домаФоторепортажаТрчањето значи здравје, а депониите значат болест!

Трчањето значи здравје, а депониите значат болест!

Пред пет години заедно со еден мој пријател, одлучивме да трчаме во слободно време, чисто поради рекреација и подобрување на кондицијата. Во првите две години имавме инцидентни тренинзи, а почнавме да учествуваме и на трки, пред се поради забава и спортски туризам. Трките на кои учествувавме беа во должина од 10 км до полумаратон. 
Полека, таа навидум спонтана идеја прерасна во нешто сериозно и премина во секојдневна рутина. 
После првите две години рекреативно трчање, ми се зголеми апетитот и посакав да комплетирам еден цел маратон за што беше потребно посериозна и потемелна подготовка, како би се издржал таков предизвик. 
За време на припремите за маратон, во една од фазите потребно е да се одработат тренинзи на база на брановиден терен со поголемо висинско искачување. За среќа, во мојата околина има соодветна патека, тоа е патеката од Неготино преку село Тимјаник, па се до крајот на селото Долни Дисан, со должина од 10 км, во еден правец и вкупно висинско искачување од околу 400 метри. Оваа патека е речиси совршена за маратонска база и јакнење на нозете.  
Цела ова навидум розова слика и импресионираност од обликот на патеката, се крши и губи за време на тренинзите. Имено, по должината на патеката има расеано многу отпад (пластични шишиња, амбалажи и мал милион на мали работи.). Веднаш на излезот од село Тимјаник, од десната страна има дива депонија, која во еден наврат беше расчистена и беше обележано дека не треба да се фрла отпад. Но, сепак, поставениот знак не ја подигна свеста кај луѓето, така што депонијата повторно се активираше и е во напредна фаза на „полнење“. 

На излезот од селото Долни Дисан, кон селото Горни Дисан, се наоѓаат селските гробишта, на чии влезови има поставени корпи за отпад. Корпите се преполни со ѓубре (најверојатно нема кој да ги испразне), и веќе отпад се фрла околу корпите и на пошироката површина. Очигледно дека почитта кон најблиските што почиваат таму не изостанува, но изостанува почитта кон животната средина, исто така, изостанува и одговорното однесување кон амбалажата откако ќе се искористи производот.

На само стотина метри од селските гробишта, на растојание од околу 300 метри, се протегаат три мали депонии, за кои постои опасност да станат големи.  

Факт е дека жителите на овие места треба да се ослободат од отпадот, но тоа не треба да го прават по линија на помал отпор, односно да фрлаат онаму каде им е најлесно и најбрзо. Треба да постои свесност дека проблемот не се решава само со префрлање на одговорноста, напротив, тој се зголемува и постои опасност да стане проблем на целиот регион. Сепак, најголемата одговорност ја гледам во локаните комунални власти, кои освен чистење и метење на градот Неготино, треба да се ангажираат и со решавање на проблемите со смет на околните села, кои исто така се дел од општина Неготино. Основна дејност на Јавното комунално претпријатие е да ги идентификува потребите на жителите на ниво на целата општина и да делува превентивно, се со цел да се избегнат ситуации на појава на диви депонии.  
Ова е само еден дел од приказната за дивите депонии во и околу општина Неготино. Диви депонии и расфрлан смет има речиси на сите локални патишта што водат кон другите населени места во општината. Верувам дека состојбата е иста или слична и во другите општини низ државата. .
Сите знаеме дека спортувањето значи и здравје, но тоа се однесува на спортувањето во чиста и здрава околина. Спортување во загадена и нечиста околина претставува ризик кон здравјето и опасност од развој на сериозни заболувања. . 
Искрено се надевам дека подготовките за следните маратони ќе се одвиваат во здрава и чиста околина, и дека патеката Неготино – Тимјаник – Долни Дисан, ќе стане вистинско убаво рекреативно место. 

Александар Петров е роден во Неготино во 1984, каде завршува средно образование во билингвална францсуко-македонска паралелка. Студира на Машински Факултет во Скопје каде дипломира во 2008 година. Во 2010 добива стипендија од француската влада за продолжување на своето образование на Мастер студии во Париз, Р. Франција и дипломира следната 2011 година. После завршувањето на Мастер студиите продолжува на докторски студии и ја брани својата докторска дисертација во 2016. Активист за заштита на човековите права и заштита на природата. Во 2019 година беше еден организаторите на протестот и организирање на петиција собирање на потписи против изградба на регионална депонија во општина Неготино со која беше планирано да се призведува РДФ (RDF) гориво. Петицијата беше успешна а проектот стопиран. Освен делување за заштита на животната средина, тој е активен промотор на спортот како една од најздравите навики на човекот, активен спортист, маратонец, има истрчано неколку маратони а во план се да ги истрча 6те најголеми маратони во светот(Abbott WMM). 
RELATED ARTICLES