На 7 октомври 2024 со почеток од 18 часот, ќе се одржи протестен собир пред Влада, во организација на Социјален центар Дуња, УКИМци за Палестина и Fridays For Future.
Пред една година започна најновиот бран насилство на израелската воена машина против Палестина. Пред нашите очи се врши злосторот на геноцид. Во меѓувреме, наместо да прекине со геноцидот во Газа, израелската воена машина го прошири насилството врз Либан. Ако не биде запрена, таа може да разгори регионална војна со уште поголемо страдање од досегашното. Тешка срамота е потомци на луѓе што го доживеале Холокаустот да покажуваат толкава незауздана бестијалност и безобѕирност кон животите на немоќните и различните од себе.
Мора да ја запреме израелската воена машина! Ние, обичните луѓе со совест и емпатија ширум светот, предадени од властите што им слугуваат на центрите на моќ.
Затоа, ве повикуваме на протест против леснотијата со која се врши насилство врз други човечки суштества, само затоа што зборуваат различен јазик и не припаѓаат на привилегирана етничка група.
– Бараме од македонската власт да прекине со вазалското послушништво кон империјалниот господар и да се вклучи во меѓународните напори да се стави крај на насилството.
– Бараме да се приклучи кон мнозинството држави во светот што ја признаваат палестинската држава.
– Бараме да прекине со практиката во Генералното собрание на ОН да гласа „воздржано“ или „против“, поткопувајќи ги напорите да се спречи геноцидот и да се постигне мир.
– Бараме да се приклучи кон повиците да се воведе ембарго за дотур на оружје за израелската воена машина.
– Бараме Македонија да се приклучи кон државите и меѓународните организации што ја поддржуваат јужноафриканската пријава на Државата Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.
Линк од настанот тука.