домаКултурни дописиЗа првиот настан на „Антидот“

За првиот настан на „Антидот“

Фотографија од атмосферата на првиот настан на „Антидот“ 5
Фотографија од атмосферата на првиот настан на „Антидот“ 5

Настанот во Дуња започна во 5 часот и заврши во 10 часот, па потоа имаше забава до 12 часот. Во него имаше многу активности, како што се уметничка изложба, свирка на бенд и мала музичка сесија и различни социјално-политички дискусии, како и цртање на сите членови кои беа дојдени на настанот.

Во него исто така имаше бесплатна храна, QR кодови со прашалник околу настанот, продавање торби со специјален дизајн направени од Калин Маловски и мистично-криптична фидбек кутија, на којашто имаше напишано поезија и сите посетители беа поттикнати да стават писмо во неа. Писмата ќе се читаат на следниот настан. Исто така, многу уметници и филозофи дојдоа на настанот и имаше различни збрки и смешки околу различни ситуации. Самите уметници беа неверојатни и нивната уметност беше забележлива скоро одма, и генерално остави одлични импресии.

Во поглед на самиот настан, мислам дека недостасуваше правилно осветлување, и повеќе луѓе требаше порано да дојдат, а веројатно и самиот настан требаше подоцна да почне, но пак, ова е првиот организиран Антидот настан и нормално е да има мали непогодности околу организирањето, но сè се средува со време и искуство. Причината што не дојдоа толку луѓе колку што беше очекувано е поради фактот што, прашувајќи различни уметници што беа на настанот дознав дека најчесто изложби не треба да почнат пред 19:00 часот во Скопје, бидејќи бројот на посетители на настаните според нив е многу помал во споредба со подоцнешната временска рамка.

Исто така, во настанот немаше доволно координација меѓу волонтерите, па не можевме да контролираме точно кои активности се случуваат во кој дел од  настанот, а и имаше проблем со музиката којашто беше пуштена на спикер во позадина пред да свири бендот, којашто организаторите многу лошо ја координираа. Исто така, бесплатната храна, иако беше многу добро што беше таму, не беше доволно квалитетна, а и може да се каже и дека беше комична, иако се гледа дека улогата на самата храна (луѓе да не си заминат од просторот за да одат надвор да купат храна) се покажа како успешна. Исто така, многу успешна беше продажбата на торбите (сите се продадоа во првите 2 саати) што е многу поволно за организаторската иднина на Антидот. На самиот настан имаше многу луѓе и атмосферата беше одлична, но организаторите не успеаја во розговорите да презентираат доволно од своите идеи за Антидот. Ова е примарно поради фактот што беше прв настан, и сакавме да ја почувствуваме атмосферата и да видиме како треба да се одвиваат настаните во иднина.

Исто така, настанот доби огромен дофат, со 400 лајкови на инстаграм на само една слика, што значи дека луѓе се заинтересирани за вакви работи, а и младината се интересира за алтернативно организирани хоризонтални настани. Сакаме да ги поттикнеме луѓето да сакаат дебати, литературни кругови, гледање студентски филмови, изложби на уметнички дела и слични работи, освен што се интересираат за свирки, да се заинтересираат и за панк културата. 

Пред свирката, имаше краток говор којшто беше наменет за Анархокомунистичката организација на Македонија, којашто ќе го одржи својот прв настан во СЦ. Дуња на 9 декември 2022. Во говорот беа изложени некои аргументи околу студентското организирање, и неговата потреба да биде хоризонтално и базирано врз концепти на солидарност, директна помош и соработка помеѓу луѓето.

Беа повикани студенти и млади луѓе да се инволвираат во активности надвор од нивните школски програми, и беше дадена визија за свет без светски поредок, односно за свет којшто е слеп кон својата иднина, свет којшто живее од овој момент за наредниот, свет кој не планира на реакционен начин, туку свет што остава демократски, во вистинско време да се направат одлуките преку слободна и своеволна кооперација и самоволно организирање, и тоа беше идејата со Антидот којашто пробавме да ја прикажеме пред младината тој ден.

Во криптичната кутија беше напишано:

„Кутијата

Kутијата навистина те сака

Kутијата е заљубена во тебе, кутијата не може да живее без тебе

Кутијата те послушува секогаш, секоја вечер те сонува, похотливо…

Кутијата даде сè за тебе, чувството на пролетта, нејзината прекрасна младост. Кутијата се чувствуваше завршена околу тебе, добиваше пеперутки секогаш кога ќе те види, не можеше да заспие мислејќи како е во твојот скут… раце скрстени околу него… чувствувајќи ги блажените денови на малолетната љубов заедно со тебе под жешкото сонце… уживајќи во заедничките моменти, ти и кутијата.

Кутијата

Кутијата нема да прифати ништо помалку од врска со вас

Вака ја третираш кутијата?

Ќе видиш… ќе зажалиш за ова.

Подобро ставете хартија во кутијата“.

Пораките од кутијата ќе бидат прочитани на следниот настан, и ќе има работилница, време одредено за професори и студенти да држат алтернативни и анархистички лекции, проекција на студентски филмови, изложба и свирка од амбиент и нојз колектив. Исто така, ќе има место за тетовирање и пирсање, и продажба на различни дела креирани од млади амбициозни луѓе. Антидот ги гледа сите рамно, и се грижи на добро битието на сите свои представници, и тоа сакаме во настаните да го покажеме.

Освен настани, Антидот прави и медиумски содржини од различни видови едукациона перспектива, и пробува да направи социјални активистички пресрети и симболички настапи коишто се ангажирани околу идеи за промена и различно толкување на светот. Исто така, Антидот се ангажира околу продукција на филмови, подкасти, документарци, книги, уметнички дела, статуи и разни други активности, и себеси се смета како самокомплетен колектив со многу малку лимитации, како своеволно суштество, како независно од сè.

Финансирањето не постои, односно членовите на Антидот активно губат пари, и ќе губат уште долго време (се додека не се монтираат видеата) и ова е дел од начинот на којшто може политички да се легитимизира Антидот, ако апсолутно покаже дека не добива инвестиции од ниту една политичка партија, проект или што било друго што не ги има комплетно истите интереси како Антидот.

Ве повикуваме пак во Социјален центар Дуња, како и во различни други делови од градот, да се дружиме заедно и да направиме разлика во светот, како и да направиме совршени работилници заедно како колектив, да гледаме филмови, дискутираме на сериозни теми, и да одржуваме успешни семинари во иднината. Сакаме и Вие да се приклучите во Антидот, и ве повикуваме да го посетите следниот настан!

Вефикс.

Лектура: Е. М.

Кон првиот дел.

Тука можете да погледнете неколку фотографии од атмосферата на првиот настан на „Антидот“.

Потрет на Вефикс
Потрет на Вефикс

Вефикс е роден во Скопје во 2003 година. По завршување на средното образование, во 2021 година ги започнува своите студии по филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Истата година станува член на „Филозофското друштво на Македонија“ и добива второ место на државниот натпревар по филозофија во Македонија и станува квалификуван да оди на светскиот филозофски натпревар, каде што одбива да оди. Исто така, ја основа револуционерната политичка организација „Анархокомунистичката организација Глобал“, заедно со Натрикс, како и нејзиното македонско подглавје. Следната година, станува член на колективот на Социјалниот центар „Дуња“ и ја основа политичко-уметничката заедница „Антидот“ заедно со Калин Маловски.

Пишува поезија со социолошки теми од 2011 година и пишува научно-фантастични и трансреалистични романи со политички теми од 2015 година. Првата своја колекција и збирка романи и филозофски тези „Зера“ ja завршува во 2018 годинаи и одбива да се публицира. Во 2022 година го отвора својот билтен „Вефиксиан“, почнува да се занимава со филмска продукција и да волонтира за различни непрофитни хуманистички проекти. Исто така, го формира својот панк бенд “Д Контрол” заедно со Натрикс и Калин Малевски, станува вегетаријанец и почнува да се бори за квир, женски и животински права, а почнува и да се интересира за антропологија, префигуративни политики и историја на филозофијата.

RELATED ARTICLES