домаКултурни дописиСимона Наумоска: „Сексуално – здравствена култура кај младите“

Симона Наумоска: „Сексуално – здравствена култура кај младите“

"Public health poster--Sexual Health for Youth" by yooperann is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.
“Public health poster–Sexual Health for Youth” by yooperann is licensed under CC BY-NC-ND 2.0.

Темата за сексуални односи неминовно со себе ја отвора и темата за сексуално здравје. За потребите на овoј текст, беа анкетирани 94 млади личности на возраст од 16 до 39 години. Од нив, 61 испитаник мисли дека сексот сè уште е табу тема во нашето општество. Следствено тука би се поставило прашањето: Каква е сексуално – здравствената состојба на младите, во општество кое одржува култура на срам околу оваа биолошка карактеристика? Но, за во целост да се даде одговор, исто така валидно би било да се разгледа и улогата на економскиот систем кон одржување, односно неодржување на превенцијата, едукацијата и лекувањето на сексуално преносливите болести.

Сексот, сексуалноста и сексуално преносливите болести како табу теми

Многумина тврдат дека едукацијата за сексуални односи, менструација, љубовни врски и сл. треба да започне во домот и тоа со отворен, соодветен за возраста, пристап од страна на родителите. Во анкетата, скоро 60% од анкетираните одговориле дека во нивното потесно семејство сексот се смета за табу тема, додека пак 50% одговориле дека нивните родители никогаш не разговарале со нив околу овие прашања.Охрабрувачки беше податокот што 79% од тие што имале таков разговор, изјавиле дека истиот бил воден од едукативен аспект како нормален разговор за нормална и природна појава. Останатите, за жал, одговориле дека пристапот на нивните родители бил од позиција на срам/ религиозен аспект/ важност за „зачувување невиност“/ сексот како нешто што е резервирано за брак или од аспект на „зачувување на женската чистота“.

График 1
График 1

Следните две прашања покажаа поразителни гледишта на населението, кои очигледно се резултат на длабоко вкоренетата патријархална култура која сè уште е превалентна во Македонија. Имено, 41% одговориле дека во нивното семејство различно се гледа на женската и машката сексуалност, а огромни 95% одговориле дека генерално во општеството дискриминаторно се перцепира машката и женската сексуалност. 

Повеќе од половина од испитаниците исто така никогаш немале едукација за сексуално преносливи болести на училиште.

Здравјето и сексуално преносливите инфекции (СПИ)

График 2
График 2

Позитивно беше да се прочитаат одговорите кои бараа анкетираните да напишат кои СПИ ги знаат и да набројат симптоми, бидејќи скоро сите имаа добро познавање. Во оваа категорија болести спаѓаат бактериски, вирусни и паразитарни инфекции кои се пренесуваат по сексуален пат или еден од начините на пренос е сексуален пат. Некои од бактериските инфекции се сифилисот, гонорејата, инфекции со хламидија, лимфогранилома венерум, трихомонијаза, шанкр. Од вирусните може да се вбројат ХИВ и/или СИДА, хепатитис Б, хепатитс Ц, инфекции со Херпес вирус, инфекции со ХПВ, додека паразатирарни болести се трихомонијазата, жардијаза, срамни вошки и шуга. Некои од симптомите на овие болести вклучуваат исцедок од вагината кој се разликува од нормалното, како и од пенисот или анусот, специфичен мирис, болка при мокрење, осип, чешање, некои ранички, мозолчиња, брадавици околу или на надворешните полови органи, како и брадавици во устата или грлото. Меѓутоа симптомите на болести како СИДА, хепатитис Б или Ц имаат поразлична презентација и може да зафатат повеќе органски системи (кај ХИВ поради намален имунитет) или да го зафатат црниот дроб (кај хепатитис Б и Ц), додека пак некои болести како пр. сифилис (во втор и трет стадиум) исто така може да имаат презентација која зафаќа и други органи. Некои СПБ може да останат целосно асимптоматски (гонореја, инфекција со хламидија) и лицето истите да ги пренесува на своите партнери без да знае, а поради немањето симптоми и консеквентно нелекувањето, може да настанат иреверзибилни промени на гениталните органи кои крајно може да резултираат со стерилитет.

Анкетираните беа прашани дали сметаат дека при орален или анален секс може да се добие СПИ, како и дали некоја личност доколку не е сексуално активна сепак може да има СПИ. Одговорот на сите овие прашања е ДА. Затоа е многу важно и при анален секс да се користи заштита, како и да се внимава или по можност да се користи заштита и при орален секс (пр. кондом или покривка на вулвата или анусот. Таква покривка може да се направи и доколку се пресече обичен кондом). Доколку некој е алергичен на латекс, треба да користат кондоми направени од друг материјал. Луѓе кои не се сексуално активни исто така може да имаат СПИ бидејќи некои од причинителите може да се пренесат од мајка на бебе, како и да се пренесат преку кожен контакт. Затоа треба редовно да се обрнува внимание на кожата околу гениталиите, да се заприметува истото кај партнерите и да се јави на лекар доколку се воочи некоја невообичаена промена. 37% од анкетираните мислат дека кондомите заштитуваат од сите СПБ, но кондомите не може да превенираат пренесување на болести преку кожен контакт.

Скоро сите СПИ имаат дефинитивен третман, и постојано се потенцира важноста за рана дијагноза со цел да се спречат сериозни последици. Вирусните инфекции (некои од нив) се оние кои обично не можат да се лекуваат. Затоа се важни редовните контроли и вакцинацијата (за ХПВ). Денес постојат многу ефективни лекови за ХИВ, кои ја сведуваат оваа инфекција на хронична болест и овозможуваат болните да имаат нормален живот и да родат деца. Но за жал на превентивно поле, Владата во 2022 година потфрлила со тоа што го скратила буџетот за превенција од ХИВ за 40%. 

Во овој текст не може во целина да се опфатат сите СПИ и нивните симптоми и затоа се препорачува читателите лично да се едуцираат од веродостојни извори.

Кондоми и нивна (не)употреба

График 3
График 3

30% од анкетираните изјавиле дека не користат кондом при сексуален однос, а тие што користат најчесто го користат и за превенција од СПИ и за спречување на несакана бременост. Најголем дел од нив одговориле дека не користат кондом бидејќи се во моногамна врска и веруваат дека со партнерот/ партнерката се внимателни и немаат СПИ. Останатите причини и ситуации на некористење кондом може да се прочитаат во извадокот од резултатите прикажани во график 3:

Од погоре изнесеното, јасно е дека некој може да има СПИ без да биде свесен за тоа. Според овој факт некој што има асимтоматска СПИ сепак може да ја пренесе на партнерот и затоа е неопоходно користење заштита.

35% изјавиле дека некогаш во животот биле принудени од партнерот да не користат кондом при сексуален однос. Овој факт веројатно може да се препише од една страна на недоволно познавање СПИ, нивните симптоми, последици и начин на пренесување. Овој проблем е резултат на недоволна едукација од страна на родители, училишни установи, како и недоволна промоција за начини на превенција од СПИ од страна на надлежните во институциите за јавно здравје. Од друга страна, доколку се работи за хетеросексуални врски, ова може да се должи и на патријархатот кој им дава на мажите некаква надмоќ на жените, надмоќ која ги шири границите на нејзиното дејствување и во сексуалните односи. Мажите поради лично задоволство може ги убедуваат своите партнери на секс без заштита, што од една страна покажува негрижа за сопственото здравје и здравјето на партнерот, а од друга страна покажува и надмена позиција на мажот кој го приоритизира своето задоволство наспроти добробитието на својата партнерка или партнер.

Психолошки аспект на сексуалното здравје

Стигмата околу сексот може да придонесе кон спречување на една личност целосно да ужива во сексуалните односи. Притисокот од средината, особено во ултрарелигиозни средини, каде некој може да е срамен поради својата сексуална ориентација, секс пред брак, женската сексуалност, полиаморни врски, отворени врски итн. може да придонесе кон значителни психолошки тегоби. Најчесто жртви се жените и припадниците на ЛГБТ+ заедницата. Ова може да предизвика и ситуации каде жртвите може да бидат депресивни па дури и да извршат самоубиство или обид за самоубиство поради стрес од околината, срам, вонбрачна бременост, злоставување на социјални мрежи и сл.

Погоре се спомена дека во општеството сè уште се гледа дискриминаторски спрема женската и машката сексуалност. Мажите од секогаш уживале поголема слобода додека жените биле принудени да зачувуваат некаква „женска чистота и невиност“. Со ова се перпетуира машката „сопственост“ на жената (социјална и финансиска) која ја промовира патријархатот. Ова навлегува и во прашањето за телесна автономија – способноста на жените сами да одлучуваат за својот сексуален живот како и правото на абортус.

Додека само 3% од испитаните сметаат дека е срамно да се има СПИ, сепак во пракса сè уште постои стигмата околу овие болести. Па така, 7% одговориле дека не се чувствуваат слободно да разговараат со нивниот лекар или гинеколог доколку се сомневаат дека имаат симптоми на СПИ, а 30% изјавиле дека само делумно се чуствуваат слободно. Поради стигмата од СПИ пациентите може да се срамат или да им е страв да отидат на лекар поради потенцијалната дијагноза и да се срамат да ја споделат информацијата за СПИ со партнерот во услови кога и тој/ таа треба паралелно да прима терапија (како на пр. кај хламидија).  Сето ова може да придонесе кон ненавремена дијагноза, пренесување на болеста на други партнери и иреверзибилни последици по здравјето.

Иако најголемиот број од испитаниците изјавиле дека би се чуствувале слободно да разговараат со партнерот/партнерите за СПИ, сепак има и такви кои не се чуствуваат слободно. Резултатите од тоа прашање се следниве:

График 4
График 4

Материјалните услови и сексуално преносливите болести

Во учебникот по епидемиологија кој се користи на Медицинскиот факултет во Скопје пишува дека „инциденцата и преваленцата на СПИ варираат и се должат на разликите во економските, социјалните и културните услови како и постоечките здравствени стандарди“, а како ризик фактори за ширење на СПИ се наведени и сиромаштијата и војните.

Посиромашните слоеви на населението често не можат да си дозволат редовни прегледи на гинеколог/лекар и постојано купување контрацептивни средства. Дури 83% од анкетираните сметаат дека кондомите имаат превисока цена.

Државата не само што штеди во превенција од СПИ, туку очигледно е дека економскиот систем ги става сиромашните во далеку поранлива положба за добивање СПИ и несакана бременост. Сиромаштијата исто така прави недостапност до абортус при несакана бременост, а некои граѓани поради недостаток на средства може да бидат лишени од терапија за СПИ бидејќи истата не можат да си ја дозволат.

Посиромашните слоеви на општеството често може да се помалку едуцирани поради недостаток на финансии и да се поподложни на религиозни убедувања. Исто така, делува дека некои од пораките за сексуална либерација, сексуална едукација и феминизам и наводната борба на овие полиња се сепак концентрирани во Скопје, и насочени кон богатите кои може да си дозволат послободен начин на живот, оставајќи го останатиот дел од државата во конзервативен мрак. Некои граѓани немаат ни пристап до матичен гинеколог во нивните места на живеење, а најголем дел од жените во државата се работнички кои се целосно опресирани и експлоатирани чија феминистичка борба, која меѓу другото ќе придонесе и кон отворен пристап за разговор околу СПИ, мора да биде преку класната борба. Во иста позиција се и припадници на ЛГБТ+ заедницата кои не потекнуваат од богатите слоеви на населението.

Заклучок

СПИ е јавно здравствен проблем на кој треба да се обрне многу внимание. Мора да се работи на едукација и превенција. Државата не смее да штеди на здравјето на своите граѓани. На крајот од денот, единственото решение за целосно решавање на овој проблем е менување на економскиот систем и вредностите кои доаѓаат со него. Здравствените работници мора да практикуваат отворен пристап кон овие прашања со своите пациенти и тие самите да не запаѓаат во дискриминаторски размислувања кои се косат со медицината базирана на докази. За крај, во прилог ќе бидат поставени резултатите од прашањата за редовни контроли и тестирања, кои јасно покажуваат дека многу се потфрла на тоа поле и дека неопходно е да се работи на позитивна промена.

График 5
График 5
График 6
График 6
График7
График7

Симона Наумоска

RELATED ARTICLES