Оваа сабота, на 12 Ноември, Социјалниот центар „Дуња“ ќе го прослави својот шести роденден. Роденденот ќе се одржува во просториите на Социјалниот центар и ќе биде целодневен настан почнувајќи од 13:30 до 22:00 часот.
Низ овие шест години, Дуња ги отворила вратите за најразлични иницијативи, формални и неформални групи, хуманитарни акции, била престој на бездомници, се организирале културни настани, проекции, трибини, дискусии, изложби, поетски читања, музички настапи, квир бунт, размени на облека и книги и уште многу други настани. „Дуња“ исто така била појдовно место за обединување на истомисленици кои се борат против капитализмот кои активно учествувале во протести за загадениот воздух, евтина тарифа на струјата, работнички протести и уште многу други кои се дел од борбата на работничката класа за подобро општество.
„Дуња“ е во суштина колектив од луѓе кои своето слободно време одлучиле да го посветат на одржување на центарот. Во прилог е описот на социјалниот центар од страна на колкективот, а воедно и поканата за роденден: „С.Ц. „Дуња“ започна со нејзиното функционирање со паролата „подобро општество е возможно“. Веќе шеста година со ред членовите на колективот заедно со луѓето кои ги споделуваат истите вредности, чекорат кон создавање на заедница која се темели на другарство, рамноправност, еднаквост, толеранција и заедничарање.
Така во овие шест години во С.Ц. „Дуња“ се случиле разно-разни активности, од кои произлегле и доста иницијативи, кои за цел имаат системски промени.
Освен тоа што С.Ц. „Дуња“ претставува автономен простор за културни активности, исто така е збирно место и за многу политички дискусии, кои честопати завршувале со излегување на улиците и протестирање за подобро утре.
С.Ц „Дуња“ продoлжува да се бори против капиталистичкиот систем и неолибералните политики, останувајќи оаза на слободата, ревносно и цврсто стоејќи, сардисана од сите страни со згради.
Дојдете во С.Ц Дуња, заедно да се бориме за промената која ја сакаме.“
Роденденот ќе започне во 13:30 часот со мултимедијален перформанс: „Нов ГУП, нова можност за Скопје?“, организиран од Културно ехо Скопје.
Втор настан на агендата е Квиз: „Колку знаеш за пластичното загадување?“ Квизот ќе се одржува од 15:00 часот.
После него, од 16:00 часот, следи размена на книги во организација на „Второ азно“.
Од 17:00 часот, уметницата Ана Попоска (@hranoprovod) организира работилница за изработка на зинови.
За крај на роденденот, сите ќе можеме да се забавуваме и да уживаме во музичката изведба на неколку бендови кои ќе ја збогатат атмосфератата со нивните настапи. Музичкиот дел ќе започне во 20:00 часот, а за најава на бендовите следете ги страниците на „Дуња“ на социјалните мрежи.
Покрај сите овие настани, планирани се и два целодневни активности. Посетителите во текот на целиот ден ќе можат да ги проследат изложбите на Марија Трпеска и Стефан Анчевски. Исто така, целиот ден ќе биде отворено бифе со вегетаријанска храна и пијалоци.
Во сликите кои се прикажани во галерија, ќе можете да прочитате опис за секој од настаните.
„Дуња“ ја прават луѓето, а луѓето кои доаѓаат во центарот создале атмосфера која нуди заедништво, солидарност, пријателство, топлина, учење на нови работи, а и забава. Затоа оваа сабота дојдете на роденденот од „Дуња“, за сите заедно да го прославиме постоењето на ова прекрасно место, на зеленилото помеѓу бетонот, на една од светлите точки во целата темнина на системот.
Симона Наумоска
Лектура Е. М.