Неколку децении наназад јавните простори во Кавадарци беа во фаза на континуирана деградација и нихилација. Недостатокот на отварање на нови јавни површини, неинвестирањето и непостоењето на инфраструктурно одржување во постојните, недостатокот на промоција и афирмација на јавниот живот во истите кулминира со скромни и руинирани јавни простори. Но, во последните години во градот се реафирмира концептот на јавниот простор и од страна на граѓаните, но и од страна на локалната власт, па како последица на тоа јавните простори се прошируваат и масовно се обновуваат.
Во последниве неколку години, напротив забележливо е зголемување на буџетот за одржување на јавните простори, како и зголемување на нивото на транспарентност за расходите за одржување на истите. Ова резултира со подигнување на нови јавни површини во градот (детски интерактивни паркови, спортски игралишта за фудбал, баскет и тн, мали зелени површини за рекреација и др.), подобрување на инфраструктурата на постоечките јавни површини (инсталирање на системи за наводнување, зголемување на зелените капацитети, хортикултурно уредување, поставување на осветлување од обновливи извори на енергија и тн.). Дополнително градската инфраструктура е забележливо подобрена, а пристапот до јавните простори на градот олеснет. Паралелно со овие активности околу јавните простори, локалната самоуправа започна активности кои ги хуманизираа сообраќајните текови на градот – беа пробиени нови сообраќајници, беа уредени нови пешачки зони, беа преземени активности за смирување на сообраќајот и тн.
Во понатамошниот текст се наведени неколку позначајни проекти кои ги зафаќаат јавните простори:
Во 2020 година во Кавадарци беше реализиран крупен проект – рекреативна патека „Моклиште“ – вреден 34 милиони денари во заедничка инвестиција на Општина Кавадарци и Бирото за развој на Вардарскиот плански регион. Оваа велосипедско-пешачка патека Ваташа-Моклишка воденица, долга 4 километри претставува еден од најголемите инвестиции во јавниот простор уште од основањето на општината. Оваа патека, заедно со кејот на реката „Луда Мара“ (доизграден и уреден неодамна) на граѓаните во градот им овозможуваат околу 6,5 километри непречена велосипедско – пешачка патека во која може да ги исполнуваат своите рекреативни потреби.
Изградбата на нов градски пазар од полузатворен вид со значителен паркинг капацитет (инвестиција од 105 милиони денари), во голема мера влијае кон ослободување на јавните површини во централното подрачје кои претходно беа узурпирани како диви паркинзи за автомобили. Новиот пазар во значителен степен го олеснува пристапот до самиот пазар и за продавачите и за купувачите и на сите им нуди значително подобри услови за одвивањето на секојдневните обврски во пазарното подрачје.
Градскиот парк „Љупчо Шкартов“ е местото каде што кулминира конфликтот помеѓу јавното и приватното во општина Кавадарци, односно каде што дел од површината на паркот со текот на годините беше приватизирана. Промената на ГУП (Генералниот урбанистички план) со која е направена пренамена на парцели, кои граничат со градскиот парк и парцели од паркот, во градежно земјиште се случи во 2003. Дополнително беше објавено дека овие парцели се влезени во ДУП (Детален урбанистички план) при седница на општинскиот совет во 2007 година, додека во 2013 е започната постапка за урбанизирање на овој дел од градот, а во 2018 веќе почна изградбата на приватни објекти (згради за домување). Овие промени наидоа на бурна реакција кај граѓаните. Митко Јанчев, во тој момент новоизбран градоначалник – кого го затекна проблемот, се обврза дека ќе го штити интегритетот на зеленилото во паркот и дека како компензација за направената штета ќе го прошири рекреативниот дел од паркот. Од 2018 до сега, градоначалникот го одржува своето ветување.
Во меѓувреме крупна промена во рамките на градскиот парк е изградбата на современ затворен базен, на местото на поранешниот локал „Ла луна“. Оваа инвестиција е јавно приватно партнерство, објаснувајќи ја претходниот претседател на советот Ристо Сакалиев кажа: „Општината ќе склучи договор за јавно приватно партнерство со инвеститор кој ќе ја изврши реконструкцијата, а потоа на локалната самоуправа 25 години ќе и плаќа по илјада евра месечна закупнина, по што ќе го отстапи објектот на Општината.“
Општо земено како последица на позитивните политики на локалната самоуправа насочени во насока на подобрување на квалитетот на јавниот простор градскиот парк е во функционалност, неговата посетеност е зголемена и во целост ги задоволува рекреативните потреби на граѓаните.
Политики кои се компементарни со зајакнување на капацитетите на јавните простори.
Во 2022 година Општина Кавадарци започна со имплементација на проект со кој долгорочно се решава проблемот за наводнување на јавните површини. Се работи за проект во кој се изведоа локални бушотини од по 50 метри од кои преку пумпи се извлекува подземна вода за наводнување на околните зеленила, а преку него се придонесува за долгорочно штедење и рационално користење на водата за пиење. Во овој проект беа опфатени клучни јавни површини: фудбалските игралишта Тиквеш и Јасмин, фудбалските игралишта во Глишиќ, Марена, Сопот и Ваташа, споменикот на 12 Ваташки деца, Парк Полана, Паркот на Револуцијата, неколку локации во новиот центар на градот и во населбата Бел Камен.
„Мој општинар“ како административна поддршка за оддржувањето на јавните простори
Проектот „Мој општинар“ (започнат во 2017 година) има цел да ги открива проблемите на граѓаните од терен и потоа да ги решава во рамките на овластувањето на надлежностите на општината во согласност со законите за определени теми и статутот на општината. Градот Кавадарци е поделен на 10 реони. Секој реон има свој општинар кој од терен прима забелешки лично од граѓаните за проблемите што може да се решаваат, а се во надлежност на локалната самоуправа. Во рамките на овие реони секој општинар под свое овластување ги има јавните простори кои припаѓаат на неговиот реон. Овој систем во голема мера ги забрзува реакциите на општинските институции и генерира брзи решенија (санирање на штети, уредување, инвестирање и тн.) кои значително ја подобруваат состојбата на јавните површини во градот.
Фоторепортажата ја изработи Стефан Видиков.