Во целост го пренесуваме соопштението на организаторите на протестниот собир:
Како граѓанки и граѓани, феминистки и феминисти, девојки и жени, револтирани сме од повторното затајување на институциите, неспремноста и некомпетентноста на полицијата и немањето вистинска волја да ја завршат својата заштитничка и превентивна функција кога станува збор за на жртвите на родово базирано насилство, сексуален напад и вознемирување. Затоа, во петок (17.02) во 15 часот, излегуваме на ПРОТЕСТ пред Министерството за внатрешни работи.
Случајот кој во медиумите стана познат како „дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата” по илјадити пат укажа на истите недостатоци на институционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово базирано насилство.
Во изминатиот период имаме пораст на случаи на родово-базирано насилство: таксисти кои напаѓаат девојки, партнери кои ги претепуваат и пукаат во своите девојки, сексуално уценување на 14 годишно девојче од страна на повеќе мажи, а листата секојдневно се надополнува.
Ова е резлутат на повеќе аспекти од нашето општество длабоко вкоренети во системската неедаквост и нормализирањето на насилството како дел од културата.
- Бараме санкции за нестручните полициски службеници кои ги изложуваат жртвите на дополнително вознемирување.
- Бараме обучени полициски службеници кои ќе си ја вршат работата за која се платени.
- Бараме секоја пријава да биде третирана со максимална професионалност, но и да биде дочекана со емпатија, солидарност и поддршка.
- Бараме да бидеме безбедни во своите градови, улици и живеалишта.