Утре, 11 март, со почеток во 13 часот во Кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Зелениот капитализам: Богот што потфрли“ од американскиот автор Ричард Смит.
Во описот на настанот стои следново:
Парискиот договор потфрли. Пред него потфрли и Протоколот од Кјото. Зошто? Климатската криза претставува најголемата опасност по човештвото и останатиот жив свет, а сепак се третира како некое маргинално прашање од трет ред. Зошто? Во секоја пригодна прилика политичарите зборуваат дека е потребна радикална трансформација на економијата и општеството, а потоа се усвојуваат мерки што значат само незначителни или козметички промени. Која е причината за ваквиот јаз меѓу кажаното и направеното?
„Зелениот капитализам: Богот што потфрли“ анализира како постоечкиот економски систем, капитализмот, го продлабочува проблемот со климатските промени и зошто тој не е способен да го реши овој егзистенцијален проблем. Во неа авторот ги анализира клучните претпоставки врз кои се темели овој систем и објаснува зошто функционирањето на економијата врз основа на тие претпоставки неизбежно предизвикува еколошко уништување и ја загрозува иднината на живиот свет на планетата, вклучувајќи го и човештвото. Во тој контекст, авторот им посветува особено внимание на причините за неуспехот на најизвиканите решенија за справување со климатската криза, убедливо аргументирајќи дека нивниот неуспех се должи на тоа што тие се судираат со инхерентната логика на капитализмот, кој не може да ги апсорбира, бидејќи на таков начин се предизвикуваат економски проблеми како невработеност и економска криза.
Денес, во третата деценија од 21 век, капитализмот е на обвинителната клупа. Книгата на Ричард Смит нуди аргументи зошто можеме и мораме да размислуваме за негова замена со поправедно и одржливо општество.
Книгата е во издание на „Бегемот“ и на нејзината веб-страница може да се погледнат дополнителни информации околу оваа книга.