она што му лежи на срцето. Смета дека светот лесно може радикално да се промени ако луѓето се ослободат од своите егзистенцијални стравови. Раскажува приказни за туристи и дава часови по аргентинско танго. Може да го сретнете по танцовите забави во Скопје.

RELATED ARTICLES