домаВестиРеволуцијата во Рожава: Воведување правда во мозаикот на Североисточна Сирија

Револуцијата во Рожава: Воведување правда во мозаикот на Североисточна Сирија

Револуцијата во Рожава започна на 19 јули 2012 година. Како започна сето тоа? Кои фази беа преземени на патот до десетгодишницата? А каква опасност претставува Турција за револуцијата? Академијата за демократска модерност разговараше за овие и други прашања со Бериван Калед, копретседавач на Автономната администрација на Северна и Источна Сирија.

Револуцијата во Рожава сега има десет години. Но, оваа револуција има и праисторија. Можете ли да ни кажете кои историски фактори ја овозможија оваа револуција?

Така е, се ближиме до 10-годишнината од револуцијата. Оваа револуција започна во Рожава на 19 јули 2012 година. Се разбира, тоа не се случи само по себе. Имаше основа, имаше подготвителна работа. Со децении народите на североисточна Сирија беа угнетувани. Тие беа подложени на авторитарен режим, на режимот на Баас [владејачката партија во Сирија]. Курдското население на Рожава, но не само тие, многупати беа изложени на репресија, прогон и масакри. Ова отиде дотаму што дури и курдската култура беше забранета и прогонувана. Режимот брутално ги прогонуваше, затвораше и мачеше луѓето од овој регион по затворите.

Но, курдското население никогаш не стоеше со скрстени раце. Тоа се организираше, возвраќаше и во многу случаи дури и го вежбаше востанието. Важен пример за ова е секако востанието во 2004 година што започна во Камишло. Режимот и на ова востание одговори со крајна бруталност. Неговиот одговор беше крваво насилство, безброј луѓе беа убиени и уапсени. Многу луѓе „исчезнаа“ во режимските затвори. Од 2004 година, судбината на многу луѓе кои тогаш беа уапсени е нејасна. Сепак, ниту оваа бруталност на режимот не можеше да ја скрши волјата на народот на Рожава. Луѓето продолжија да се организираат, положувајќи ја основата за револуцијата во 2012 година.

Потоа, кога се случи Арапската пролет во Северна Африка и на Блискиот Исток, жителите на Рожава го видоа ова како историска можност за себе и, дел по дел, ги протераа силите на режимот од нивниот роден регион. Тие со тоа го ослободија Рожава и ги истиснаа државните институции. Заедно со ова, тие полека, но стабилно изградија свои општествени структури. Во овие структури своето место го зазедоа сите народи на Рожава, Курдите, Арапите, сириските христијани и сите други заедници. На 21 јануари 2014 година, тие конечно ја прогласија својата Автономна администрација. Заеднички потпишаа општествен договор и јавно објавија за својата самоуправа. Самоуправата најпрво беше прогласена во кантонот Цизире. На 27 јануари следеше прокламацијата во кантонот Кобане, а по два дена во кантонот Африн. Сите тие заедно прогласија автономна самоуправа врз основа на концептот на Демократска нација и братство на народите, го потпишаа општествениот договор и потоа продолжија да ги градат своите структури.

По ослободувањето на трите кантони, борбата против Исламската Држава (ИД) ја утврдуваше агендата. Чекор по чекор, и други области беа ослободени од ИД. Можете ли да ни кажете како се случи ова?

Со прогласувањето на автономна самоуправа во трите кантони [Цизире, Кобане и Африн], младите жени и мажи ги формираа и своите вооружени структури за самоодбрана. Целта на овие структури беше, од една страна, да ги заштитат кантоните од непријателски напади и, од друга страна, да ги ослободат другите области од власта на режимот и другите чинители. Во оваа фаза, таканаречената Исламска држава исто така започна да го напаѓа Рожава. Почнувајќи од 2014 и 2015 година, ИД му објави војна на кантонот Кобане. Во 2015 година, младите од североисточна Сирија под капата на Женските единици за одбрана (YPJ) и Народните единици за одбрана (YPG) успеаја да ја поразат ИД во Кобане.

А по оваа победа единиците за самоодбрана ја презедоа одговорноста да ги ослободат другите области кои беа под јаремот на ИД. Прво го ослободија Минбик и таму воспоставија цивилна самоуправна структура. Потоа го ослободија регионот Табка, Рака и на крајот регионот Деир ез Зор. По ослободувањето, и на овие простори беа формирани автономни самоуправи со локалното население. На овој начин, на крајот беа воспоставени самоуправи во вкупно седум региони, кои заедно ја сочинуваат Автономната самоуправа на Северна и Источна Сирија. Оваа заедничка самоуправа официјално беше прогласена на 6 септември 2018 година.

По ослободувањето на областите од ИД, Турција воено се вмеша во Северна Сирија. Како дојде до ова? И каква беше реакцијата на меѓународните сили, од кои некои беа на страната на курдските сили во борбата против ИД?

По ослободувањето на Кобане од страна на единиците на YPJ и YPG, беа основани Сириските демократски сили (QSD). Широк спектар на етнички групи се организираа воено под капата на QSD. Своето место во редовите на QSD го зазедоа и YPJ и YPG. А ослободувањето на претходно споменатите области, односно Минбик, Табка, Рака и Деир ез Зор се случи токму преку ова сојузување во QSD, што сакаше да стави крај на бруталноста на ИД.

Но, по воениот успех против ИД, одеднаш се соочивме со агресијата на турската држава. Турција не можеше да го поднесе фактот дека јужно од нејзината државна граница беше создаден демократски политички систем, заснован на Демократската нација и братството на народите. Ова не беше во духот на режимот на АКП [владејачката партија во Турција]. Поради оваа причина, уште од почетокот на револуцијата Турција ја напаѓа Рожава со различни средства. Во 2018 година, за жал, се случи самата Турција воено да го нападне Африн и да го окупира регионот. Меѓународната заедница ѝ дозволи на Турција да го постигне она што го планираше и ги затвори очите пред ѕверствата и злосторствата на турската држава во Африн. Турција, но и нејзините меѓународни партнери, сакаа да го искоренат тамошниот модел на самоуправа. И покрај воената супериорност на Турција и непрестајните воздушни напади, младите од Африн даваа невиден отпор цели 58 дена. Меѓутоа, делумно поради тоа што меѓународните чинители ѝ дозволија на Турција да го направи тоа, на крајот Африн беше окупиран.

По окупацијата на Африн, турската држава не ги прекина нападите врз жителите на Рожава. Така, во 2019 година Турција започна уште една воена офанзива во областите Гире Спи и Серекание. И овие области се под окупација на Турција и нејзините исламистички партнери до ден денес. Секојдневно има дополнителни прекршувања на човековите права, киднапирања и протерувања во овие окупирани области. Но, меѓународната јавност сè уште замижува пред ова. А заканите и нападите на турската држава против системот на самоуправа на северна и источна Сирија не запреа. Нападите продолжуваат и денес.

Зошто меѓународните чинители ги толерираа нападите на Турција? Која е нивната намера? И како луѓето од североисточна Сирија се справуваат со ова?

Мора да разберете дека автономната самоуправа на Северна и Источна Сирија е предмет на широк спектар од напади. Додека од една страна ИД беше во директна војна со силите на самоуправата во Кобане, Турција се обидуваше со различни средства да ги поддржи противниците на нашиот систем. Па моравме да се спротивставиме на ИД и Турција во исто време. И покрај тоа што Турција е најагресивна против самоуправата, другите регионални сили, како и меѓународните чинители имаат интерес да ја видат пропаста на системот што го изградивме овде, дел по дел, за време на револуцијата. Но, сите овие обиди, сите војни и напади не можеа да ја доведат самоуправата на колена.

Причината е што луѓето од Североисточна Сирија стојат зад овој модел на општество. Луѓето ги бранат своите успеси на револуцијата. Преку 12.000 луѓе сега ги загубија своите животи во борбата за одбрана на овие успеси. Преку 24.000 луѓе се повредени во воени судири од 2012 година наваму. Благодарение на нив ние можеме да стоиме овде денес и покрај сите напади. Кохезијата на луѓето во Североисточна Сирија е силна и станува уште посилна. Сите етнички и верски заедници се убедени во овој модел и затоа се подготвени да го бранат од нападите.

Веќе ги спомнавте исламистичките групи кои се бореа против револуцијата. Која е намерата на овие групи? Зошто сакаат да се борат против системот на самоуправа?

Различните исламистички групи, било да се тоа ИД, Фронтот Ал Нусра или која било друга, сите тие ја следат целта да ја разбијат Автономната администрација на Североисточна Сирија. Но, сите нивни обиди досега не успеаја. Тоа е затоа што овде населението се организираше по линијата на Демократската нација и има силна политичка свест. Исламистичките сили, од друга страна, пред сè ИД, донесоа многу суровост во овој регион. Луѓето кои живеат овде доживеале многу страдања. Тие практично ставија црн превез врз областите што беа под нивна контрола. Но, денес, благодарение на борбата и жртвите на QSD, и на овие простори има демократски и рамноправен систем.

Борбата за Кобане [во 2014-2015 година] секако беше пресвртница во револуцијата. Што се смени кај вас по ослободувањето на Кобане?

Ослободувањето на Кобане секако беше пресвртница. Првпат ИД беше воено поразена. Тоа им даде голема надеж на многу луѓе кои живееја во областите под власт на ИД. Овие луѓе можеби претходно не се согласуваа со тиранијата на ИД, но не се осмелуваа да се побунат против неа. Меѓутоа, по победата во Кобане, многумина од нив се собраа под капата на QSD и ги ослободија своите родни области. Ова, исто така, ги постави темелите за солидарноста и заедничката борба на луѓето од Североисточна Сирија. Оваа кохезија започна во Кобане.

Во меѓувреме, револуцијата се прошири од Рожава на големи области во Североисточна Сирија. На овие простори живее широк спектар на етнички и верски заедници. Како функционира соживотот денес?

Оваа револуција несомнено не е чисто курдска револуција. Се разбира, Курдите одиграа пионерска улога во револуцијата, а курдските жени беа во авангардата. Но, денес сите луѓе и сите верски заедници од овој регион продолжуваат да го шират системот на автономна самоуправа и да го бранат од непријателските напади. Добро е познато дека цела Сирија, но особено Северна Сирија е мозаик од етнички и верски заедници. Она што сега сакаме да го оствариме овде е модел на општество во кое овој мозаик ќе може да си оствари правда за себе на најдобар можен начин. Треба да се изгради рамноправен и мирен живот, во кој луѓето во својата различност истовремено претставуваат и заедничка сила. Опшествениот договор на Североисточна Сирија врз оваа основа беше создаден и потпишан од претставниците на сите групи. И денес сите овие заедници живеат заедно мирно и демократски врз основа на Демократската нација и братството на народите.

Извор: Академијата за демократска модерност

Превод: Здравко Савески

RELATED ARTICLES