На денешен ден 21 Февруари во 1848 година беше објавен Манифестот на Комунистичката партија напишан од Карл Маркс и Фридрих Енгелс. Век и три четвртини откако за прв пат на германски јазик по налог на Сојузот на комунисти Маркс и Енгелс го составија ракописот што и денес е релевантен, а истовремено беше објавен и на англиски, француски, германски, италијански, фламански и дански јазик за подоцна да биде преведен скоро на сите светски јазици.
Манифестот започнува со поетски приказ на комунизмот – политичката идеологија што во XIX век ги раздвижила одржувачите на тогашното status quo:
„Едно сениште врти низ Европа — сеништето на комунизмот.“
Денес европското комунистичко движење нема баш таква сила за да може да претставува едно ново такво сениште, но секако протестирачите во Париз се тепани од француската жандармерија, еко активистите во последните паркови во Луцерат, Рурската област конечно беа насилно исфрлени од германската полиција за да може мирно да се продолжи да се копа јаглен во рудникот до паркот, паркот „Гези“ во Истанбул скоро и го снема, а ќотекот го кркаа тие кои протестираа против турскиот нов султанат, во Букурешт се гради највисоката романска црква опонирајќи на најниската плата во Европската Унија.
Но затоа Маркс и Енгелс на дијалектички начин ја анализираат врската меѓу борбата и историјата, па Манифестот конечно се отвора со овие зборови:
„Историјата на секое досегашно општество е историја на класни борби.
Слободниот човек и робот, патрицијот и плебеецот, баронот и крепосникот, еснафскиот мајстор и калфата, накратко — угнетувачот и угнетениот се наоѓаа еден наспрема друг во постојана спротивност, водеа непрекината, ту скриена ту отворена борба, борба што секогаш се завршуваше со револуционерна преобразба на сето општество или со заедничко пропаѓање на класите што се бореа.“
За Робот Спартак речиси нема кој нема чуено, но треба да се знае дека пред него имало уште неколку кои за жал ја изгубиле битката против Римскиот робовладетел. Така, Првата робовска војна била предводена од Евниј и Клеон, Втората робовска војна го помни името на Трифон и конечно Третата робовска војна ја предводел Спартак.
Борбите против угнетувачите не застанале во минатото иако речиси и да не се изучуваат во сегашноста. Флеманскиот бунт се случил во 1323 година и траел цели пет години, но Кралот на Франција бил принуден на некакви отстапки иако се покажало дека не ги испочитувал. Дваесетина години подоцна во 1343 домородните народи на Балтикот се кренале на востание, но и нивниот обид бил неуспешен. Во 1381 од мај до ноември селаните се кренале низ цела Англија за подобри услови за живот… Селански буни имало и во Трансилванија, Каталонија, Португалија, а урбани имало и во блиските Солун и Хвар, против моќните Византија и Венеција.
Покрај Француската буржоаска револуција, продолжува Париската комуна, борбите на црнечките робови во Америка, Советската работничка револуција и сите протести што денес може да се набројат насекаде низ Европа и Светот и точно затоа и Првиот дел на Манифестот завршува:
„Основниот услов за суштествувањето и превласта на буржоаската класа е образувањето и зголемувањето на капиталот; услов за суштествување на капиталот е наемниот труд. Наемниот труд исклучиво постои поради конкуренцијата помеѓу работниците. Напредокот на индустријата, чиј слеп носител е буржоазијата, ја заменува изолацијата на работниците, поради конкуренцијата, со револуционерно спојување поради здружувањето. На тој начин, развитокот на крупната индустрија ги поткопува темелите на силата на буржоазијата со која таа произведува и ги присвојува производите. Она што буржоазијата го произведува, пред сè, е својот сопствен гробар. Нејзиното пропаѓање и победата на пролетаријатот се подеднакво неизбежни.“
Во нашето македонско, пост-југословенско и балканско општество во деведесеттите години на XX век се случи едно големо уназадување на работничкиот живот – приватизацијата на заедничкиот капитал и денес вообичаено опстојуваат две приказни (два наративи) за тој постојан процес, доминантниот, дека тоа е демократски процес, и опонирачкиот, за жал само носталгичен, осврнувајќи се на некои дамнешни поубави времиња. Јавниот дискурс насекаде низ Балканот наметнува теми како приватизација на службите за итна медицинска помош, дополнителни приватни здравствени осигурувања, поголема слобода за и така расипнички настроените веледрогерии, отворање на штетни рудници, субвенционирање на капиталистите и постојана инфлација, намалување на работничките права и уште поголема експлоатација. Тоа е начин на производство, смета Маркс, а стои и запишано:
„Теоретските поставки на комунистите никако не ce основаат на некакви идеи што ги измислил или ги открил овој или оној поправач на светот.
Тие се само општи изрази на вистинските односи на постојната класна борба, на историското движење што се извршува пред нашите очи. Укинувањето на досегашните сопственички односи не е нешто што посебно го карактеризира комунизмот.
Сите сопственички односи биле подложени на постојано историско сменување, на постојано историско изменување.
Француската револуција, на пример, ја укина феудалната сопственост во полза на буржоаската.
Она што го одликува комунизмот не е укинувањето на сопственоста воопшто, туку укинувањето на буржоаската сопственост.
Но современата буржоаска приватна сопственост е последниот и најсовршен облик на таквото производство и присвојување на производи што ce држи на класни спротивности, на експлоатирање едни од други.
Во таа смисла комунистите можат да ја изразат својата теорија со една поставка: укинување на приватната сопственост.“
На аргументите за приватизација нужно треба да се спротивстават аргументите за национализација, уште подобро аргументите за присвојување на капиталот како јавно (заедничко за сите) добро. Но треба да се признае дека и работничката свест можеби треба малку поразлично да ги толкува навиките преку кои ги спроведува општите поими во пракса. Невозможно е да се спроведе праведно општество каде што секој ќе има шанса да експлоатира.
„Под слобода, во рамките на денешните буржоаски производствени односи, се подразбира слобода на трговијата, слобода на купувањето и продавањето.“
Откажувањето од постојаниот престој во обложувалници, големи молови, бензински пумпи… се само дел од активностите што може да го придвижат општеството кон создавање некакво поинакво заедништво, уште поважно меѓучовечки односи различни од постојните што на некој начин го отуѓуваат човекот еден од друг.
Во Третиот дел на Манифестот се пристапува кон критика на тогашните постојни опции за спроведување на некаков комунизам, што согласно тогашните теоретски дефиниции и не бил. Критика има кон реакционерниот социјализам, и тоа: феудалистичкиот социјализам, малограѓанскиот, германскиот или „вистинскиот“, конзервативниот или буржоаски… Таму се преставени начините за размислување за еден нов можен свет.
Конечно, во Четвртиот дел Маркс и Енгелс расправаат за тогашните тековни разлики во различните комунистички движења низ Европа и Светот. Манифестот, како што впрочем завршуваат сите манифести завршува со реченици што треба да предизвикаат занес, да го кренат духот на публиката, што Маркс сигурно го знаел од часовите по реторика и тие се:
„Комунистите го презираат прикривањето на своите погледи и намери. Тие изјавуваат отворено дека нивните цели можат да се постигнат само со насилно уривање на целиот досегашен општествен поредок. Нека владејачките класи се тресат пред комунистичката револуција. Пролетерите во неа немаат што да изгубат освен своите окови. A ќе го добијат сиот свет.“
Се разбира последниот стих од Манифестот веројатно и денес стои на интернационалното комунистичко знаме, испишан со жолти букви, заедно со жолтата петокрака и гласи:
„Пролетери од сите земји, обединете се!“
Но целта на овој текст беше да се укаже на важноста Манифестот да се прочита самостојно, а потоа да се прочита и прокоментира и со другарите, пријателите, јавноста. Во духот на дијалектичката и марксистичката филозофија треба да се напомене дека критика треба да има и кон самото тоа учење, и кон Манифестот, најважно кон сè постојно затоа што така се случуваат промените.
Комунистичкиот манифест може да го прочитате online на Марксистичката архива на македонски јазик https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1848/index.htm или пак да го симнете во pdf формат на овој линк: chrome-extension://efaidnbmnnnibpcajpcglclefindmkaj/https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1848/kom_man.pdf
Како и да одлучите да го разгледате, најважно е еднаш самостојно да го прочитате!
Никола Шиндре
Редакцијата на „Гласни идеи“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.