На 28 јануари, сабота, со почеток од 18 часот во Кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје ќе се одржи настан што е организиран по повод нападот на прогресивниот локал „Црни Ован“ во Нови Сад од страна на тројца лица кои носеле фашистички обележја. Настанот ќе вклучува трибина на која ќе се зборува за инцидентот во Нови Сад, но и за тоа што треба ние самите да направиме во нашата земја за вакви настани, мотивирани од фашистичка и националистичка омраза, да не ни се случуваат и нам. По трибината ќе следи музичка програма.
Инцидентот во Нови Сад се случил на 15 јануари, при што три маскирани млади лица, вооружени со боксирачи, палки и нож, упаднале во локалот „Црни Ован“. При нападот физички се повредени сопственикот на локалот Бојан Шовљански и уште еден гостин, додека останатите гости биле истрауматизирани, вклучувајќи и една гостинка во шести месец на бременост. Локалот е познат по организирањето антифашистичките трибини, активистичките семинари и хуманитарните акции. Напаѓачите имале на себе кукасти крстови и други фашистички обележја, а конфронтацијата ја започнале со прашањето: „Каде ви се српските знамиња?“
Солидарноста е важна! Уште поважна од скромните парични средства што ќе се собираат како помош за обнова на локалот во Нови Сад е пораката што ќе ја испратиме до нашите новосадски другари дека ние сме со нив, дека ја разбираме траумата на која беа изложени и дека ги поддржуваме да истраат во отпорот против фашистичкото и националистичкото зло.