Од моето раѓање па се’ до пред неколку години го делев ставот дека најпаметен, и во некои ситуации единствен начин на движење од А до Б точка е со автомобил. Моите родители ме возеа насекаде со автомобил, не бев влезен во автобус сè додека не тргнав во средно училиште. Со велосипед многу ретко. Но, како што поминуваше времето, сфатив дека тоа е огромна лага.
Автомобилите се опасни за луѓето и животните, неефикасни, одземаат огромен простор, произведуваат многу бучава, целата урбана инфраструктура во 90% од светот се фокусира на автомобилот и ред други причини. Тогаш, зошто продолжуваме да се возиме исклучително со автомобил, зошто не употребуваме други алтернативи, и како стигнавме дотука воопшто?
Историјата на автомобилот, лагата на автомобилската индустрија
Во почетокот на развојот на автоиндустријата, автомобилот бил нов, скап, и исклучително користен од буржоазијата. Додека поголемиот дел од пролетаријатот едноставно одел, возел велосипеди, и одвреме-навреме користеле јавен транспорт. Постоел голем простор за луѓе да се социјализираат, да седнат на кафе и што уште не.
Големите автокомпании, специфично во САД, на почетокот на XX век виделе можност за голем профит. Зошто да нема секој американец своја сопствена кола? Со помош на лобирање, автоиндустријата успеала да излаже милиони граѓани дека „автомобилите се иднината на транспортот, брзо и слободно“. Денес, повеќе од две третини од населението во Америка вози автомобил, а во Македонија бројката е слична. Оваа идеја за автомобилот како ефикасен начин на транспорт се раширила низ целиот свет.
Во Европа, исто така се истакнале неколку големи автокомпании кои ги користеле истите тактики за пропагирање на автомобилот. „Цитроен“, „БМВ“, „Опел“ и „Фиат“ ја имаат преземено идејата на Хенри Форд за „брза и ефикасна монтажна линија“ која отворила нова врата за брзо производство, а со тоа и давање можност на припадници на работничката класа да купат автомобил. Македонија, во склоп на Југославија, прекумерно ги добивала автомобилите од компаниите „Црвена Застава“ – Крагуевац, „ТАМ“ и „ТАС“, но исто така се увезувале автомобили од Советскиот Сојуз, Чехословачка и Италија. Зачетоците на автоцентричното општество во Македонија се наоѓаат тука.
По катастрофалниот земјотрес во 1963 во Скопје, архитектите од Југославија го дизајнирале градот земајќи предвид како би се движел автомобилот. Тоа е евидентно уште кога постојат огромни булевари на местото на старите квартови пред земјотресот.
Уништување на урбаната архитектура, неефикасност во простор
Автомобилот е голем и масивен. Кога имаш население кое прекумерно се потпира на автомобил, треба простор во градовите. Затоа, за време од 60-70 години, цели соседства се урнати и уништени за повеќе автопати и улици. Вреди да се спомене дека во држави каде што сегрегација постоела (повторно САД), соседствата со малцинства биле непропорционално уништувани и демолирани.
Автомобилот не исчезнува магично кога ќе прекинеш да го возиш па затоа ти треба паркинг. Голем дел од автомобилите, особено тука во Македонија, се паркираат каде што ќе најдат простор, или пак на огромните паркинг простори што се создадени по пат на уништување куќи и паркови.
За разлика од јавниот превоз, автомобилот иако е голем, не може да собере многу луѓе во него. Ако земеме предвид дека двоспратен автобус може да собере отприлика 50 луѓе во простор од 36 m2, за таа иста бројка се потребни 20 автомобили, што е отприлика 400-500 m2 (зависи од големината на автомобилите). Просто кажано, многу поефикасно е кога имаш автобус, трамвај или пак воз каде што сите патници се поврзани и не се троши простор. Човек кога оди низ град оди низ огромен лавиринт опкружен со железни ѕидови.
Постои феномен наречен „парадокс на додавање уште ленти“. Логиката се заснова на простото размислување „ако додадеме уште ленти на автопатот/булеварот, ќе се реши проблемот со сообраќајот“. Но, ова размислување го игнорира фактот дека штом се додаде дополнителна лента, повеќе луѓе ќе одлучат да користат автомобил наместо јавен превоз, бидејќи е додадена нова лента, но поради тоа, ќе има уште погуст сообраќај.
Циклусот ќе се повтори многупати, до степен каде што добиваме монструозни автопати со над 20 ленти во држави како САД и Велика Британија.
По распадот на Југославија, десетици дрвореди низ градот Скопје и другите градови низ Македонија се уништени за зголемување на улиците и булеварите. Овие проекти за „подобрување на сообраќајот“ само носат повеќе пари во џебовите на државните институции и компаниите кои им ја изнајмуваат работата за да се изградат.
Опасноста од автомобилите
Годишно, отприлика 1,3 милиони луѓе умираат во сообраќајки. Најголемиот дел од нив се предизвикани од автомобилите. Огромна и тешка маса која вози со огромна брзина може да усмрти некој што не внимава за секунда или пак внимава, а тој што го вози автомобилот не внимава. Секој може да положи за возачка и многу луѓе во светов ја имаат можноста да возат автомобил. Но, дури и да си внимателен, интелигентен на патот, секогаш постои можност да се случи сообраќајка со автомобилот. Постојат многу побезбедни алтернативи.
Во Македонија многу често слушаме за сообраќајки поврзани со пешаци и велосипедисти. Тоа не е коинциденција. Не само што имаме неефикасен сообраќај, не се обрнува внимание на пешаците и велосипедистите. Инфраструктурата за ленти е мала, ширината на улиците во споредба со тротоарите е преголема, а дури и на тој простор што е наменет за пешаци се паркираат автомобили.
Загадување
11.9% од целокупните глобални ослободувања на штетни гасови во атмосферата (јаглерод диоксид) се предизвикани од автомобилите и камионите. Загадувањето додава повеќе смртоносни случаи поради рак и други респираторни болести.
Звучното загадување и стресот предизвикан од автомобилите
Сите сме очевидци (или подобро кажано слушатели) на огромната бучава предизвикана од автомобилите. Секој ден, секоја ноќ поминуваат илјадници коли низ градовите, покрај нашите станови и куќи. Свирежи, брмчење, потсвеста ни е ограбена од овие звуци. Тоа доаѓа како дополнителен стрес на индивидуата во општеството. Колку и да се трудиш да го игнорираш, не можеш. Не е само звукот, самото присуство нивно, возењето покрај тебе со огромна брзина, стравот да треба да погледнеш лево и десно во секој момент бидејќи многу често возачите не внимаваат и кога семафорот е зелен за тебе. Лично, сум имал неколку блиски пресметки со автомобили и кога моето внимание е комплетно насочено кон улицата.
Кои се алтернативите?
Одговорот е многу прост, промена во сообраќајот, оставање на автомобилот, и прифаќање автобуси, велосипеди, возови, трамваи, или едноставното одење. Овој процес ќе е долг, но е целосно возможен. Секогаш постоеле поефикасни начини за стигнување од едно место на друго.
Тешко е да се замисли свет без автомобили за некои луѓе, но веќе се применува овој концепт во одредени држави/градови. Пример би била Холандија, каде што многу потешко е да возиш кола отколку да возиш велосипед. Во Барселона постојат квартови каде што автомобили се целосно забранети.
На Македонија очајно ѝ треба промена во сообраќајот. Вложување во повеќе автобуси и трамваи во градовите, возови за поврзување на подалечните населби, зголемување на велосипедските патеки и драстично намалување на проекти поврзани со зголемување на протокот на автомобили.
Како активисти, комунисти, анархисти и социјалисти наша морална дејност е да се стремиме за промена на секое поле, вклучувајќи го и сообраќајот. Време е да ги вратиме улиците во наша сопственост, во сопственост на луѓето, а не на автомобилите!
ИЗВОРИ:
СМРТНИ СЛУЧАЕВИ ВО СООБРАЌАЈОТ/АВТОМОБИЛИ ВО СВЕТОТ: https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/road-traffic-injuries
ЗАГАДУВАЊЕ ПРЕДИЗВИКАНО ОД АВТОМОБИЛИ: https://ourworldindata.org/emissions-by-sector
КОГА ПЕШАЦИТЕ ГИ ВЛАДЕЕЛЕ УЛИЦИТЕ: https://www.smithsonianmag.com/innovation/when-pedestrians-ruled-streets-180953396/
ИНФОРМАТИВНО ВИДЕО ЗА НЕЕФИКАСНОСТА НА АВТОМОБИЛОТ: линк!
Натрикс
Натрикс е роден во 2004 година во Скопје, Македонија. Има завршено нижо музичко образование во „Илија Николовски – Луј“, а моментално е матурант во Гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Бил асистент на продукција во филмот „Домаќинство за почетници“, што до прво треба да излези на филмските платна. Со другар му Вефикс ја имаат основано Анархо-комунистичката организација на Македонија. Волонтира во Социјалниот центар „Дуња“. За себе вика дека е писател аматер, музичар и фотограф.