домаКултурни дописиАнархокомунистичката Организација на Македонија (АКОМ)  - едно ново лице на младината во...

Анархокомунистичката Организација на Македонија (АКОМ)  – едно ново лице на младината во Македонија

АКОМ
АКОМ

Анархокомунистичката Организација на Македонија или АКОМ, е анархистичка организација со хоризонтални карактеристики која се залага и се бори за подобро утре, преку антикапиталистички мотив. Основана во 2021, од страна на членовите Вефикс и Натрикс, порасната е во 30 активни членови, заедно со уште 20 глобални членови.

Организацијата активно помага во колективот на С.Ц. „Дуња“, односно во организирање на настаните. Исто така, се водат дискусии помеѓу нашите членови со познаници и непознаници, така што ја зголемуваме свеста на овие теми, пишуваме и обработуваме дела од левичарска теорија, организираме хуманитарни акции од типот на донации на храна и облека за сиромашни лица и слично.

Ние, како организација, првично не бевме дел од колективот на „Дуња“, туку во текот на неколку месеци активно се инволвиравме во добронамерни волонтерски акции во колективот, а потоа по неколку дискусии и состаноци официјално се приклучивме во „Дуња“.

За неколку недели отсега ќе се одржи првиот официјален настан од организацијата, каде што ќе има свирка од неколку панк бендови, веганска кујна, изложба на уметнички дела на тема „Антикапитализам“, студентско читање за моменталната состојба на студентите во Македонија, меѓу кои и други активности.

Кои се нашите цели?

Нашата главна цел како организација е да шириме класна свест. Знаеме дека живееме во доцен стадиум на капитализмот. Тоа значи дека народот во целина е изморен и бара начини и решенија со цел да се подобри нивната ситуација. Сакаме да докажеме дека колку и да е црна сликата за општеството, повторно постои надеж за понатамошен бунт против капиталистичкиот систем. Во секоја индивидуа постои тој дух на надеж, кој за жал е згаснат во повеќето поради циницизмот, односно поради верувањето дека колку и да се потрудиме, не може да го паднеме капитализмот. Не тврдиме дека ќе биде подобро, но тврдиме дека може да биде подобро ако се вклучиме во бунтот. Настани, протести, уметнички дела се само дел од начините кои ги користиме за да работиме.

Зошто Анархизам?

Според нашите гледишта и мислења, веруваме дека анархизмот (поспецифично анархо-комунизот)  е единствениот систем кој ја дава слободата која личноста ја бара. Во едно анархистичко уредување, хиерархиите, државата, класите и валутата (парите) се сите укинати. Општеството е децентрализирано во комуни кои соработуваат меѓу себе константно. Индивидуата добива колку што ќе вложи, не постои среден човек кој го злоупотребува работникот и му ја одзема неговата вредност.

Како би стигнале до такво општество?

Предалеку е воопшто да се дискутира таква можност, но единствениот начин би бил, како што наведов погоре, е класната свест. Ако народот е образуван, тогаш и патот кон тоа „подобро утре“ ќе биде чист. Населението треба да знае дека постои систем кој активно ги експлоатира, мачи и искористува за моќ и пари, да знае дека правата на сите малцинства константно се прекршувани и дискриминирани, и да знае дека нашата планета е на работ на комплетен екосистемски и климатски колапс. Овие проблеми се поврзани, предизвикани од капитализмот и застарени хегемониски системи.

Нашите идеали / точки на работа се:

Со внимателно размислување и работење на овие теми, нашата организација се насочува кон 13 точки на работа, или едноставно идеали. Тие не се малку, но веруваме дека е неопходно да се почне со храбра програма за нашата организација.

  1. Анархокомунизам (антикапитализам)

Како што беше споменато претходно, и со фактот што самата организација го содржи овој идеал во името, прилично јасно е што сакаме да кажеме со ова. Промовирање на анархокомунистичко општество и критики кон моменталниот капиталистички систем.

  1. Феминизам

Феминизмот претставува борба за правата на жените и уништување на патријархатот кој ги нарушува овие права. Наша цел е да го промовираме феминизмот и да ги тргнеме постоечките запоставувачки традиции кои го држат општеството во минатото.

  1. Веганизам (антиспецизам)

Со веганизмот сакаме да посочиме и разјасниме дека и животните се живи суштества способни на емоции, размислување и слободен живот. Капитализмот ги убива и злоупотребува овие битија против нивна волја. Веганизмот како филозофија е многу важна точка на работа, и веруваме дека за подобро општество не смее да се игнорира.

  1. Антиреакционеризам

Овој идеал претставува спротивставување на реакционерните елементи и идеологии во општеството. (фашизмот, нацизмот, национализмот и традиционализмот)

  1.  Прорехабилитација

Низ целиот свет, луѓето кои ќе направат криминал, наместо да се едуцирани, рехабилитирани и насочени на подобар пат, тие се казнувани и психички уништени. Колку и да направи една индивидуа лошо, начинот преку тепање и казна не е правилен за да се направи некаква промена кај нив. Наместо тоа, подобра опција е рехабилитација. Неколку држави низ светот како што е Норвешка го користат овој систем, и има позитивни последици врз општеството.

  1. Родова аболиција – Родово ослободување

Под родова аболиција се подразбира уништување на родовите конструкти кои го диктираат начинот на кој ние се однесуваме во општеството, а родово ослободување значи комплетна слобода на индивидуата во нивната желба за род и сексуалност. Се залагаме за правата на ЛГБТ+ и активно шириме едукација на тие кои ја немаат.

  1. Универзална љубов – Емпатија

Алиенацијата е сериозен проблем во денешното капиталистичко општество. Луѓето губат контакт меѓусебе, стануваат осамени, без фамилија, другари, романтични партнери и друго. Емпатијата и љубовта (солидарноста) не само што се спротивставуваат на тоа, туку и даваат причина луѓето ( и животните) да се сакаат меѓусебе. Едно здраво општество има потреба од универзална љубов.

  1. Еколошки активизам

Капитализмот ја уништува планетата на секој можен начин. Го гледаме уништувањето на нашиот свет пред наши очи. Единствен начин да се спречи тоа е да се види кој е позади ова громорозно дело на себичност и да се стави крај. Заштита на нашето единствено живеалиште е потребно и неопходно.

  1. Антирасизам

Расизмот сè уште постои во голема мера во светот, а особено во Македонија. Рома малцинството е омаловажувано и дискриминирано, и затоа има голема потреба да се поддржи антирасизмот.

  1. Антинационализам

Национализмот претставува инструмент за контрола кој државата го користи. Луѓето се убиваат меѓусебе и го трошат нивниот живот на непотребен конструкт. Културата треба да биде негувана, но национализмот треба да биде искоренет. Границите се лузни на нашата планета кои нè делат.

  1. Антиколонијализам

Во светот сè уште постои колонијализмот, но овој пат со помош на корпорациите. Тие купуваат ефтини работници од третиот свет па така ги искористуваат сиромашните држави како: Африка, Јужна Америка и Азија. Оваа цел претставува препознавање и спротивставување на овие дела.

  1. Антиегоизам

Стигнување до вакво општество не е возможно без помошта од егоизмот. Тоа општество те поттикнува да работиш против твоите сограѓани, додека солидарноста е метафорично фрлена од прозор. Солидарноста е лекот за оваа болест.

  1. Антирелигиски политики

Како организација, го поддржуваме правото на самоопределување во поглед на религијата и верувањето во мистиката. Но, религиските институции мора да бидат строго регулирани, бидејќи верувањата во одредена религија не смеат да имаат ефект врз донесувањето одлуки во колективот.

Покрај сè ова, нашата организација има потреба од повеќе членови. За да се добие некаква промена во општеството, мора доволно луѓе да се залагаат и учествуваат во процесот на донесување на таа промена. Се надеваме како организација и како човечки битија дека нашите дела ќе придонесат за некакво будење на народот.

Членови можат слободно да пристапат во организацијата преку нашиот Инстаграм профил @ancom_macedonia, а моментално се работи и на поставување веб страна за организацијата, како и Фејсбук страна. Во самиот процес има различни форми на чланарина, земајќи предвид колку волонтерот ги разбира и како ги толкува целите на организацијата.

Натрикс

Лектура: Е. М.

RELATED ARTICLES